Google е казнет со 403 милиони евра бидејќи, според ирскиот регулатор, незаконски и нетранспарентно ги обработувал податоците за локација на корисниците во Европската унија.
Ирската комисија за заштита на податоци во понеделникот објави дека утврдила неправилности во начинот на кој компанијата ги обработувала податоците за локација преку опцијата „Активност на веб и апликации“ (Web & App Activity) – поставка што ја следи историјата на пребарување и прелистување – како и преку „Историја на локации“ (Location History), услуга што ги евидентира местата што корисниците ги посетиле со своите мобилни телефони.
Регулаторите исто така наведоа дека Google не постапувал законски, правично и транспарентно при обработката на лични податоци преку функцијата „Точност на локацијата“ (Location Accuracy) во рамките на оперативниот систем Android.
Ирска дејствува како главен регулатор за Google во ЕУ бидејќи европското седиште на американската технолошка компанија се наоѓа во Даблин.
Истрагата беше покрената пред шест години и го испитуваше начинот на кој Google ја применувал Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR) од нејзиното стапување во сила во 2018 година до февруари 2020 година.
„Овој случај се однесува на политики од минатото кои во меѓувреме се ажурирани. Од 2019 година, значително ги подобривме нашите практики и воведовме ефикасни алатки кои го олеснуваат управувањето со податоците за локација“, изјавија од Google како одговор на казната.
Заменик-комесарот Греам Дојл изјави дека податоците за локација можат да бидат и корисни и штетни за поединците. Тој истакна дека, иако таквите податоци можат значително да ги подобрат онлајн услугите, тие исто така можат да откријат огромно количество информации за една личност, вклучително и детали од приватна природа.
Ова е четврта по големина казна за прашања поврзани со приватноста изречена од ирскиот регулатор, по поголемите казни изречени против TikTok и Meta, вклучително и казната од 1,2 милијарди евра за Meta. Регулаторот додаде дека во моментов се во тек уште три истраги поврзани со Google.
(Klix.ba)
(фото: Pixabay)
























