Македонските паметни лежечки полицајци, поставени на две локации во Скопје, докажано го намалуваат загадувањето до 90%!

- Advertisement -

Побезбеден сообраќај, почитување на дозволената брзина на движење и помало загадување на воздухот, се ефектите од двата паметни лежечки полицајци, кои се поставени на две локации во Скопје. Компанијата Smartbumps, веќе неколку години развива иновативна технологија со која се “казнуваат” само возилата кои ја пречекоруваат дозволената брзина на возење, за разлика од класичните лежечки полицајци, кои се пречка за сите возила кои минуваат. Иновативноста на Smartbumps е во тоа што тие ја „читаат“ брзината на возилото, кое доколку вози со дозволена брзина минува на рамен пат, но ако се движи побрзо, паметниот полицаец се крева од асфалтот и ефектот е ист како кај класичните препреки.

На овој начин, паметната технологија обезбедува да не се забавува сообраќајот, туку само да биде побезбеден и да се заштедат големи количини гориво. Со тоа се намалува процентот на издувни гасови во воздухот, што е многу важно, особено за градови како Скопје, кои имаат сериозни проблеми со загадувањето на воздухот.

- Advertisement -
Паметен полицаец на улицата „Вера Циривири Трена“

Двата паметни лежечки полицајци веќе неколку месеци активно работат на улиците „Вера Циривири Трена“ и на „Орце Николов“ во Скопје.

Првиот бенефит од нив, вели Виктор Настев, еден од творците на оваа иновативна технологија, е што во изминатите неколку месеци е избегнато непотребното малтретирање на повеќе од еден милион возила, кои се движеле во рамките на дозволената брзина, кои доколку би имало класични препреки, би требале да закочат и застанат за да ги преминат. Со тоа, исто така е избегната емисија на околу 14 тони CO2 во воздухот, на секоја од овие локации.

- Advertisement -

Нашите мерења од паметните лежечки полицајци се многу позитивни. Сообраќајот е забавен и бројот на возила кои ја пречекоруваат брзината на првата локација е само 3%, а на втората е 8% од возилата, бидејќи на првата локација најголемиот број на возила се резиденти и поминуваат секој ден, па го имаат научено полицаецот, а на втората локација има доста возила кои поминуваат таму за прв пат, па ги игнорираат знаците. Меѓутоа, многу поважно е што и возилата кои го надминуваат лимитот не возат толку бргу како порано, односно речиси сите возат под 50 километри на час, а лимитот е 30 километри на час“, објаснува Настев.

Многу студии во светот покажале дека поставување на уреди за смирување на сообраќајот како лежечки полицајци го намалуваат бројот жртвите од сообраќајни несреќи за повеќе од 50%. Поради фактот што возачите кои го почитуваат ограничувањето на брзината минуваат низ рамен пат, паметните полицајци се дури и поефективни од традиционалните, бидејќи повеќе возачи го почитуваат ограничувањето. Сепак, главната предност на паметниот лежечки полицаец е што безбедноста на сообраќајот се постигнува без негативните ефекти кон загадување на околината. Напротив, таа е за над 90 отсто помала и тоа најчесто во околина на училишта и градинки, каде што најчесто и се поставуваат ваков тип на препреки.

главната предност на паметниот лежечки полицаец е што безбедноста на сообраќајот се постигнува без негативни ефекти врз загадување на околината

- Advertisement -

„Реализирањето на овој принцип на работа на лежечките полицајци е комплексно, но можам да кажам дека сум горд на нашиот тим со кој успеавме да направиме квалитетен и робусен производ кој е комплетно наша технологија. Во најновите продукти развивме нова генерација на лежечкиот полицаец, во кој ги вклучивме сите искуства од работата на првите прототипови кои и поставивме на улица во реални услови. Во меѓувреме, нашата иновација беше препознаена на повеќе меѓународни саеми за иновации, каде добивме неколку награди, меѓу кои и сребрениот медал на саемот Taiwan Innotech Expo во Тајван кој е еден од најзначајните саеми за иновации во светот“, посочува Настев.

Објаснува дека тимот кој стои зад иновативната технологија постојано работи на подобрувања на механичкиот дел, на сензорите и на софтверот. Паметниот полицаец, покрај тоа што го регулира сообраќајот, исто така ги брои сите возила, чува запис кога точно поминало возилото, со која брзина и дали се активирал лежечкиот полицаец. Со тоа, иновативната технологија дава и добра слика за тоа што се случува на сообраќајниците каде што е поставен паметниот уред и кои се ефектите од него. Настев вели дека, иако во план на тимот е да го развива производот и понатаму, тој веќе подолго време е во зрела фаза, односно е спремен за продажба и експлоатација.

„Се подготвуваме за производство на првична серија, имаме преговори со неколку инвеститори, но се уште немаме конкретни активности. Досега имаме одлична соработка и поддршка и од Фондот за иновации и технолошки развој. Имаме партнери во Европа и на Блискиот Исток, а има доста интерес и од САД. Заради ситуацијата со пандемијата, работите се малку забавени, неколку саеми каде што требаше да ја претставиме нашата технологија беа откажани, но во последните неколку недели имаме повторно зголемени активности“, објаснува Настев.

Сподели!
- Advertisement -