Ученици од седмо до деветто одделение од повеќе градови денеска правеа експерименти и покажуваа што научиле во рамки на манифестацијата „Ноември – месец на науката, што се одржува на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Учениците имаат можност да слушаат научно-стручни популарни предавања, презентации и работилници, како и да учествуваат во натпревар за изведување експерименти и изработки.
„Настанот се организира во ноември и е наменет е за деца од основно и средно, каде подготвуваат експерименти од природните науки и математиката, ги презентираат и освојуваат прво, второ и трето место, и сертификати за учество. Од стана на студенти, од страна на сите здруженија вклучени во организација на настанот , се подготвуваат предавања и работилници за наставниците и учесниците. Минатата недела кога беа најмладите од прво до шесто одделение, студентите по географија организираа работилница за географија и запознавање со Македонија преку играње плочка, брза географија и читање карти“, појасни Александар Стојановски од Истражувачкото здружение на студенти географи „Природник”.
Организаторите се надеваат дека на овој начин ќе ги зголемат ентузијазмот и креативноста на младите вљубеници во науката и истражувањето. Манифестацијата започна минатата недела, со учениците од прво до шесто одделение, а ќе се затвори на 30 ноември со настани наменети за ученици од средни училишта. Годинава се вклучени 800 ученици.
Главен организатор на манифестацијата е Македонското географско друштво, во соработка со Македонското биолошко друштво, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, Друштвото на физичарите на Република Македонија, Сојузот на математичари на Македонија, Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво, Македонското еколошко друштво, Истражувачкото друштво на студенти биолози, Истражувачко друштво на студенти географи и Природно-математичкиот факултет.
Извор – www.radiomof.mk