1 C
Skopje
четврток, февруари 25, 2021

Битолчанецот Зоран Ѓоргиев со мобилна апликација ќе привлекува туристи во градот со бројни знаменитости!

Kabtel desktop

Додека светот одамна утврди дека дигитализацијата на туризмот и начините на кои дестинациите ќе се промовираат во периодот што доаѓа ќе бидат клучни предуслови за постигнување на конкурентност и опстанок, а градовите и туристичките организации брзо се мобилизираа да го фатат овој чекор, за да не бидат избришани од светскиот туристички пазар, битолчанецот Зоран Ѓоргиев, реши самиот да инвестира во апликација Bitola Tour Guide која Битола како туристичка дестинација ќе биде ставена на листата на дигиталниот туризам.

Светската пандемија во 2020 година донесе уште посериозни предизвици кои дефинитивно го менуваат лицето на туризмот на годините кои се пред нас, така што овој потег на Зоран Ѓоргиев сега треба да го гледаме со вистински очи, затоа што дигиталните услуги стануваат неизоставна компонента при туристичкото брендирање на дестинацијата. Битола, за жал нема стартегија по ова прашање. И ова е прва апликација од ваков тип, која е иницирана од поединец.

Експертите велат дека дестинациите мора да одговорат на вистински начин или силниот бран на промени и дигитализација ќе ги избришат од светскиот туристички пазар.

Интервју на Љубица Ангелкова

Како се роди идејата за апликацијата?

Битола е градот каде живеам. Вековит град со многубројни историски знаменитости, со неброени градски приказни, познати места, стари градби во кои со генерации живееле познати битолски семејства, град на еснафи, трговци, бизниси и компании со кои се гордееме.

Идејата е едноставна и е производ од сето тоа што го набројав, со крајна цел секој кој сака да ја запознае тоа да го направи само со неколку клика на неговиот мобилен телефон. Буквално сѐ што е макотрпно собирано од познатите патеписци како Евлија Челебија, битолските хроничари Димитар Димитровски Такец, Ѓорги Цолев Џоџа, Александар Стерјовски, Петар Ставрев, писателката Марина Апостоловска и многу други е претставено на оваа мобилна апликација. За нас ова е мал почеток за “ликот и душата на еден град” кој секој посетител, турист или ентузијаст би го имал на дофат во секое време, во неговиот џеб, на неговата дланка. Ова е само почеток на сѐ што ќе следи и треба да расте понатаму.

Која беше првичната цел, а каде стигнавте во финалната фаза, во однос на содржината на апликацијата?

Првичната цел беше запознавање на градот и градските знаменитости за секој оној кој ќе се заинтересира за неа, било да е локален жител, странец или иселеник. Потоа почнавме да додаваме бројни информации и детали. На пример се додадоа куќите на познати битолски семејства, многу фактографија за други историски објекти, па се проширивме кон околината, како Баба Планина и Национален Парк Пелистер, за на крајот да го имаме ова сега што го имаме, БИТОЛСКИ ТУРИСТИЧКИ ВОДИЧ (Bitola Tour Guide). Апликацијата е достапна на два јазици, македонски и англиски.

Колку време се работеше на апликацијата?

Имав средба со неколку компании кои работат во оваа сфера, но одлучив да ја стартувам приказната со битолската ИТ компанија Melstech, на кои од старт им се допадна концептот. Милан Петровски е млад и многу талентиран дечко со кој работиме од првиот ден. Данаил Рунчевски е исто така дел од мозокот на оваа операција. Со нив се работеше и во делот за софтверско инженерство, но исто така излегоа во пресрет со дизајн, дополнителни иновативни идеи, финансиски ја поддржаа, а и се задолжени за нејзиното одржување. Апликацијата се изработуваше неколку месеци, се конструираше нејзиното мени, се создаваа содржините и се преведуваа. Ова течеше паралелно во период кога Melstech беа ангажирани и за VR проект (виртуелна реалност) за археолошкиот локалитет и наоѓалиште Стоби, каде сите посетители ќе можат со помош на VR наочари да ги доловат историските сцени од гладијаторските борби како да се случуваат во реално време. Сакам да истакнам колку талентирани, млади луѓе живеат во Битола и работат на големи проекти. Тој ист концепт од Стоби, е инициран и за нашиот локалитет Хераклеја. Но, тоа е еден убав план за во иднина, бидејќи проектот не зависи само од нас.

