Facebook ги објави најновите бројки со кои ги потенцира своите напори да ги отстрани штетните содржини од оваа популарна платформа. Како што откриваат, за три месеци отстраниле 11,6 милиони објави кои се однесувале на злоставување деца. Отстранувањето на штетните содржини се случувало во периодот од јули до септември годинава.
Facebook по прв пат ги објави и бројките за Instagram, вклучувајќи ги и податоците за отстрранување на објави поврзани со самоубиство и самоповредување. Овој потег на технолошкиот гигант следува после негодувањата во врска со смртта на 14-годишната девојка Моли Расел. Тинејџерката се самоуби во 2017 година, а нејзиниот татко тогаш на нејзиниот профил на Instagram пронашл поголема количина објави за самоубиство.
„Ги отстрануваме содржините кои прикажуваат или поттикнуваат на самоубиство или самоповредување, вклучувајќи и одредени графички фотографии и прикази во реално време за кои експертите велат дека би можеле да ги наведат луѓето да се однесуваат лошо кон себеси“ велат од Facebook.
Според извештајот за отстранување на содржините преку кои се злоставувани деца, 11,6 милиони објави се однесувале на голотија и сексуално вознемирување. Од нив 754.000 објави биле отстранети од Instagram. Повеќе од 99% од овие содржини се откриени проактивно, што укажува на тоа дека компанијата и понатаму се потпира на извештаи од трети страни за околу 2,5 милиони објави кои се поврзани со самоубиство и самоповредување.
Facebook отстранил и 4,4 милиони објави поврзани со дрога, од кои 1,5 милиони се отстранети од Instagram. Исто така, отстранети се и 2,3 милиони објави поврзани со продажба на огнено оружје, од кои 58.600 се избришани од Instagram. Од социјалната мрежа велат дека отстраниле и 99% од содржините поврзани со терористичките организации од типот на Ал Каеда.