Македонска иновација: мобилна веб камера која овозможува професорите да гледаат директно во листовите додека учениците прават писмена работа

- Advertisement -

Мобилна веб камера со сталак, наменета за олеснување на процесот на онлајн предавање и учење условено од корона кризата е најновата иновација на Димитрија Ангелков, професор по компјутерски науки во средното училиште „Киро Спанџов-Брко“ во Кавадарци. Ангелков, освен неговите ученици, го познава и пошироката јавност. Тој повеќе од пет години се занимава со иноваторство реализирајќи иновативни решенија за многу проблеми кои не опкружуваат. На неговиот список изуми се паметната канта за отпад и тулите направени од собраната пластика, интерактивната училишна табла, респираторите за медицинска употреба, како и најновиот изум, стар само десетина дена, веб камерата за онлајн предавања.

Иноваторот Ангелков најновата иновација ја претстави на Inno Cafe Велес пред голем број на млади и ученици од градот, каде што зборуваше за иноваторството, љубовта кон техничките науки и можностите кои истите ги даваат за развој на кариера.

- Advertisement -

Сите луѓе се на некој начин иноватори. Јас како професор ги знам сите проблеми на младите, меѓу кои и најновиот, наметнат од кризата со пандемијата на Ковид 19, како да се одржи онлајн час на кој ученикот ќе може без проблем да следи предавањето, а професорот да може да го провери знаењето на своите ученици. Тоа беше предизвикот за најновиот изум, мобилна веб камера“, посочува професорот Ангелков.  

Сите елементи за оваа иновација, вели Ангелков, се наоѓаат во најблиската продавница за железарија, каде за помалку од 500 денари може да се склопи држачот за малата камера, која чини исто толку. Со најновиот изум, се решава проблемот, особено на професорите со послаби компјутерски вештини, како да ги снимат предавањата. Камерата е лесно пренослива, стои самостојно и може да се намести на било која површина, катедра или маса и може да снима директно во учебникот или работните листови. На тој начин, вели професорот, учениците имаат директен поглед во задачите, а и обратно, доколку треба тие да работат писмена работа, професорот гледа директно во нивните листови.

- Advertisement -

„На овој начин е лесно на далечина да се провери знаењато на учениците. Решението е многу евтино. Делови за него има речиси секаде, нема физички недостатоци бидејќи е лесно и стабилно, работи со било каква камера, а решава голем проблем. Она што е најважно, не треба долг период или големи финасии за набавка. Доколку е потребно би можеле да произведеме стотина во еден ден“, вели Ангелков.

Како долгогодишен образовен работник, речиси сите негови иновации се поврзани со олеснување на работата на неговите ученици и подобрување на образованието во земјава. Тој е автор на првата паметна интерактивна табла на Балканот, а дури и неговите паметни канти за отпад се дел од училиштата и процесот на образование. Преку нив децата учат како да селектираат отпад на правилен начин, бидејќи кантата која користи софистицирана вештачка интелигенција, не дозволува во неа да се фрли ништо друго освен ПЕТ пластика. Сепак, иновациите на Ангелков одат и на повисоко ниво, па така тој од собраната пластика од неговите канти започнал да произведува тули за поплочување на тротоари.

- Advertisement -

„Најновиот модел на паметна канта препознава облик, текстура и други параметри на шишињата и прави автоматска распределба на отпадот во шест внатрешни оддели. Ние ја собираме пластиката, ја преработуваме и произведуваме павер елемент за тротоари. Тоа е идеално решение за еколошко заокружување на животниот век на отпадната амбалажа. Овие едноставни решенија ни се неопходни доколку сакаме да одиме напред, а да живееме во почист свет и да не се гушиме во ПМ 10 честички“, вели професорот Ангелков.

Тој вели дека работата на нашите иноватори мора да се цени и поддржува, бидејќи нивните изуми се директни и евтини решенија за нашите проблеми. Раскажува дека од почетокот на пандемијата не спиел со денови за да создаде респираторна машина, која во тоа време беше неопходна во Ковид центрите и успеа да направи 20 респиратори кои чекаат сертификација во Словенија. Професорот Ангелков вели дека иноваторството никогаш нема ниту да му здодее, ниту пак да го напушти.

„Јас работам секоја вечер од 21 часот до полноќ. Тоа време ми е доволно да ги канализирам сите идеи на кои сум наишол во текот на денот. Тоа се идеи кои доаѓаат од просторот, од настаните околу нас. Но, за да се реализираат во вистински правец и од нив да излезе иновативно решение мора да сте во постојана интеракција со другите луѓе, да комуницирате, да се смеете, да свирите, да ширите позитивна енергија. Така се раѓаат иновациите“, вели Ангелков.

Сподели!
- Advertisement -