Милан Петровски, Љубица Ангелкова и Зоран Ѓоргиев

Нашата апликација е само отскочна штица за сѐ што може да се создава во оваа насока, замислете колку значи една мала прошетка на туристи низ Хераклеја, и истовремено поглед со VR наочари вистински да разгледуваат како бил животот тогаш тука, капењето во термата, гладијаторските битки со животни во големиот Антички театар, принесувањето на жртви за Боговите , посета во епископската резиденција, доживување на базиликите кои се врв на мозаиците со животни и слично.

Кои опции ги нуди апликацијата Bitola Tour Guide?

Апликацијата е поделена во неколку категории:
ГРАДСКА ПРОШЕТКА, ШТО ДА СЕ ПОСЕТИ (АНТИЧКО, ЕВРЕЈСКО И ОТОМАНСКО НАСЛЕДСТВО), СТАРА БИТОЛА (објекти кои повеќе ги нема), ХОТЕЛИ, РЕСТОРАНИ И КАФЕ БАРОВИ, ВАЖНИ ЛОКАЦИИ и НАЦИОНАЛЕН ПАРК ПЕЛИСТЕР.
Сите категории имаат свој посебен дел во кој се претставени градските знаменитости, важни работи и локации познати за нашиот град.

Во категоријата ГРАДСКА ПРОШЕТКА се познатите битолски градски семејства и нивните објекти каде тие живееле и престојувале. Битолчани ќе ги потсетам на куќите на познатите битолски фамилии Османли, Бебека, Топаловски и многу, многу други.

Потоа доаѓа категоријата ШТО ДА СЕ ПОСЕТИ во Битола, каде имаме три подкатегории и тоа АНТИЧКО, ЕВРЕЈСКО И ОТОМАНСКО НАСЛЕДСТВО.

Како Античко наследство е делот за Хераклеа, за Еврејско се додадени некои објекти каде пред и за време на Втората светска војна живееле еврејски фамилии, дел кој постојано го збогатуваме со помош на амбасадорот на Израел во Македонија, неговата екселенција Дан Оријан, потоа со групата потомци од Битола кои живеат во Израел, би ги споменал Јаел Уна, Monastirly’s, Мима Герас и Рашел Шели Драмер, внука на познатиот доктор Абраванел, по кој денес се вика Центарот за јавно здравје лоциран во центарот на Битола.

Во Отоманско наследство влегува сето она културно и историско наследство од познатите битолски џамии, Исак, Јени, Хајдар и др., амами како Керимбегов амам, Јени амам, амам Каваци и др.

Во категоријата СТАРА БИТОЛА се објекти или знаменити места кои моментално не постојат во Битола, како старите битолски касарни (Бела и Црвена), Камениот Мост, најстарата џамија во Битола Ески џамија, хотелот Босна, Пекмез пазар кој бил уништен во 50-тите за изградба на големи плоштади и многу други.

Во категориите ХОТЕЛИ, РЕСТОРАНИ И КАФЕ БАРОВИ, ВАЖНИ ЛОКАЦИИ е делот од рекламен карактер каде секој може да партиципира независно од неговата улога во секојдневно живеење и функционирање. И овој дел планирано е да послужи како добра маркетинг алатка на овие активни бизниси.

На крајот од апликацијата е НАЦИОНАЛЕН ПАРК ПЕЛИСТЕР каде се преставени сите значајни места кои можат да се посетат на Баба Планина, од Туристичкиот Инфо центар, до хотел Молика, Копанки, Јоргов Камен, Црвени стени, Широка и слично, обележани патеки на мапа за секој посетител да ги пронајде. Во една прилика при посетата на м.в. Видиковец затекнавме еден млад германски турист кој гледајќи во неговиот смартфон не запраша каде е патот за врвот Стив, па Пелистер и Големо Езеро. Се разбравме на англиски јазик, но ни побуди идеја за секој оној кој ќе го посети Пелистер да има некоја мапа или преку нашата апликација да ангажира Туристички водич за прошетка.

Моментално апликацијата е изработена за андроид смарт телефони, а ова интервју го користам да најавам дека за две недели излегува апликацијата за сите iOS корисници.

Дали локалните туристички субјекти се заинтересирани да партиципираат и да ја поддржат оваа иницијатива?

Големата пандемија економски многу го оштети хотелиерството и угостителскиот сектор. Ги врати бизнисите назад. Тоа малку на почеток не обесхрабри, но факт е дека туризмот се менува со оваа здравстевна криза која е глобална и факт е дека туризмот во иднина ќе биде различен. Така што тука гледаме шанса. Но, да се вратам на можноста за рекламирање. Очекуваме овој угостителски сектор да го помогнеме, тој да се рехабилитира и да влезе како заинтересиран сегмент за рекламирање во оваа апликација. Ние сме тие кои ќе донесат гости за нивните бизниси.

