Науката значително го продолжила животниот век и го подобрила квалитетот на животот низ целиот свет преку лекување на болести, развој на нови медицински процедури и подобрување на исхраната.
Ова се петмина научници чии придонеси се проценува дека спасиле најмногу животи.
1. Морис Хилеман
Американскиот виролог Морис Хилеман развил дури 40 вакцини во текот на својата кариера, вклучувајќи ги и оние против заушки, варичела, менингитис и мали сипаници. Се верува дека неговите вакцини спасиле повеќе од 130 милиони животи. Тој, исто така, открил дека вирусите на грип постојано мутираат, менувајќи ги протеините што телото ги препознава за да предизвикаат имунолошки одговор. Ова откритие ги поставило темелите за развој на годишни вакцини против грип.
Кога се појавила заканата од пандемија на грип во 1957 година, Хилеман брзо развил нова вакцина, која го ублажила обемот на епидемијата.
2. Александар Флеминг
Едно од најголемите случајни откритија во историјата се случило во 1928 година, кога шкотскиот микробиолог Сер Александар Флеминг се вратил од одмор и забележал дека еден од неговите Петриеви садови со бактерии е контаминиран со мувла.
Тој забележал дека нема бактерии околу мувлата и заклучил дека таа ослободува супстанца што го спречува нивниот раст. Така го открил пеницилинот, кој може да уништи голем број опасни бактерии. Сепак, не можел да го прочисти за медицинска употреба.
Повеќе од една деценија подоцна австралискиот фармаколог Хауард Флори и неговите колеги успеале да развијат процес за негова употреба во медицината.
Се проценува дека пеницилинот оттогаш спасил повеќе од 200 милиони животи.
3. Сер Фредерик Бантинг
Дијабетесот е група на болести кои ја нарушуваат способноста на телото да го регулира нивото на шеќер во крвта. Дијабетесот тип 1 кај децата порано бил речиси секогаш фатален. Во 1921 година канадскиот фармаколог Сер Фредерик Бантинг го открил инсулинот – хормон што ја регулира апсорпцијата на шеќер од крвта – и покажал дека може да лекува дијабетес кај животните.
Неговиот соработник Џејмс Колип развил процес за прочистување на инсулин за употреба кај луѓето. Се проценува дека заедно спасиле повеќе од 200 милиони животи. Тие го продале патентот за инсулин за само еден долар за да го направат лекот достапен за секој на кого му бил потребен.
4. Професор Норман Ернест Борлог
Американскиот агроном Норман Ернест Борлог развил сорти пченица со висок принос, отпорни на болести во 1950-тите и 1960-тите години, кои биле воведени во Мексико, Пакистан и во Индија. Во тоа време повеќето земјоделци одгледувале сорти со висок принос, но слаба отпорност на болести. Борлог развил метод на вкрстување на сродни сорти, создавајќи нови кои ги комбинирале гените за отпорност на нивните родители.
Неговата работа значително ги зголемила приносите на земјоделските култури и благодарение на подобрата исхрана, се проценува дека спасила околу 245 милиони животи.
5. Професор Карл Ландштајнер
Пред Првата светска војна сериозните повреди и болестите придружени со голема загуба на крв честопати биле фатални. Иако лекарите се обидувале со трансфузија на крв, многу пациенти починале од реакции на крвта на донаторот.
Во 1901 година австриско-американскиот биолог професор Карл Ландштајнер открил дека луѓето имаат различни крвни групи, поради што крвта не е секогаш компатибилна една со друга. Неговото откритие овозможило безбедни трансфузии.
Клучен чекор се случил во 1914 година, кога белгискиот лекар Алберт Истен развил метод што спречувал згрутчување на крвта за време на складирањето и транспортот, правејќи ги трансфузиите практични.
Се проценува дека нивните заеднички откритија спасиле повеќе од милијарда животи низ целиот свет.
(ScienceFocus/021)
(фото: Chat GPT)





























