Сребрен и два бронзени медали освоија македонските ученици – информатичари на 27-мата Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2019) која од 9-ти до 14-ти септември се одржа во Атина, Грција.

Сребрениот медал за Северна Македонија го освои Мартин Динев од с. Пирава, Валандово, додека двата бронзени медали ги освоија Андреј Величковски од Куманово и Благојче Павлески од Прилеп. Четврти член на македонскиот тим беше Владимир Шарковски од Скопје, а со тимот раководеа м-р Емил Станков и Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), д-р Миле Јованов, кој воедно е и повеќегодишен претседател на оваа олимпијада, вели дека заедно со овој резултат оваа година македонските ученици на интернационалните натпревари по информатика во Грција, Азербејџан и Словенија освоија вкупно 2 сребрени и 5 бронзени медали, со што го продолжија континуитетот на одлични претставувања во меѓународни рамки и потврдија по кој знае кој пат дека со знаењето што го поседуваат од областа на компјутерските науки можат да се носат рамо до рамо со своите врсници ширум целиот свет. Уште повеќе, годинава во Атина е освоен досега најсилниот медал за државава, по поени близок до златните медали.

Главен организатор на БОИ 2019 беше Здружението на информатичари на Грција, со поддршка од грчкото Министерство за образование и верски работи. БОИ е регионален натпревар од областа на компјутерските науки за средношколци, на кој традиционално учествуваат вкупно по 4 од најдобрите ученици избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на земјите-членки на БОИ заедницата. На годинешното издание учествуваа вкупно 44 натпреварувачи од следниве 12 балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Северна Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција. Дополнително, како претставници на земја-гостин на олимпијадата, во неофицијална конкуренција учествуваа и ученици од Италија.

Учениците од македонскиот тим за БОИ 2019 беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој што редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година беше поддржан од Агенцијата за млади и спорт, Фондот за иновации и технолошки развој, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Нетцетера, Грабит, Докстим, Сорсикс, Семос едукација и Хаселт. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Следната, 28-ма по ред, Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2020), ќе се одржи идната година во Словенија.

(www.radiomof.mk)