-5 C
Skopje
петок, ноември 27, 2020

Од автомобилски бизнис до нутриционизам, студиите на Технолошко-металуршкиот факултет за Миодраг Стојановиќ отвориле многу можности

Kabtel desktop

Професионалната кариера Миодраг Стојановиќ, ја започнува по завршување на студиите на Технолошко-металуршки факултет во Скопје, со компанијата „Новус“ (1989 год), бидејќи автомобилите биле негова прва љубов.

Студиите на овој факултет за Миодраг Стојановиќ отвораат можности во многу области во техничко технолошкиот свет на иновативност и инспирација до нутриционизам и здрава исхрана.

Претприемачкиот дух и иновативноста на м-р Миодраг Стојановиќ инженер технолог придонесуваат да започне професионална кариера во автомобилскиот сектор користејќи ја најновата патентирана Американска НОВУС технологија за поправка на оштетени ветробрански стакла и да стане НОВУС – Македонија дел од светскиот бизнис ланец NOVUSInc. USA.

„Како инженер технолог се посветив на работата со автомобилите, бидејќи тоа ми беше желба од детството. Неоспорен е фактот дека како студент на Технолошко-металуршкиот факултет добив техничко образование која ги прошири моите видици и визијата во полето на техниката и технолошкиот развој за движењето на светските техники и технологии. На факултетот учевме предмети поврзани со економијата, машинството, хемијата, и други, преку кои стекнав знаења кои ми овозможија да станам покреативен, овозможувајќи да се снаоѓам во која било ситуација во која се наоѓав подоцна во животот, контактирајки со искусни инженери и менаџери од техничкиот развој на светските брендови како што се DOWAutomobile, SekuritSaintGobain, AGC, Guardian, Pilkington, Teroson, Loctite.

Со цврстата волја, знаењето, енергијата и младешкиот ентузијазам кои ги имавме со мојот деловен партнер, станавме претставници на „Новус“. Еден од најбитните услови на NOVUSInc – USA како матична компанија, беше дека право на конкурирање имаат само технички лица со добро познавање од областа на технолошкиот развој на автомобилизмот, услови јас и мојот партнер во целост ги исполнувавме иако бевме на 22 годишна возраст. Бевме ентузијасти со визија и технички добро потковани.

Развојот на „Новус“ од 1989 година започна со забрзано темпо, тоа го налагаа условите, бидејќи во тој момент се случија големи Макроекономски промени во светот и во нашата држава, имплементирање на новите светски техники и технологии за сервисирање на возила, кој ние во соработка со нашите странски партнери преку обуки ги имавме добро усовршено и можевме самостојно да ги користиме, што овозможи нашите клиенти да добијат квалитетна услуга иста како во Западно Европските сервисни центри. Новитетите се однесуваа на: новата техника и технологија на лепење на сите стакла за шасијата од возилата, почнаа заштита на возилата со алармни уреди, подобри радија и аудио озвучување, централно заклучување со далечинско управување, клима фолии со висока УВ и ИЦ заштита.

Понатаму, нашиот претприемачки дух, енергија и младост не поттикнаа кон новото техничко-технолошко достигнување во светот, МОБИЛНАТА ТЕЛЕФОНИЈА.

Од 1996 год. кон НОВУС го додадовме нашиот нов бизнис, кој ветуваше многу работа и добар профит. Доколку некој водел статистика за снабдување на нашата држава со мобилни уреди, лидерското место секогаш ќе биде резервирано за НОВУС со директни увози од Европските држави и производители, како и застапништвото и сервис центар на BOSCH и регионални сервиси за ERICSSON, NOKIA и Panasonic.

Со изградбата на сопствен сервис во сервисна зона ЈУГ (К. Вода) во 1998 година на површина од 2.500 м2 од кој 1000 м2 е сервисно – административна површина, пристапивме кон нови техничко-технолошки истражувања од светот на автомобилизмот, а се однесуваа на вградување на клима уреди за сите видови автомобили кои немаа фабрички вграден ваков уред, како и нивна поправка и одржување.

Нашите чести патувања на автомобилските саеми во Европските метрополи (Париз, Франкфурт и Женева) ни овозможија да создадеме соработка со излагачи и презентери на новитети од целиот свет, но секако за да можеме да ги разбереме новитетите и формираме визија за нивна идна примена во наши услови моравме да бидеме технички спремни, како би биле компетитивни соговорници од аспект на техничко-технолошките иновации.

Нашиот следен чекор по 1998 година беше отпочнување со работа на одделот за сервисирање на каросериски поправки и фарбање на возила при сообраќајни незгоди и сопствени оштетувања на каросеријата. Набавувајќи ја најсофистицираната опрема за каросериско калибрирање до фабрички димензии од Шведскиот производител CAR-O-TRONIC (кој до денес е ненадминат) повторно дојде до израз инженерското (техничко-технолошко) образование кое ни помогна да направиме правилен избор на добри машини и алати за извршување на овие сложени технички операции за калибрирање и поправка на возилата до фабрички димензии.

Нашето понатамошно истражување од областа на автомобилизмот, 2000 година не насочи кон светскиот тренд на возење на возилата на алтернативни еколошки горива, со што дојдовме до идеја да отпочнеме со вградување на плински уреди за возилата, со што клиентите би се возеле поевтино, а ние би се приклучиле кон светската кампања за подигање на еколошката свест и станеме општествено одговорни. Притоа склучивме договор со застапништво на Холандската фирма PRINS, а потоа и со италијанската компанија LOVATO со кој продолжуваме да соработуваме.

„Новус“ продолжува во чекор со времето развивајќи го бизнисот. Најновата генерација на автомобили се со совршена техничко-технолошка подготвеност, односно возилата се опремени со навигација и GPRS уреди, камера за контрола на правецот на движење на возилата, сензор за дожд, камера за магла и лимитирање на брзина, уреди на самозакочување на возилата при наидување на препреки и други возила, дисплеј за визуелни информации од возилото вграден во предното ветробранско стакло (HeadUpdisplay), грејачи за одмрзнување и одмаглување на стаклата, радио и GPS антени и алармни сензори. Сите овие индукциски сензори најчесто се наоѓаат вградени во предното ветробранско стакло како најголема активна површина во предниот дел од возилото и временските услови, со цел да возачот и сопатниците да имаат удобно и безбедно возење. Сите овие техничко-технолошки иновации вградени во возилата бараат добро инженерско знаење кое се стекнува на Технолошкиот факултет со точно избрани предмети и лабораториски вежби и истражувања.

Освен со автомобилска опрема, во кариерата сте се испробале и на други полиња, како што е нутриционизмот?

Да, мојот дух не ме остава мирен. Ја продолжив мојата наобразба и магистрирав – нутриционизам. Причина за тоа е што повеќе од 20 години се занимавам со билкарство. Моја пасија е планинарењето што е поврзано со собирањето и препознавањето на билки. Мојата баба исто така се занимаваше со билкарство, иако тогаш тоа јас не го доживував толку сериозно, но, подоцна увидов што значи набрано еколошко и чисто растение, на пример од Шар Планина или Галичица. Растенијата од овие локации, без разлика дали е кантарион, ајдучка трева или нешто друго, се со многу поголема концентрација на активни компоненти од останатите локации низ Македонија. Билките ги подарувам секогаш кога ќе слушнам дека некој има некаков проблем или потреба и знам кој чај за која состојба помага. Започнав да се занимавам и со комплементарна медицина, а најмногу ме инспирираше кинеската традиционална медицина, чија филозофија подразбира истовремено излекување и на човековото битие и на душата. Тие дошле до заклучок дека имунолошкиот систем е најважен како прва одбранбена линија на организмот при напад на бактерии, вируси и штетни микроорганизми.

Вие сте и увозник на реиши и кордицепс медицинските печурки. Како дојдовте до идеја да се занимавате со тоа?

Ме фасцинираа билките кои немаат апсолутно никави нуспојави, а помагаат да организмот добие силен имунитет и имунолошки систем. Тоа се медицинските печурки реиши и кордицепс, кои со право го добиле името ЛЕК НА КРАЛЕВИТЕ И КРАЛ НА ЛЕКОВИТЕ според традиционалната кинеска медицина,

Мојата магистерска теза беше „Активни компоненти во реиши печурката“. Веќе 15 години соработуваме со најголемиот производител на реиши и кордицепс во Кина. Како инженер технолог секако, ги направив сите испитувања поврзани со квалитетот на овие медицински печурки, читајќи ги анализите од лабораториските испитувања кои се однесуваат на составот, примесите и присуството на активни компоненти и полнители, со цел на нашиот пазар да увезам квалитетен производ. Поминавме со серија испитувања на производите и во Македонија добивајќи сертификати за квалитет, со што добивме позитивно мислење од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство за непречен увоз на овие медицински печурки докажани на европскиот и светскиот пазар. Тоа е вториот дел од мојата биографија. Посветен сум на нутриционизмот и на советување на луѓето за создавање на здрави навики од областа на исхраната и користењето на додатоци кон исхраната за превентивно делување во насока на подобрување на здравјето на луѓето.

Каков е интересот на купувачите на македонскиот пазар за печурките?

Ние бевме пионери во повеќето бизниси, па така и во овој бизнис, односно ни требаше време на луѓето да им ги предочиме и објасниме користа од овие медицински печурки кој доаѓаат од далечниот Исток. Искуството, знаењето и имплементација на билкарството сега се споделуваат, но порано биле чувани како големи тајни. Потентноста на овие две медицински печурки ме фасцинираа, тоа го потврдуваат секојдневно задоволните клиенти. Советите кој ги добиваат за превенција и користење на додатоците кон исхраната на многу клиенти им помогнале да надминат многу здравствени проблеми и изградат силен имунитет и имунолошки систем.

Како студирањето на Технолошко-металуршкиот факултет влијаеше на развојот на вашата кариера и бизниси?

Инженерското образование стекнато на Технолошко-металуршкиот факултет кој е еден од најкомплексните технички факултети, е солидна основа за успешен развој во кариерата и бизнисот, првенствено заради разновидноста на предметите, но и поради сериозната посветеност на професорите. Моето инженерско образование и стекнати вештини ми помогнаа успешно да ги совладам сите индустриски и техничко-технолошки турбуленции станувајќи инженер и бизнисмен со самодоверба и знаење. Поминувајќи низ бројни трансформации во согласност со општествените промени, Технолошко-металуршкиот факултет се разви во модерна високообразовна институција, која многу успешно се приспособува на потребите на современите образовни и научни текови.

Би сакал да заклучам, доколку имате солидно инженерско образование, убеден сум дека ќе се снајдете во секоја ситуација во животот и во бизнисот.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •