Три еколошки организации упатија правно предупредување во екот на интензивните дебати околу претстојната легислатива на ЕУ за супстанциите PFAS, која се очекува во 2027 година. Минатата недела тие поставија ултиматум до францускиот производител на садови за готвење Groupe SEB поради употребата на PFAS – долготрајни, вештачки хемиски супстанции, познати и како „вечни хемикалии“.
Groupe SEB е сопственик на брендот Tefal, кој сè уште користи PFAS во дел од своите садови за готвење со нелеплива површина.
Според организациите ClientEarth, Generations Futures и Notre Affaire à Tous, пристапот на компанијата кон „вечните хемикалии“ е „застарен и несоодветен“ и не ги исполнува законските барања утврдени во францускиот закон за корпоративна одговорност.
„Не е доволно само да се санкционираат производителите на PFAS за нивните постапки; компаниите понатаму во синџирот на снабдување – оние што всушност ги користат овие PFAS супстанции – исто така мора да покажат дека е можен пазар без PFAS“, изјави за Euronews, Елен Диге, правен експерт за животна средина во ClientEarth.
Како одговор на обвинувањата, Groupe SEB изјави за Euronews дека ќе ја разгледа содржината на наводите и доколку е потребно, ќе одговори во согласност со законот.
Овие обвинувања доаѓаат во критичен момент од дебатата за супстанциите PFAS во рамките на Европската унија (ЕУ). Брисел е под притисок да ги забрани „вечните хемикалии“, но индустриските групи се залагаат за што е можно повеќе исклучоци, со цел да избегнат целосно исфрлање на овие супстанции од своите производи.
Но, што точно им пречи на невладините организации (НВО) кај Groupe SEB и какво значење има ова за пошироката регулатива на ЕУ во однос на супстанциите PFAS? Организациите, меѓу кои се ClientEarth, Generations Futures и Notre Affaire à Tous, упатија официјално правно предупредување до Groupe SEB. Сепак, доколку компанијата во следните три месеци јавно не се обврзе постепено да ја укине употребата на PFAS супстанциите, би можело да следи тужба, се наведува во соопштението за јавноста на ClientEarth. Конкретно, невладините организации тврдат дека во најновиот план за корпоративна будност на Groupe SEB — правен документ задолжителен според француското законодавство — PTFE (политетрафлуороетилен) е означен како „безбеден“, при што не се признаваат ризиците што тој ги носи, ниту пак се разгледуваат мерки за нивно ублажување.
PTFE е вид на PFAS супстанца што се користи во садовите за готвење произведени од Tefaл поради нејзините својства да одбива вода, дамки и маснотии. За разлика од други токсични PFAS супстанци, како што се потенцијално канцерогениот PFOS и канцерогениот PFOA, PTFE не е поврзан со појава на рак; сепак, неговата употреба доведе до тоа компанијата Groupe SEB да се најде под лупата на јавноста.
Во јули 2025 година три француски еколошки организации поднесоа тужба против оваа мултинационална корпорација, обвинувајќи ја за измамнички деловни практики. Тужбата се фокусира на рекламна кампања во која Tefal ги промовира своите нелепливи облоги како „безбедни“ — тврдење кое, според еколошките групи, ги минимизира ризиците поврзани со PTFE.
„PTFE не е токсичен. Сепак, процесите вклучени во неговото производство и отстранување може да доведат до ослободување на токсични PFAS супстанци“, изјави Ханс Петер Арп, професор по хемија на животната средина на Норвешкиот универзитет за наука и технологија.
Конкретно, отстранувањето на производи што содржат PTFE преку нивно согорување може да резултира со ослободување на опасни хемикалии во животната средина.
„Ако ги имате овие производи [со PTFE] во вашиот дом — а многумина од нас ги имаат, вклучително и јас — можеби не го загадувате сопствениот животен простор, но можеби сте придонеле за загадување во областа каде што е произведен PTFE или пак на идната депонија каде што тој на крајот ќе заврши. Ако сакате да ги разберете ризиците од одредена PFAS супстанца, како што е PTFE, мора да го разгледате целиот синџир на вредности“, објаснува Арп.
Во текот на последните неколку години се води интензивна дискусија во врска со PFAS супстанциите Прашањето се разгледува во рамките на ЕУ, која се обврза да ги забрани „вечните хемикалии“ во секојдневните производи за широка потрошувачка, притоа дозволувајќи исклучоци за секторите што се сметаат за критични, како што се одбраната и здравството. Индустриските лобисти во моментов работат на обезбедување што е можно повеќе исклучоци од оваа регулатива.
Официјален предлог се очекува да биде претставен на почетокот на 2027 година, бидејќи Европската комисија го чека конечниот извештај од Европската агенција за хемикалии, кој треба да биде готов во декември.
(Euronews)
(фото: Pexels/Pedro Ribeiro)






























