Викторија Спасовска ја прими Наградата за најдобро дипломиран студент, која Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје секоја година традиционално ја доделува на студентите кои покажале сестраност и особен придонес во развојот на образованието преку нивното промовирање на успехот како идеал
„Оваа награда за мене претставува совршено заокружување на прекрасното академско искуство кое ми го овозможи правниот факултет. Таа е потврда на добро воспоставената вистина дека посветеноста и истрајноста, упорноста, амбицијата и трудољубивоста, но пред сé, љубовта кон она што се работи, секогаш водат кон бессомнен успех. Правото е интрикантно-испреплетена сфера, чие изучување бара филигранска прецизност и наложува секојдневно надоградување, читање, учење, практицирање. Од таа причина, доделената награда за мене е и мотивација да се потсетам дека мојата приказна не завршува со дипломирањето, туку напротив, тоа е само прологот. На повидок се кариерните предизвици кои ме радуваат и инспирираат“, вели Викторија Спасовска
Како дел од тимот на КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП, консултантска компанија која специјализира во областа на деловното право, Викторија Спасовска се докажува како професионалец во своето поле на работа и надвор од факултетските амфитеатри.
За паралелата помеѓу теоретското знаење и практичното работење, таа вели: „Правото е една од оние области за кои луѓето често умеат да кажат дека теоријата понекогаш не соодвестува на праксата. Моето досегашно искуство ми покажува дека тој став наврати се покажува како вистинит, но, во ниту еден случај не може да се замисли практично работење без добро поставени теоретски фундаменти. Единствено преку свесност за правната логика, тревезност во размислувањето и прецизност во дејствувањето, сето поткрепено со знаење кое прејудицира многу читање, може да се зборува за работење како добар практичар. Мојата моментална позиција на правен консултант во КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП ми овозможува да учам од ментори кои се докажани правни експерти и кои несебично го споделуваат целото знаење кое го имаат. Уште повеќе, чувствувам дека моите правнички вештини се изоструваат преку предизвикувачките проекти на кои работиме, а кои целат кон промоција и поддршка на женското, семејното и социјалното претприемништво и кои забележуваат значителен општествен импакт“.
За понатамошните очекувања, Викторија Спасовска е одлучна: „Правото е незапирливо и постојано еволуира. За да се остварам како професионалец во ова поле, никогаш нема да престанам со надоградување и грабење по што повеќе знаења и искуства“.