Oд денеска стартуваат јавни огласи за седум програми и мерки за вработување од Оперативниот план за вработување, најави вчера директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска
„Заинтересираните од денеска може да аплицираат за учество во програмата самовработување, субвенционирање на плати, обука на работно место кај познат работодавач, обука за стручни квалификации според барање на работодавачите, обука за побарувани занаети, програмата практиканство и програмата за работно ангажирање – јавни работи. Овие програми и мерки ќе бидат отворени за апликација сè додека не се пополни предвидениот опфат на корисници и не се исцрпат финансиските средства предвидени за реализација“, рече Јовановска.
Вчера во малата сала во Филхармонија се одржа панел дискусија помеѓу владини претставници на институциите, претставници на бизнис заедницата и корисниците на мерките на којашто се презентираше Оперативниот план за вработување за 2019.
Во рамки на овој настан Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации во нашата држава, Нарине Сахакиан заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска имаа свои воведни обраќања.