Мате Римац, основачот на хрватската компанија Rimac Automobili, годинава се натпреварува за наградата Бизнисмен на годината во Хрватска. Неговата компанија развива електрични возила, а приходите ги темели на батерии и погонски системи.
Тој преку сопствен пример ја менува сликата за претприемништвото и бизнис заедницата во својата држава.
Освен Rimac Automobili која ја основа во 2009 година и се проценува дека денес вреди 200 милиони евра, тој ја отвори и компанијата Greyp bike. Неодамна склучи договор за инвестиција од 30 милиони евра со кинеската Camel Group која произведува батерии. Иако има бројни понуди за да ја продаде компанијата, тој вели дека продава само делови бидејќи сака да остане најголемиот сопственик.
Римац денес вработува околу 250 луѓе кои имаат просечна плата од 1 300 евра. Живее и работи во Самобор, Хрватска и не планира да заминува од државата, туку да ја прошири компанијата и да го дуплира бројот на вработени.
Според него, важно е да се менува погледот на свет и да се размислува глобално, особено кога се работи за вработените.
„Во секоја технолошка компанија луѓето се на прво место. Ние се бориме да ги привлечеме најдобрите луѓе. Вработуваме дури и луѓе од САД, Германија, Ирска, Австралија, иако и нашите луѓе одат да работат во тие земји. Работничките права се флоскула, ние се обидуваме кај нас тие да бидат на врвно ниво.“, изјавил Мате Римац за Poslovni Dnevnik.
Римац уште нема 30 години. Тој вработува инженери, како и луѓе кои имаат знаење и страст истовремено. Неодамна вработил момче кое дошло кај него во компанијата со електричен велосипед кој сам го склопил во својот дом. Римац не му побарал CV, ниту пак бил заинтересиран за образованието на момчето. Електричниот велосипед пред него бил доволен доказ за стручноста на момчето.
„Луѓето кај нас сметаат дека идејата е многу важна, но идејата е само 1% работа, потребно е целосно одрекување од работите во животот за да се дојде до идеја до компанија која ќе храни цели семејства.“, додал Римац.
Rimac Automobili денес е една од 50те најбрзорастечки компании во Европа, а првиот производ – автомобилот Concept One – е еден од најбрзите електрични автомобили на светот. Моментално работи на нови модели на производи и батерии и погонски системи за електрични возила.