Кина воведе нови правила со кои дополнително се ограничуваат патувањата на нејзините граѓани во странство. На граѓаните за кои властите ќе проценат дека ја „загрозиле“ националната безбедност или интересите на Кина додека биле во странство може да им се забрани напуштање на земјата во период до три години.
Мерките се однесуваат и на поединци кои се сметаат за закана за индустриската или технолошката безбедност. Кина внимателно ги следи секторите како што се полупроводниците и вештачката интелигенција, во услови на засилено технолошко ривалство меѓу Пекинг и Вашингтон. Извештаите укажуваат дека некои раководители во овие индустрии претходно се соочиле со ограничувања за патување.
Во март беше објавено дека на коосновачите на компанијата за вештачка интелигенција Manus, која беше преземена од „Meta – им било забрането да ја напуштат Кина.
Според новите правила, се очекува граничните службеници да ги советуваат кинеските граѓани да не патуваат во земји и региони што властите ги сметаат за „високоризични“.
Ваквите ограничувања не се сосема нови. Државните службеници беа меѓу првите групи од кои се бараше да ги предадат пасошите на работодавачите и да бараат дозвола за патување. Оваа практика подоцна беше проширена и на вработените во државните претпријатија, како и на други граѓани.
Piyao, кинеска државна платформа за „разоткривање гласини“, наведе дека новите правила не го ограничуваат патувањето на обичните граѓани, туку служат како превентивна мерка насочена кон високоризични дестинации и поединци со невообичаени обрасци на патување.
Властите ја истакнуваат потребата да се спречат инциденти во кои луѓето се мамени да ја напуштат земјата под лажни изговори или се вклучуваат во нелегални коцкарски активности и измами во странство.
Кинеските граѓани моментално немаат начин сами да проверат дали им е забрането напуштање на земјата. Освен ако не добијат официјално известување, тие често дознаваат за забраната дури кога аплицираат за патни исправи или кога се обидуваат да ја преминат границата.
Податоците што BBC ги доби од организацијата Safeguard Defenders покажуваат нагло зголемување на бројот на забрани за напуштање на Кина во последните години. Базата на податоци на Врховниот суд на Кина содржела 89 записи во кои се спомнуваат забрани за напуштање на земјата во 2016 година, додека минатата година таа бројка изнесувала 188.760.
Уделот на пресудите во граѓански постапки што вклучуваат забрани за напуштање на земјата пораснал од приближно 0,23 отсто во 2019 година на 7,3 отсто во 2025 година. Реалниот број на случаи би можел да биде и поголем, бидејќи сè поголем број пресуди не се јавно достапни.
Аналитичарите предупредуваат дека овие мерки би можеле да влијаат и врз активистите за човекови права или врз критичарите на кинеските власти. Професорот Том Келог од Универзитетот Џорџтаун ги опиша проширените ограничувања како „длабоко загрижувачки“, истакнувајќи дека тие им обезбедуваат на властите дополнителна алатка за контрола врз постапките и изјавите на кинеските граѓани додека престојуваат во странство.
(021)
(фото: Pixnio)

























