Австралиската влада има за цел да ги забрани чет-ботовите со вештачка интелигенција кои се обидуваат да поттикнат „емоционална блискост“ со децата.
Овој потег доаѓа по загриженоста изразена од премиерот Ентони Албанези во врска со децата кои ги доживуваат овие дигитални асистенти како свои „најдобри пријатели“.
Предлог-законот, кој се однесува на „дигитална должност за грижа“, беше усвоен во Претставничкиот дом во средата, а во наредните недели ќе биде предмет на расправа во Сенатот. Владата се надева дека законот ќе стапи на сила до крајот на 2026 година, иако неговото усвојување во горниот дом останува неизвесно. Партијата на Зелените го поддржува предлог-законот, додека опозициската Коалиција најави дека нема да гласа „за“.
Предложената правна рамка воведува нови стандарди за безбедност на интернет за платформите на социјалните мрежи, игрите, апликациите и чет-ботовите. Од технолошките платформи ќе се бара да обезбедат безбедна онлајн средина и да ги заштитат корисниците од штетна содржина. Исто така, од платформите на социјалните мрежи ќе се бара да овозможат опција за исклучување на алгоритамските препораки и предложената содржина.
Министерката за комуникации, Аника Велс, изјави дека законот ќе опфати содржини што промовираат мизогинија, тероризам, самоубиство, самоповредување и нарушувања во исхраната.
Владата ги прифати амандманите предложени од независната пратеничка Кејт Чејни, со кои одредени активности на чет-ботовите со вештачка интелигенција се додаваат на листата на штетни содржини. Од платформите ќе се бара да го забранат „материјалот или однесувањето што симулира емоционална блискост и поттикнува или негува зависност кај детето, како замена за човечките односи“.
Обраќајќи му се на Парламентот, Албанези предупреди на опасностите што ги носат ваквите односи.
„Приказните што ги слушаме за луѓе кои сметаат дека чет-бот – нешто што не е човек – им е најдобар пријател, треба да послужат како сериозно предупредување за секој член на овој Парламент дека мора да бидат подготвени да преземат дејство“, рече премиерот.
Опозицијата гласаше против предлог-законот. Предлог-законот сега оди во Сенатот, каде што партијата на Зелените иницираше истрага за новите прописи; извештај се очекува до крајот на ноември. .
(021)
(фото: Chat GPT)






























