10.9 C
Skopje
четврток, ноември 21, 2019

Горјан Јовановски и тим волонтери прават систем за пријавување помош за текстилните работници

Kabtel desktop

Написите по медиумите за третманот на текстилните работници и работнички, односно дека во фабрики се држат заклучени однадвор, но и барањата на газдите за продолжување на работното време во оваа индустрија, беше поттик за Горјан Јовановски за нова апликација – анонимен систем за помош, за онлајн пријавување на прекршоци кон работниците, oбави Радио МОФ.  

Активистот и креатор на МојВоздух за Радио МОФ вели дека читајќи како се прекршуваат работничките права, а истовремено инспекции и казни за тоа има малку, решил да собере тим од волонтери што ќе помогнат да направат ваков систем за онлајн пријавување.

„Планот е системот да не само ги препраќа пријавите до инспекторатот и во одредени случаи до МВР, туку и да ги агрегира податоците со цел да може да воочиме во која индустрија или работодавач има најголем број пријави од одреден карактер. На тој начин, сакаме да ги направиме овие податоци видливи пред јавноста, а на работиците да им овозможиме нивниот глас да биде чуен“, објаснува Јовановски.

Тој нагласува дека иницијативата ја работат заедно со Здружението „Гласен текстилец“, кои ги знаат овие проблематики на самиот терен.

„Волонтерите се супер луѓе, кои имаат и техничко, и дизајн и правно познавање, со цел да направиме еден прекрасен проект“, вели Јовановски.

Всушност, дополнува програмерот, овој проект е дел од негов поголем план за активирање на граѓаните да преземат чекори околу решавање на проблеми што државата не сака/не може да ги реши.

„Мојата улога во проектот е минимална, како координатор, и целосното водство го препуштам на дечките да ја носат идејата во насока во која веруваат е најдобро. Се надевам ова ќе служи како пример за други да не чекаат иницијатива да се појави, туку да креираат сопствени!“, вели Јовановски.

Инаку, состојбите со текстилците поттикнаа реакции и нов протест, кој ќе се одржи на 10 ноември (недела). „Гласен текстилец“ повика за поддршка на текстилните работници, а повод се барањата на газдите, меѓу кои и продолжување на работното време, укинување на празници за да нема дискотинуитет во производството и замрзнување на придонесите.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •