Шпанија ја крати работната недела на 37,5 часа – платите остануваат непроменети

- Advertisement -

Шпанија направи значаен чекор кон скратување на работната недела. Во мај 2025 година владата одобри предлог-закон за намалување на максималното работно време од 40 на 37,5 часа неделно, без намалување на платите на вработените. Доколку предлог-законот ја помине парламентарната процедура, промената би опфатила приближно 12,5 милиони вработени во приватниот сектор, вклучувајќи ги и оние со полно и со скратено работно време.

Во пракса, тоа би значело два и пол часа помалку поминати на работа секоја недела, додека заработката би останала непроменета. Шпанското Министерство за труд процени дека скратувањето на работното време не само што би можело да го подобри квалитетот на животот на вработените, туку и да ја зголеми продуктивноста и да го намали отсуството од работа.

- Advertisement -

„Денес го модернизираме светот на трудот и им помагаме на луѓето да бидат малку посреќни“, изјави тогаш Јоланда Дијаз, шпанската министерка за труд и втора потпретседателка на владата.

Влијанието на промената не би било еднакво во сите сектори на економијата. Работна недела од 37,5 часа веќе важеше за државните службеници и вработените во одредени други сектори; следствено, новите прописи најмногу би влијаеле врз работниците во малопродажбата, производството, угостителството и градежништвото.

- Advertisement -

Клучен елемент на предлогот беше принципот дека пократкото работно време не смее да резултира со помала заработка.

Шпанија ја воведе максималната работна недела од 40 часа уште во 1983 година, кога претходната граница од 48 часа беше намалена за осум часа. Повеќе од четири децении подоцна земјата се движи кон дополнително намалување на работното време. Предлогот наиде на силна поддршка од големите синдикати, но не и од здруженијата на работодавачи.

- Advertisement -

Противниците на мерката предупредија дека таа би можела да создаде дополнителни трошоци за компаниите, особено за малите бизниси и за лицата што вршат самостојна дејност. Посебни резерви изрази каталонската партија Junts, која повремено ја поддржуваше владејачката коалиција. Претставниците на партијата предупредија на можните последици што задолжителното намалување на работното време би можело да ги има врз малите бизниси и самостојните претприемачи.

Ова претставуваше сериозна пречка за владата на Педро Санчез, која немаше сигурно парламентарно мнозинство и ѝ беше потребна поддршка од помалите партии за усвојување на законите. Шпанија веќе имаше експериментирано со пократка работна недела. па идејата луѓето да поминуваат помалку време на работа не беше нова.

По пандемијата на коронавирусот во земјата беа покренати неколку проекти за тестирање на различни модели на организација на работата, вклучително и четиридневна работна недела. Еден таков експеримент беше спроведен во Валенсија. За време на едномесечната програма вработените уживаа во подолги викенди, а резултатите покажаа одредени позитивни промени во нивното секојдневие. Учесниците пријавија поздрави навики – вклучително и зголемена физичка активност – како и пониско ниво на стрес.

Сепак, предлогот за работна недела од 37,5 часа не подразбираше автоматско воведување на четиридневна работна недела. Идејата беше преку законска регулатива да се намали максималниот број работни часови, додека конкретниот распоред би зависел од организацијата на работата, колективните договори и поединечните работодавачи. За милиони вработени суштината на предложената промена беше едноставна: помалку време поминато на работа за иста плата.

Шпанската влада ја претстави мерката како модернизација на пазарот на трудот и начин вработените подобро да ја усогласат работата со приватниот и семејниот живот. Од друга страна, работодавачите и некои политички партии предупредија на трошоците што таквата промена би можела да ги предизвика за компаниите.

Како резултат на тоа, по одлуката на владата, клучната битка допрва треба да се води во парламентот, каде што предлогот треба да обезбеди доволна поддршка за да стане закон.

(Nova.rs)

(фото: Freepik )

- Advertisement -