Кој потенцијал го има за надградба оваа апликација?

Aпликацијата е поставена на сервер каде има неограничен простор и за надградба и за поставување на неограничен број содржини. За нејзината надградба дали во делот на содржини, дали во рекламниот дел можностите се неограничени и тоа ќе биде наш предизвик во делот на градење на концептот. Тоа за нас значи една сигурност и постојаност како за нас така и за тие што ќе ни се приклучат, за што нудиме и FULL TIME концепти. Што значи пример плаќате една симболична сума (која денес е 100 евра) и сте прикачени на самата апликација засекогаш со ваши информации, контакт телефон, адреса, мапирање итн. Инаку да нагласам дека апликацијата е бесплатна.

Во светот ваквите апликации нудат и тематски тури. Во кој правец на развој размислувате?

Да, многу апликации според кои ние започнавме идејно да ја изработуваме оваа апликација нудат и тематски тури, одат во посебни специјалности, но ние тука во Македонија сме приморани да гледаме на екстензивен туристички развој, од сервиси на локални туристички водичи, до листинг на понуди од туристичките агенции, промоција на Општината која сметаме дека треба да се вклучи во оваа апликација, која дефинитивно е единствена во Македонија и Битола ја става на глобалната мапа на дигитални туристички актракции со сите познати светски метрополи. Кога тоа ќе го направиме, можеме да размислуваме за дизајнирање на специјални програми. Од нас е отворена вратата за сите заинтересирани кои размислуваат за развој на своите бизниси во ова дигитално време. Ова не е футурузам. Во светот е ова реалност. Мобилните апликации царуваат. Време е и ние да ги примениме и да го направиме животот поедноставен. Да го промовираме она што навистина го имаме како вредност и светот треба да го види.

Колку корисници имате досега?

Досега имаме бројка од 1.000 корисници, што е добар старт, но ни следува фаза на промоција со што бројката брзо ќе расте. Сакаме да излезе апликација за iOS уредите и да започнеме интензивна кампања. Не радуваат позитивните реакции и мислењето на сите кои ја погледнаа оваа апликација, особено на оние кои се стручни за вакви нешта.

Кој беше тимот кој работеше?

Во апликацијата за кириличната поддршка го користиме битолскиот фонт, Алоти Б и Алоти М кој го изработи тимот на графички дизајнери Ласко Џуровски и Ангела Христовска, тука сакам да го споменам битолскиот познат цртач на стрипови и цртежи ТХЕ МИЧО – Михајло Димитриевски кој ни го скоцка логото со кое ја изградивме визуелизацијата за апликацијата. ИТ комапнијата е исто така со битолска адреса или што би рекол јас сé ни е со БТ регистрација. Голема благодарност до сите кои ја поддржаа оваа моја идеја.

Како е да се “прошета” Битола низ дигиталните улици?

Битола нуди многу од тоа што ние малку го познаваме. Битола е една заспана убавица. Оваа апликација ќе биде како принцот од приказната која ја буди од длабокиот сон. Прошетката зависи од интересот на оној кој решил да ја користи, бидејќи има голем фонд за истражување и проучување. Има илјадници страници на материјали кои се вградени и поткрепени со фотографии. Преку нашата апликација тоа е лесно и прецизно, самата Ве носи на местото кое буди ваш интерес.
Да ги споменам битолските стари цркви (и тие што постојат и не постојат повеќе за жал) , џамии, амами, стари училишта, академии, касарни, резиденции, до објекти на познати битолски фамилии, реномирани доктори, фармецевти, понатаму историски личности кои тука живееле, од уметници, преку револуционери, конзули и султани. Луѓе кои оставиле по нешто убаво, да ги памети градот. Секој од нас во животот имал историска можност да биде запаметен, да биде запишан со златни букви на црните плочки на Широк Сокак, да бидат глорифициран во историјата како лидер, како спасител, светец и херој кој направил нешто добро за сите битолчани и за нивните поколенија. Нас ни беше целта да направиме нешто за Битола, да направиме апликација која е прва и реално, нема друга во Македонија. Една иновација со која можеби потрошеното време и средства можеби нема да се исплатат за нас, но ќе имаат вредност за нашиот град. Лично јас неколку години сум како птица преселница, но каде и да одам си ја носам Битола со мене. Затоа голема благодарност до сите оние кои нѐ поддржуваат, сите оние кои ни раскажуваат и се интересираат како вас, а најповеќе до тие ни доставуваат пишан траг за Битола, бабам Битола, градот на Конзулите, градот кој бил и ќе биде…

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •