21 C
Skopje
петок, јуни 5, 2020

Тони Гламчевски од Франција: Мојот живот со КОВИД-19!

Kabtel desktop

Тони Гламчевски е познат македонски новинар кој скоро 30 години живее и работи во Нанси, Франција.

По професија е лингвист-завршил факултет по pуски, српски и македонски јазик во Франција. Работи како преведувач-толкувач симултано и последователно. Но неговата прва и најомилена професија е новинарството.

Неговата сопруга Бландине е доктор по социологија, но работи како директорка на Меѓународниот филмски фестивла во Нанси, чиј претседател е нејзиниот сопруг Тони.

Нивното семејство брои шест члена. Имаат четири деца: синот Аурелиен (25 години), и ќерките Ема (18 години) и близначките Жулиет и Леа (12 години).

Неодамна Тони, неговата сопруга и најголемата ќерка се позитивни на КОВИД-19.

Разговараше – Љубица Ангелкова

Кои беа првите симптоми кои ги почувствувате?

Првите симптоми ги почувствував јас на 8 март! Прво како болка на грлото, кои наликуваат на почетокот на ангина, со мала слабост и покачување на температурата, како настинка. Тие симптоми исчезнаа по два дена. Два дена како мирување на инфекцијата и веднаш тоа покачување на температурата, но скоро во границите на нормалата, пропратено со потење, посебно во ноќните часови, главоболка. Потоа следуваат епизоди кога ви студи и не можете да се затоплите – со треска. Се појавија и грчеви во мускулите, по што следеше силен замор. Апетитот се губи, а врв на тоа јас го изгубив и вкусот и мирисот пред седум дена. Вкусот и мирисот се уште не е вратен, иако веќе се чувствувам добро, се разбира како ќе прележите грип. На крајот имам мала кашлица.

Кај мојата сопруга Бландине, која сигурно јас ја контаминирав, се јавија симптомите на 15 март. Слични како тие што ги имав и јас, со таа разлика што таа остана подолго, скоро десет дена прикована во креветот, без апетит, со болки во мускулите. За разлика од мене, таа се консултира со нашиот домашен доктор, кој веднаш изрази сомневање за Ковид-19, пуштајќи ја на боледување од 15 дена и со единствен третман – парацетамол и со совет ако дојде до влошување на ситуацијата да се јавиме на брза помош за евентуална хоспитализација. За среќа до тоа не дојде. А двајцата почувствувавме проблем со отежнато дишење.

Тестови не беа извршени, бидејќи Франција не практикуваше тестови во тој момент за „лесните“ случаи како нашите, бидејќи беа резервирани само за лицата кои беа на болничко лекување.

Ќерка ми Ема ги имаше овие симптоми само три дена, со губење на вкусот и мирисот без компликации. Додека другите членови на семејството не покажаа никакви симптоми. Значи половината од семејството бевме болни.

Љубица АНгелкова, Тони Гламчевски и неговата сопруга Бландине

Дали евентуално знаете каде го добивте вирусот?

Јас мислам дека го добив за време на мојата преведувачка работа, која меѓу другото се состои да преведувам за лекарските екипи во Универзитетската болница од Нанси, кога има пациенти кои доаѓаат од подрачјето од поранешна Југославија и не го разбираат францускиот јазик. Но со сигурност не можам да кажам, бидејќи имав преведував и во судовите, а претходно на враќање од Македонија на 26 февруари поминавме преку аеродромот од Мулуз, град кој е едно од жариштата на епидемијата во Франција. А тука е и мојата активност со Филмскиот фестивал, каде се среќаваме со многу членови на фестивалската екипа и публиката. Значи постојат повеќе можности за контаминацијата. Јас повеќе мислам дека го добив вирусот на болница, со оглед дека во болницата веќе имаше неколку пациенти заболени од Ковид-19, а се уште не беа преземени драстични мерки на изолација.

Какви се бројките во Франција со Ковид 19?        

Генералниот директор за здравство на Франција, Жером Саломон објави дека досега (27 март 2020 ) имало 1995 смртни случаи од „Ковид-19“, од кои 299 смртни случаи во последните 24 часа.Ова се бројки само од болниците, бројот на починатите може да биде повисок.

Покрај тоа, 32.964 случаи биле потврдени со тестот ПЦР. Податоците од 623 здравствени установи укажуваат на тоа дека 15.732 лица се хоспитализирани за инфекција со Ковид 19 , додека 3.787 се на интензивна нега во сериозна состојба.

Една третина од хоспитализирани пациенти се помлади од 60 години, 42% се помлади од 30 години. Покрај тоа, 85% од смртните случаи се на возраст над 70 години. Бројот на излекувани е 5700.

Вчера на 27 март имало 3.788 посети на ургентно од лица за кои се сомнева дека имаат коронавирус, исто така, имало 1.384 интервенции од страна на СОС-доктори.

Според Генералниот директор за здравство, 5 отсто од луѓето со коронавирус се хоспитализирани. Според неофицијалните бројки бројот на заболените во Франција е многу поголем, можеби два пати повеќе од официјалните бројки. бидејќи и ние кои ги имавме истите симптоми на коронавирусот не сме пребројани. Како заболени се сметаат само оние кои имаат потврден тест. Тестовите масовно треба да започнат да се користат  од понеделник.

Каква е состојбата во вашиот град?

Во Нанси започна во Универзитетската болница – една од најдобрите во Франција која започна со примање на пациенти од Алзас, поточно од Мулуз, Колмар и Стразбур, но набрзо капацитетите на болницата за интензивна нега се преполнија. Така овој викенд се очекува првата евакуација на пациенти со ТГВ (брзиот воз со медицинска опрема) кон помалку погодените региони во Франција. Денес со хелихоптер беа пренесени пациенти од болницата во Мец на лекувања во соседна Германија.

Какво е француското здравство, кои се Вашите искуства во фазата на лекување?

Францускиот здравствен систем е можеби еден од најдобрите во Европа и светот. Болниците и клиниките се со врвни специјалисти во сите области, па и во областа на инфективните и тропски заболувања. Пожртвуваноста и професионалноста на медицинскиот персонал е голема. За ова можам да сведочам, бидејќи последниве три години редовно сум во контакт со доктори-специјалисти и професори на Медицинскиот факултет во Нанси.

Како што реков, јас не се обратив до доктор директно за лекување на Ковид-19, но земав од самиот почеток парацетамол. Имав телефонска консултација со доктор -специјалист за заболувања на белите дробови, со кој обично работам како преведувач, бидејќи сите странци кои доаѓаат да живеат во Франција мораат да поминат тест за туберколоза. Тој ми потврди дека опасноста од компликации од вирусот трае од првиот ден кога ќе се добијат симптомите до 10-от ден. Затоа е потребна претпазливост. Бројот на излекуваните од Ковид 19 е 5700 лица.

Овој период сите сме преплавени со информации за болеста и состојбата во светот. Од каде главно следевте информации и вести?

Од официјалните прес конференции на француската влада и здравствените власти, а редовно добивам и електронска пошта со сите информации и се разбира преку француските медиуми, од кои најмногу од веб изданијата на печатот.

Дали во Франција го имате проблемот на лажни вести и сеење на страв?

Да, како и насекаде во светот, француските не се имуни на лажните вести. Повеќе од една четвртина од Французите веруваат дека новиот коронавирус е произведен во лабораторијата, од кои  17 отсто мислат дека тој е создаден „намерно“ и 9 отсто „случајно“, се вели во студијата спроведена за фондацијата Жан Жорес и Опсерваторијата за конспирационизмот Конспираси Вач.

Во однос на политичката определба, симпатизерите на РН (крајна десница) 40 отсто веруваат дека овој вирус е „намерно“ направен во лабораторија, а 15 отсто „случајно“. Спротивно на тоа, поддржувачите на Републиката во движење само  2 отсто сметаат дека тој е направен во лабораторија.

Истото сомнение е и кај Американците. Слична студија беше спроведена од Центарот за истражување Пју и покажува дека 29 отсто од Американците сметаат дека коронавирусот е направен во лабораторијата (23 отсто „намерно“ и 6 отсто„случајно“). Руди Рајхштат, основач на „Conspiracy Watch“ и Жереми Фуркет, директор на центарот за јавно мислење и деловни стратегии во Ифоп, заклучуваат дека Французите „не се многу помалку заговорници од Американците за потеклото на новиот коронавирус“.

Студијата исто така ги потврдува претходните истражувања кои покажаа дека „најмладите генерации и најзагрозените социјални категории остануваат најподложни на заговор“. Така, 27 отсто од оние под 35 години веруваат дека вирусот бил развиен „намерно“ во лабораторија наспроти само 6 отсто од оние над 65 години.

Неколку научни статии покажуваат дека „Ковид-19“ не е создаден, а потоа патентиран во лаборатории и дека лажните информации што станале „вирусни“ кои се потпираат на патенти што се однесуваат на различни вируси, кружат на Интернет. Но не треба да им се верува.

Според Вас кои се чекорите на превенција за оние кои не се заболени од Ковид 19?

Ќе одговорам на француски – Pendant quelques semaines, être proches, c’est se tenir à distance. Во превод: Во текот на неколку недели, да бидеме блиски значи да се држиме на растојание.

Всушност ако сме носители на вирусот почитување на мерките на самоизолација, карантинот за оние кои биле во контакт со заболени или во подрачја каде што имало жариште. Почитување на санитарните мерки на редовно миење на раце, лична хигиена, носење на маска (кога се има) кога сте заразени или се сомневате дека сте заразени.

Кој е најдобриот совет кој го добивте во овие денови кога се лекувате?

