Научниците открија невообичаено високо ниво на долговечност – особено кај жените – во планински град на Сардинија. Тие истражуваат дали објаснувањето лежи во исхраната, физичката активност, генетиката или силните врски во локалната заедница.
Се чини дека се случува нешто крајно необично во планинскиот град Болотана, во срцето на островот Сардинија, Италија. Токму на овој остров пред повеќе од 20 години научниците ја идентификуваа првата „сина зона“ – регион што се одликува со исклучителна долговечност. Сега, истражувачите можеби откриле уште една област со исклучителна долговечност во Болотана, место лоцирано на околу 110 километри западно од првичната „сина зона“.
Во нова студија објавена во списанието Frontiers in Aging научниците пронашле докази дека жените во Болотана особено имаат тенденција да живеат исклучително долго.
Врз основа на анализа на демографските податоци од 2021 до 2025 година, просечната 70-годишна жена во Болотана може да очекува да живее уште 20,85 години. Оваа бројка го надминува очекуваниот животен век во провинцијата Нуоро (каде што се наоѓа Болотана), кој изнесува 18,61 година, како и просеците за Сардинија (18,40 години) и за Италија во целина (18,06 години).
Уште поимпресивна е проценетата веројатност дека 70-годишна жена во Болотана ќе доживее 100 години. Таа изнесува 13,83%, во споредба со 4,33% во провинцијата Нуоро, 4,43% на Сардинија и 3,54% во Италија. За да се стават овие бројки во меѓународен контекст, истражувачите истакнуваат дека веројатноста 70-годишна жена од Болотана да доживее 100 години е повеќе од трипати поголема отколку кај жените во САД.
Мажите во Болотана не покажуваат толку изразен модел на долговечност. Севкупните податоци за очекуваниот животен век на возраст од 70 години и веројатноста за достигнување на 100-годишна возраст ги вбројуваат жените од Болотана меѓу популациите со најголеми шанси за долговечност во светот, веднаш зад Хонгконг.
„Веруваме дека ова е женската популација со најдолг очекуван животен век во светот или многу блиску до тоа. Ако можеме да ги идентификуваме карактеристиките што стојат зад таа долговечност и да им помогнеме на луѓето да ги усвојат, остатокот од светот би можел да има корист од разбирањето на вредностите што ги негуваат овие заедници.“, вели епидемиологот и коавтор на студијата, С. Џеј Олшански од Универзитетот во Илиноис, Чикаго.
За разлика од жените, мажите во Болотана – иако исто така долговечни – не покажуваат толку изразен модел на долговечност. Според истражувачите, маж на возраст од 70 години во Болотана има малку повисок очекуван животен век – дополнителни 16,02 години – во споредба со италијанскиот национален просек од 15,48 години. Сепак, нивните шанси да ја достигнат 100-годишната возраст се значително поголеми од оние на мажите во остатокот од земјата. Проценетата веројатност изнесува 4,92%, што е повеќе од трипати над националниот просек од 1,41%.
Важно ограничување на студијата е тоа што поради малата популација на Болотана, резултатите од анализата се многу чувствителни на временскиот период што се разгледува. Кога истражувачите го анализирале периодот од 2015 до 2019 година, проценетата веројатност жените да ја достигнат 100-годишната возраст изнесувала само 1,46% – значително помалку од 13,83% забележани за периодот 2021–2025 година. Очекуваниот животен век на возраст од 70 години, кој изнесувал 18,3 години, останал над националниот просек.
Истражувачите првично биле привлечени кон Болотана – која имала население од 2.266 жители за време на периодот на студијата – од невообичаено големиот број стогодишници што живееле во оваа мала заедница. Сепак, долговечноста на жителите не е единствената извонредна карактеристика.
„Она што ја прави Болотана посебна е фактот што таа поседува исклучително добри историски записи, кои ни овозможуваат сигурно да ги утврдиме годините на раѓање и смрт. Општинските и црковните записи датираат од пред неколку века и ни овозможија независно да ја потврдиме возраста. Можеме да ја потврдиме возраста на секое лице што живеело подолго од 100 години. Не постои никаква нејасност.“ вели Олшански.
Причините поради кои жените во Болотана живеат толку долго остануваат непознати. Истражувачите признаваат дека ова прашање било надвор од опсегот на нивната демографска анализа, но напоменуваат дека идните студии на индивидуално ниво би можеле да ги испитаат потенцијалните биолошки, бихевиорални и социјални фактори.
„Неколку механизми би можеле да придонесат за изразената предност во преживувањето кај жените, вклучувајќи ги генетската основа, навиките во исхраната, физичката активност, семејната поддршка, социјалната поврзаност, континуитетот на живеење во местото и пристапот до здравствена заштита.“ пишуваат истражувачите во трудот.
Можеби и самата животна средина игра улога. Олшански укажува на тоа дека жителите живеат во стрмен, ридест предел, каде што голем дел од храната се произведува локално, а социјалната изолација е ретка појава.
„Станува збор за заедница со силни меѓусебни врски, каде што луѓето се грижат едни за други. Луѓето главно се движат пеш, наместо со автомобил.“ вели Олшански.
Идните истражувања ќе треба да потврдат во која мера секој од овие фактори придонесува кон долговечноста. Сепак, сега кога Болотана е препознаена како потенцијално жариште на исклучителна долговечност, голема е веројатноста дека научниците ќе ѝ посветат поголемо внимание.
Резултатите од студијата укажуваат на тоа дека Болотана би можела да биде кандидат за статусот на долговечност „сина зона“ (Blue Zone).
„Сега знаеме дека во Болотана се случува нешто извонредно. Следниот чекор е да разбереме зошто се случува ова и дали овие сознанија можат да им помогнат на луѓето на други места да живеат подолго и поздраво.“, вели Ден Бјутнер, коавтор на студијата и истражувач на долговечноста, како и основач на компанијата Вlue Zones Inc., која го промовира и комерцијализира концептот за долговечност „сини зони“.
(N1)
(фото: Pexels/Lorna Pauli)


























