-5 C
Skopje
петок, ноември 27, 2020

„МИКРОЕКОˮ решение за макропроблемите во земјоделството и животната средина

Kabtel desktop

Линданот е органохлорен пестицид кој од страна на IARC (International Agency for Research on Cancer), во јуни 2015 год. е класифициран како канцерогена супстанца од категорија 1. Во 2009 година линданот и два од неговите изомери беа вклучени во Стокхолмската конвенција за неразградливи органски загадувачи (POPs), со цел да се постигне глобална елиминација на овие супстанции.

Според податоците на POPs канцеларијата при МЖСПП, во 1999 г., потрошувачката на пестициди во земјоделството била 462 t годишно. Но, тогаш не биле забранети за употреба дел од пестицидите кои во моментов се на листата на Стокхолмската Конвенција. Со оглед на количините на пестициди кои се користеле во минатото, од 1950-1999 г., а особено во седумдесетите години на минатот век, а имајќи ја предвид нивната перзистентност, се очекува дека голем процент од површините на почвите има одредено загадување со овие супстанции.

Заштитата на животната средина е императив на работењето на ,,Фармахемˮ ДООЕЛ. Работејќи во таа насока, со поддршка од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, во моментов го реализираме пилот проектот ,,МИКРОЕКОˮ – иновативна технологија со примена на аеробни микроорганизми до помалку пестициди во почвите.

Во рамки на проектот паралелно се развиваат иновативен производ и услуга, од кои најголем бенефит ќе имаат земјоделците кои поседуваат земјоделски обработливи површини, а особено регистрираните произведувачи на органска храна во С. Македонија. Тие ќе најдат примена и во заштитата на животната средина на секое место каде има информации дека во минатото прекумерно се користеле органохлорни пестициди. Во трудот на авторот Капац од 1975 год. има податоци дека дури и во високите планински пасишта од источна, јужна и западна Македонија се користеле пестициди од кои линданот бил застапен со 21%.

Производот за биоремедијација на загадени почви со прочистување на линданот и други пестициди, кој во моментов е во фаза на развој, ќе биде патентиран кон крај на 2021 г. Со него ќе се третираат пониските концентрации, со потполно природен препарат изработен од аеробни гранулирани автохтони микроорганизми, екстрахирани од самата почва која се третира. Производот ќе биде изработен со zero discharge технологија која нема да ја загадува животната средина. Предноста е што е еколошки прифатлив tailor made производ, значително поефтин во однос на познатите физичко-хемиски технологии за ремедијација на почвата, но  и безбеден за аплицирање на обработливите површини. Во моментов, првичните лабораториски испитувања покажаа ветувачки резултати и физиолошка предност на изолатите од нативни микроорганизми во споредба со комерцијално – достапните производи на пазарот.

Вториот дел е услуга на Фармахем Лабораторија за животна средина, акредитираната лабораторија според ISO 17025, која ќе помогне во следење на концентрациите на пестициди при аплицирање на производот, што е предмет на научноистражувачката работа во проектот ,,МИКРОЕКОˮ. Со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој, се набави соодветна опрема и Фармахем Лабораторија за животна средина стана единствена лабораторија во С. Македонија со акредитирани методи за земање и анализа на пестицидот линдан и неговите изомери во почва. Досега, сите вакви анализи на почва се правени во акредитирани лаборатории надвор од нашата држава.

Со реализациja на проектот ,,МИКРОЕКОˮ на ,,Фармахемˮ ДООЕЛ, ќе се придонесе за решавање на горливиот проблем со загадувањето на почвите, а со тоа индиректно и подземните и површински води, воздухот, како и земјоделските производи кои директно влијаат врз здравјето на луѓето. Резултатите на овој проект индиректно ќе доведат и до подигање на јавната свест за состојбата со животната средина.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •