Научници претставија пет потези што би можеле да го сменат текот на климатската криза во рок од пет години

- Advertisement -

Голема нова студија, спроведена од организацијата Earthshot Prizе и Универзитетот во Ексетер, идентификуваше 51 решение способни да поттикнат „брзи и трансформативни промени“ за обновување на планетата во текот на следните пет години.

Неодамнешниот извештај на Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP) предупреди дека порастот на глобалната температура веројатно ќе надмине 1,5 Целзиусови степени во следните неколку години, со што ќе се надмине границата утврдена со правно обврзувачкиот Париски договор за климата.

- Advertisement -

Ова би забрзало значителен дел од деградацијата на животната средина, на која веќе е изложен природниот свет – од намалувањето на ледените покривки до порастот на нивото на морињата и „невиденото опаѓање“ на коралните гребени и прашумите.

Од UNEP наведуваат дека „не постојат добри исходи доколку останеме над 1,5 степени“ и дека владите мора да се фокусираат на тоа секое надминување на оваа граница да биде што е можно помало и пократкотрајно. Сепак, истражувачите тврдат дека сè уште не е доцна, идентификувајќи 51 решение за глобалните проблеми, поделени во пет приоритетни групи – или пет „Earthshots“ (големи потфати за планетата), како што ги нарекле тие.

- Advertisement -

По најтоплиот август досега – кој го израмни рекордот со јули 2023 година – и во услови на развој на силен феномен Ел Нињо над Тихиот Океан, истражувачите наведуваат дека студијата претставува „нова, обединета агенда за позитивно дејствување“.

„За да ја поправиме штетата нанесена на нашите екосистеми пред да биде предоцна, мора да ги активираме позитивните преломни точки каде што напредокот се надоградува сам по себе, трошоците опаѓаат како што се шири примената, а закрепнувањето станува самоодржливо“, вели професорот Тим ​​Лентон, експерт за климатски промени и наука за системот на Земјата на Универзитетот во Ексетер.

- Advertisement -

Обновливите извори на енергија, како што се сончевата енергија и енергијата на ветерот, веќе ги поминаа позитивните преломни точки на многу пазари и се клучни за ставање крај на зависноста од фосилните горива. Минатата година сончевата енергија и енергијата на ветерот учествуваа со рекордни 30 проценти во производството на електрична енергија во Европската Унија, надминувајќи ја, за првпат, енергијата произведена од фосилни горива. Во истиот период производството на сончева енергија во ЕУ достигна рекордни 369 TWh (терават-часови), што претставува зголемување од 20 проценти во споредба со претходната година. Се проценува дека до 2030 година само сончевата енергија ќе ги намали емисиите во Европската унија за 154 милиони тони еквивалент на јаглерод диоксид годишно. Ова е еднакво на вкупните емисии на стакленички гасови на Холандија во 2023 година.

„Бидејќи чистата електрична енергија истовремено овозможува електрична мобилност, топлински пумпи, чиста индустрија и чист воздух, ова е транзицијата со најголемо влијание меѓу сите пет иницијативи ’Earthshot‘. Главните пречки сега се проширувањето на електричната мрежа, реформирањето на процедурите за издавање дозволи и недостигот на инвестиции во чиста енергија во Глобалниот југ“, се наведува во извештајот.

Иако Африка располага со 60 отсто од најдобрите светски ресурси за сончева енергија, континентот добива помалку од два отсто од глобалните инвестиции во чиста енергија. Некои од најголемите африкански економии – како Јужна Африка, Мароко и Нигерија – веќе ги забрзуваат плановите за развој на домашно производство на опрема за сончева енергија со цел да се намали зависноста од кинескиот увоз, кој моментално доминира на глобалниот пазар.

Мароко го удвои својот производствен капацитет, на околу еден гигават годишно. Јужна Африка се одликува со сличен капацитет, додека во Египет се пуштаат во употреба проекти од гигаватни размери.

„Пред неколку години локалното производство на опрема за сончева енергија речиси и да не беше тема во Африка. Сега, тоа станува препознаен столб на индустриската политика и на зелениот економски развој“, изјави за новинската агенција АП, Бенџамин Кларк, директор за политики во Асоцијацијата за индустрија на сончева енергија на Африка (Africa Solar Industry Association).

И покрај подемот на чистата енергија, околу 2,1 милијарда луѓе сè уште користат цврсти горива за готвење. Ова е главната причина за загадувањето на воздухот во затворени простории и значаен извор на „црн јаглерод“, попознат како саѓи.

„Чистото готвење се приближува до пресвртна точка на неколку пазари, бидејќи системите за сончева енергија со плаќање по користење и компаниите за чисто готвење брзо се шират кон Источна и Јужна Африка. Во Латинска Америка и делови од Азија преминот кон течен нафтен гас (ТНГ) е главно завршен, носејќи здравствени придобивки за милиони луѓе“, се наведува во извештајот.

Истражувачите посочуваат дека добро осмислените и доследно спроведени мерки за заштита на океаните довеле до „видливо закрепнување“ на рибните ресурси и биодиверзитетот во последните години.

„Како што локалните заедници ги чувствуваа придобивките од заштитата на морето, така се ширеа заштитените подрачја и се забрзуваше напредокот. Ова дополнително ја зајакна прехранбената сигурност на крајбрежните популации и отпорноста кон климатските промени, што се потврдува со примери како што е Морскиот парк на Големиот корален гребен во Австралија“, се вели во извештајот.

Долгоочекуваниот Договор за отворено море стапи на сила претходно оваа година, означувајќи историска пресвртница за заштитата на светските океани. Поимот „отворено море“ се однесува на сите морски подрачја надвор од националните јурисдикции, вклучувајќи го морското дно и водениот столб – вертикалниот слој на вода што се протега од површината до дното. Станува збор за меѓународни води кои покриваат повеќе од две третини од светските океани, односно речиси 50 проценти од површината на планетата.

Отвореното море, кое некогаш се сметаше за пуст и негостопримлив простор, денес од научниците се гледа како еден од најголемите резервоари на биодиверзитет на Земјата. Тоа игра витална улога во регулирањето на климата и ги поддржува клучните циклуси на јаглерод и вода.

Сепак, човечките активности претставуваат сè поголема закана за отвореното море. Алијансата за отворено море (HSA) предупредува дека деструктивните риболовни практики, како што се влечењето мрежи (траулинг) и нелегалниот риболов, го загрозуваат морскиот свет, покрај другите проблеми како што се загадувањето со пластика и хемикалии, ископувањето на морското дно и закиселувањето на океаните предизвикано од глобалното затоплување.

Договорот сега им овозможува на државите да воспостават поврзана мрежа на заштитени морски подрачја на отворено море. Таквите подрачја можат да бидат усвоени со гласање дури и во отсуство на консензус, со што се спречува една држава да го блокира нивното воспоставување.

Договорот, исто така, ги поддржува земјите во развој преку градење капацитети и трансфер на поморски технологии, за да бидат опремени да развиваат, да спроведуваат, да следат и да управуваат со идните заштитени подрачја на отворено море.

Повеќе студии покажаа дека растечката глобална побарувачка за месо, особено за говедско, е еден од клучните фактори што го поттикнуваат уништувањето на прашумата во Амазон.

Истражување од Универзитетот во Манчестер, објавено претходно оваа година, на пример, покажа дека до 80 отсто од расчистеното шумско земјиште се претвора во пасишта за добиток, додека пропустите во следењето на синџирите на снабдување овозможуваат продолжување на уништувањето на шумите.

Извештајот „Позитивни пресвртни точки“ (Positive Tipping Points) предупредува дека концентрацијата на глобалните синџири на снабдување со говедско месо, соја (често користена како храна за добиток), палмино масло, дрвна граѓа, какао и кафе – кои вклучуваат мал број купувачи и финансиери – ги прави овие субјекти главни виновници за уништувањето на тропските шуми.

Сепак, регулативите како што е Регулативата на ЕУ за уништување на шумите – која гарантира дека производите што ги консумираат граѓаните на ЕУ не придонесуваат кон уништување на шумите или деградација на шумските екосистеми ширум светот – би можеле значително да ја променат ситуацијата, особено ако поттикнат промени кај други големи увозници како Кина, Обединетото Кралство и САД.

Истражувачите нагласуваат дека создавањето соодветни услови за достигнување пресвртна точка во секоја област е од клучно значење. Тие издвојуваат три предуслови неопходни за сите пет потенцијални иницијативи „Earthshot“: достапност во поглед на цената, физичка достапност и атрактивност.

Во извештајот, исто така, се забележува дека сите пет иницијативи „Earthshot“ се „длабоко меѓусебно поврзани“ и често ги делат истите услови, инфраструктура и ризици во рамките на еден единствен систем.

На пример, наглиот развој на производството на чиста електрична енергија би можел да ги забрза позитивните пресвртни точки во сите пет области, додека пречките како што е недостигот на инвестиции во Глобалниот југ би можеле да го забават напредокот токму во регионите на кои тој им е најпотребен.

„Предолго преовладуваше мислењето дека решенијата за климатската и еколошката криза се недостижни. Ова ново истражување еднаш засекогаш го руши тој мит, Ова клучно истражување ни дава причина за оптимизам. Имаме план како да ги претвориме амбициите во дела и да ја насочиме нашата планета кон брзо закрепнување.“, изјави Џејсон Ноф, извршен директор на организацијата Earthshot Prize.

(Euronews)

(фото: Pixabay)

- Advertisement -