0 C
Skopje
петок, јануари 15, 2021

ФИТР: Основан Стартап совет кој ќе креира стратегија за брз развој на стартап екосистемот

Kabtel desktop

Фонд за иновации и технолошки развој за првпат во земјава, формира Стартап совет чија примарна цел е да ја претставува стартап заедницата и да ги застапува нејзините интереси во процесот на креирање и носење на политики кои треба да придонесат за понатамошен раст и развој на македонскиот стартап екосистем. Во ова советодавно тело ќе се обединат сите релевантни актери кои имаат удел во стартап заедницата во Северна Македонија.

“Целта ни е да креираме краткорочна и долгорочна стратегија на ниво на држава и да ја искористиме експертизата на нашите партнери со цел брз развој на стартап екосистемот. Во следните 90 дена овој Стартап совет ќе работи на План за промена на политиките – ќе редефинираме што е стартап, ќе ги лоцираме проблемите, ќе работиме на предлог решенија и законски измени, поедноставување на административните процедури, поголема едукација, отворање можности за вмрежување на македонските стартапи и равзвој на стратегија за социјално претприемништво.

Истовремено создаваме  услови со кои земјава ќе стане атрактивна дестинација за дигитални номади. Ќе бидеме една од ретките земји која на претприемачи од странство ќе им понуди можност да се преселат и да работат од овде. Овие луѓе ќе донесат позитивен ефект за локална економија и отворени шанси за соработка и вмрежување со македонските стартапи,“ порача директорот на ФИТР, Коста Петров.

Претседател на Стартап советот ќе биде вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи. Членови на Советот во оваа фаза се Анета Пешева од МАСИТ, Дејан Алексов од Стартап Македонија, Ѓорѓи Рафајловски, Стефан Митевски и Бистра Кумбаровска како претставници на стартап заедницата кои ќе работат про боно. Стартап советот останува отворен за сите кои ќе сакаат да се вклучат со свои идеи и да дадат конкретен придонес.

“Нашата заложба во МАСИТ е да ги задржиме младите и образовани кадри од информатичко телекомуникациските науки во државава. Се надевам дека со овој проект најмногу ќе им помогнеме на младите и талентирани ИТ инженери кои ќе најдат причина да не ја напуштат државата“, изјави Анета Пешева, претседател на МАСИТ.

Дејан Алексов, претседател на Стартап Македонија и оперативниот директор на Технолошкиот Парк – SEEUTechPark на Универзитетот на ЈИЕ Ѓорѓи Рафајловски очекуваат квалитетот и искуството на сите членови на Советот да даде силни решенија, особено во делот на “освежување” на регулативата која ќе биде во чекор со потребите на стартап компаниите.

Во изминативе 10 години активно работам на поддршка и развој на зелени и социјални бизниси и организации во регионот на Западен Балкан и глобално. Оваа иницијатива ја гледам како исклучително битна можност за што поголемо поврзување на македонските стартапи со мрежи, партнери и импакт инвеститори кои активно работат на „Целите за одржлив развој“ (SDGs). На тој начин, не само што ќе ја интернационализираме стартап заедницата туку ќе позиционираме и една нова приказна за Северна Македонија, која сметам дека веќе се пишува од страна на многу нови бизниси, жени претприемачи или и социјални претприемачи,“  порача Бистра Кумбаровска, менаџинг партнер на компанијата Heartbeats Innovation & Communication со седиште во Виена и член на Советот.

Овој Совет го формираме за да докажеме дека големите промени се можни само ако сите заедно придонесеме да се случат. Затоа преземаме конкретни чекори кои ќе донесат резултат на подолг рок. Со влада која им е вистински партнер на младите луѓе во земјава, уверен сум дека ќе напредуваме и растеме заедно, и дека ќе испишеме уште многу успешни стартап приказни, не само овде, туку и на глобално ниво,“ нагласи Петров.

Главна задача на Советот е лоцирање на проблемите и предлог решенија кои ќе одговорат на реалните потреби на претприемачите, односно стартапите. Советот ќе биде активен учесник во креирање на идните политики кои се однесуваат на овие компании, ќе предлага мерки насочени кон подобрување на организацијата на работењето на јавниот сектор и институциите што ќе резултира во поедноставени процедури и поквалитени јавните услуги, како и  препораки за намалување на товарот и трошокот врз стартапите со интервенции во правната регулатива и законската рамка со цел полесен пристап до капитал и негова мобилизација. Целта на овие активности е раст на бројот на стартапи и позиционирање на земјата како стартап и регионален хаб.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •