Хрватските стартапи досега имаат привлечено дури 100 милиони долари инвестиции, објави најголемиот европски фонд за ризичен капитал кој инвестира во стартапи, Atomico. Тоа е прва таква проценка досега. Atomico годинава собра нови 765 милиони долари за инвестиции во европски стартапи, а сега е видливо дека на радар има и стартапи од Хрватска.
Poslovni dnevnik пренесува дека според истражувањето The State of European Tech, кое Atomico го објави на најголемата стартап конференција во Европа, Slush, која се одржа во Хелсинки, Хрватска по инвестициите во стартапи се наоѓа веднаш зад Луксембург, Литванија, Португалија и Кипар.
Најмногу инвестиции во стартапи привлече Велика Британија – 5,4 милијарди долари само годинава. Следува Германија со вкупно 11,4 милијарди долари инвестиции, од кои годинава 2,5 милијарди долари. На трето место е Франција со вкупно 10 милијарди долари инвестиции, од кои годинава 2,1 милијарда. Потоа следуваат Шведска, Шпанија, Холандија, Русија и Швајцарија.
Според податоците на Atomicо, во југоисточна Европа најуспешни по привлекувањето капитал се стартапите од Хрватска. Atomico не објави податоци колку инвестиции имаат добиено хрватските стартапи годинава, но ако се погледнат само инвестициите кои ги доби Мате Римац во Rimac Automobili, бројката е прилично голема.