Полицијата во градот Темпе во Аризона јас истражува сообраќајната несреќа во која бил вклучен самоуправувачки автомобил на превозната компанија Uber и пешак во понеделникот наутро. Како што јавуваат медиумите до сега, автомобилот на Uber бил ставен во опција на самоуправување кога ја удрил жената која чекорела по дел на улицата која не била означена како пешачки премин. Таа подоцна им подлегнала на повредите во болницата.
Портпаролката на Uber изјавила дека компанијата е свесна за сериозноста на инцидентот и целосно ќе биде вклучена во истрагата. Во официјалната изјава која Uber ја даде за порталот TechCrunch стои:
„Нашите срца се со семејството на жртвата. Целосно соработуваме со локалните власти во нивната истрага на овој инцидент.“
Локалните власти во Темпе изјавиле дека првичната истрага покажала дека жената не поминала на назначениот пешачки премин на улицата и дека би било многу тешко да се спречи несреќата дури и станувало збор за автомобил управуван од човек. Иако возилото било во опција за самоуправување, зад воланот бил присутен возач кој пак изјавил дека не ја видел жената кога минувала, туку само го слушнал ударот.
Во меѓувреме, New York Times објави дека Uber привремено ќе го стопира тестирањето на самоуправувачки автомобили во Темпе, Питсбург, Сан Франциско и Торонто. Ова е прв случај во светот во кој прегазениот пешак подлегна на повредите од самоуправувачкиот автомобил.