Да се борам со вирусот и да го победам! Поточно да се одмарам, бидејќи овој вирус навистина го истоштува телото.

Како успеавте да ги изолирате Вашите деца и како комуницирате? 

Не направивме некои посебни изолациони мерки, и веќе беше предоцна. Јас бев заразен, потоа сопругата и возрасната ќерка. А и навистина е тешко, кога живееме во стан. Затоа, оние кои не се контаминирани, а се наоѓаат во своите домови, треба да ги избегнат сите непотребни контакти со луѓето од надвор, бидејќи вирусот е невидлив и никој не знае дали го има во првите неколку дена од заразата. Сега сметам дека навистина сум подобро и изглегов од вирусот, но се уште не излегувам надвор за случајно да не заразиме други лица.

Најголемата лекција е дека сите ние – луѓето без разлика на бојата на кожата, религијата, националноста, социјалниот статус, воспитувањето, образованието и културата се еднакви пред еден невидлив микроскопски непријател – вирус

Како ги врвите деновите на лекување, се вративте ли на некои стари навики, на некои заборавено хоби или…?

Деновите навистина се долги, многу подолги од вообичаено. Бидејќи пред да се разболам навистина имав преполни денови со активности. Јас добар дел од борбата со вирусот, со исклучок можеби на еден или два дена, кога навистина морав да останам во креветот, ги поминав со работа известувајќи за МИА и Македонското радио. Инаку сите мои интервенции како преведувач од 15 март беа откажани, како во болниците, судовите итн. Потоа читање на книги, кои вообичаено не можеме да ги прочитаме или ни е потребно многу повеќе време во текот на годината. Слушаме музика заедно целото семејство. Сопругата посебно се грижи за наставата преку интернет на Леа и Жулиет, таа им помага. Потоа, тука се заедничките семејни кино-сеанси во домашен амбиент. А како што реков, со Бландине се грижиме и раководиме со Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, нас не ни недостигаат филмови. Само годинава се запишани за нашето најново издание околу 3000 филмови, од кои околу 2500 се краткометражни.

А од француската влада само што толку ни најавија дека ќе мора да останеме дома до 15 април најмалку, со предупредување од премиерот Едуар Филип: „Првите 15 дена од април ќе бидат уште потешки од 15-те дена што ги живеевме“.

Како се гледа на пациентите кои се лечат од Ковид 19 во Франција? Читаме премногу текстови ширум светот кои зборуваат за ксенофобија и слични појави кои го дрмаат човештвото заради неинформираност и ограничени погледи на светот во кој живееме.

На почетокот имаше ксенофобија и расизам, посебно кон лицата кои се со азиско потекло. Но откако епидемијата-пандемијата беше евидентна и таа се појави во Франција, се промена погледот, бидејќи заболените се нивни соседи или пријатели. За прв пат денес во печатот се појавија и имиња на жртвите на Ковид-19, како на 16 годишната Жули – најмладата жртва на коронавирусот, која сигурно ќе биде и лицето на сите жртви. Се стравува многу за старите лица кои се во старечките домови и за лицата кои живеат сами. Секоја вечер во 20 часот на прозороците им се аплаудира на медицинскиот персонал. Се разбира, има непочитување на мерките за ограничено движење. Над 220.000 казни беа изречени од силите на редот, кои извршија скоро 4 милиони контроли.

Се појави непријателско расположение кон членовите на евангелистичката црква Отворена врата, која на својот пред велигденски собир во Мулуз на која имаше околу 3.000 присутни лица во текот на една недела на молитви и славење, се покажа дека е едно од жариштето на епидемијата.

Вториот викенд на ограничено движење, очигледно е дека Французите ја сфатија сериозноста на кризата. Која како што ни најавуваат дека најголемиот бран од епидемијата се очекува на крајот на идната недела.

Светот дефинитивно нема да биде ист после оваа пандемија. Кои се лекциите кои треба да ги научиме?

Да светот нема да биде ист. Се надевам. Бидејќи човештвото често во својата историја се соочувало со епидемии, војни, кризи и секогаш ветувало дека ќе ги промениме нашите навики. Не не сум песимист, туку реалист. Доволно е да се види реакцијата на почетокот од мерките за ограничено движење – како луѓето се однесуваа во супермаркетите – секој за себе. Потоа однесувањето на европските лидери и земјите членки на ЕУ – затворање на граници, солидарноста само во устите, а не и на дело.

Најголемата лекција е дека сите ние – луѓето без разлика на бојата на кожата, религијата, националноста, социјалниот статус, воспитувањето, образованието и културата се еднакви пред еден невидлив микроскопски непријател – вирус. Вирус кој не потсети дека сме ефемерни. Или како што испеа Ѓорѓе Балашевиќ: “Зошто сето ова се случува, дали човекот нешто решава или сме тука, за рамнотежа меѓу ѕвездите.”

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •