Пунта Гнифети – познат и како Сигналкупе – на надморска височина од 4.554 метри е местото каде што се наоѓа Rifugio Capanna Regina Margherita, највисокиот објект во Европа.
Кога конечно ќе се појави на хоризонтот, градбата повеќе наликува на масивна метална капсула отколку на планинско засолниште. Од едната страна е опкружена со стрмна снежна падина, додека од другата страна теренот нагло се спушта во бездна длабока речиси еден километар.
Масивот Монте Роза се протега долж границата меѓу Италија и Швајцарија и ги опфаќа некои од највисоките врвови на Алпите. Самиот врв Монте Роза, со висина од 4.634 метри, е вториот највисок врв на Алпите, надминат единствено од Мон Блан.
Пунта Гнифети, локацијата на засолништето, достигнува надморска височина од 4.554 метри. Таму биле изградени истражувачка станица и планинско засолниште, именувани по тогашната италијанска кралица, Маргерита од Савоја.
Кралицата, позната по својот авантуристички дух и љубовта кон физичките активности, инсистирала пеш да стигне до засолништето за неговото отворање во 1893 година. Таа дури и преноќила таму. Повеќе од еден век подоцна Rifugio Capanna Margherita служи како база за научни истражувања, како и планинско засолниште за авантуристи кои сакаат да доживеат екстремни услови и поглед на Алпите од сосема поинаква перспектива.
Секоја година околу 30.000 планинари го посетуваат врвот, додека околу 4.000 одлучуваат да преноќат во самото засолниште.
До Rifugio Capanna Margherita најчесто се стигнува преку организирани тури со водич. Искачувањето до планинскиот дом трае најмалку три дни, а неопходната опрема вклучува дерези, цврсти планинарски чевли и јажиња.
Најголемиот предизвик не е само физичкиот напор, туку и големата надморска височина. За само два дена планинарите се искачуваат од околу 1.200 до 4.554 метри, поради што постепената аклиматизација е од клучно значење.
Патувањето започнува во италијанското планинско гратче Алања Валсезија, сместено практично на крајот од асфалтираниот пат и на почетокот на планинското искачување. Оттаму жичници ги превезуваат патниците до станицата Пунта Индрен, на 3.275 метри надморска височина, каде што групата се среќава со својот водич.
Првиот ден е релативно краток. По нешто повеќе од еден час пешачење преку карпи и снег, групата пристигнува во домот Rigughio Chita di Mantova, (3.498 метри) за да ја помине првата ноќ.
Вистинскиот предизвик започнува следното утро. Алармот ѕвони околу 4:00 часот наутро. Планинарите ги ставаат дерезите, се поврзуваат со јажиња и тргнуваат преку ледникот Лис. Пред нив се протегаат леднички пукнатини, стрмни падини и врвови повисоки од 4.000 метри.
По неколкучасовно искачување низ ледениот предел, претстои последниот, стрмен дел од патеката до планинскиот дом. Кога планината станува дом
Кога конечно ќе влезат во Rifugio Capanna Margerita, екстремните надворешни услови на миг изгледаат многу далечни.
Внатрешноста е едноставна и функционална. Во приземјето се наоѓа просторот за јадење, додека на горните катови се сместени собите за спиење. Во текот на летото домот може да прими до 70 гости.
Тука нема луксуз, приватни соби ниту удобностите што се очекуваат од стандардното сместување. Гостите го делат просторот, бањите и секојдневните активности, но токму тоа поттикнува посебно чувство на другарство меѓу луѓето што стигнале до ова место по истиот напорен пат..
Изолираноста на локацијата дополнително ја усложнува логистиката. Сите залихи пристигнуваат со хеликоптер, па кога временските услови го оневозможуваат летањето, гостите и персоналот се практично отсечени од надворешниот свет.
Иако се наоѓа на надморска височина од над 4.500 метри, планинското засолниште нуди погодности какви што малкумина би очекувале на таква висина – вклучувајќи пица и безалкохолни пијалаци.
Еден од посетителите, кинескиот јутјубер Џианпенг Цуи, изјави дека очекувал многу поскромни услови.
Надморската височина брзо потсетува дека ова не е обичен планински излет. Некои планинари се соочуваат со главоболки, гадење и други симптоми на висинска болест.


























