САД воведоа забранува за извоз на електронски отпад на една година

- Advertisement -

Министерството за трговија на САД објави дека почнувајќи од 27 август, ќе го забрани извозот на отпад што содржи волфрам, како и таканаречената „црна маса“, односно смачкани литиум-јонски батерии, за една година. Мерката е дел од пошироката стратегија на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за зајакнување на домашната индустрија за рециклирање и производството на критични минерали.

Забраната доаѓа откако Трамп минатата недела потпиша извршна наредба со која им се дозволува на федералните власти да го ограничат извозот на отпад богат со вредни критични минерали во Кина и други земји. Волфрамот е особено важен поради неговата примена во производството на челик и одбранбената индустрија, додека „црната маса“ се смета за значаен извор на материјал за производство на батерии, објавува Ројтерс.

- Advertisement -

Одлуката е дел од напорите на Вашингтон да ја намали својата зависност од Кина, која има доминантна улога во преработката на критични минерали потребни за производство на батерии за електрични возила, оружје и други високотехнолошки производи. Во последниве години, Соединетите Американски Држави користеа контрола на извозот, тарифи и владини стимулации за да го развијат својот сопствен синџир на снабдување.

Претставниците на индустријата за рециклирање ја поздравија оваа мерка, нагласувајќи дека чувањето на отпадот во земјата ќе овозможи поголемо производство на критични минерали од рециклирани суровини. Во исто време, властите оставија можност за издавање индивидуални ослободувања на компаниите кои ќе докажат дека забраната ќе предизвика сериозни финансиски тешкотии или непоправлива штета.

- Advertisement -

Сепак, експертите предупредуваат дека САД во моментов немаат доволен капацитет за преработка на целиот отпад што го произведуваат. Неколку компании во секторот за рециклирање се соочија со финансиски проблеми во изминатите година и пол, а некои, како што се Li-Cycle и Ascend Elements, поднесоа барање за заштита од банкрот.

Компанијата Amermin, која се занимава со рециклирање на волфрам, процени дека забраната е корисен потег, но дека сама по себе не е доволна. Компанијата објави дека се неопходни забрзани инвестиции во домашна инфраструктура за рециклирање, наведувајќи дека нивниот нов објект веќе би бил во функција доколку претходно добиеле одобрени средства од Министерството за енергетика на САД.

- Advertisement -

(Biznis)

Фото – Needpix

- Advertisement -