Македонија и Босна најлошо рангирани во регионот на индексот за перцепција на корупцијата

- Advertisement -

Два неславни рекорда сруши Македонија на Индексот за перцепција на корупцијата за 2020 година на Транспаренси Интернешнл (ТИ). Заедно со Босна и Херцеговина, Македонија се наоѓа на 111 место од вкупно 180 рангирани држави на овој индекс. Воедно, на Индексот за 2020 година Македонија го бележи најнискиот резултат и најниското рангирање досега од 2001 година, кога бевме за првпат рангирани на Индексот за перцепција на корупцијата, информираат од Транспаренси Интернешнл-Македонија.

Сепак, од Транспаренси Интернешнл велат дека земјава лани имала непроменет број на поени во споредба со 2019 година, односно 35. Тоа што се нашла со ист број на поени подолу на листата на Индексот за перцепција на корупцијата значи дека други земји низ светот лани оствариле подобри резултати во борбата против корупцијата. Заедно со Македонија и Босна и Херцеговина, со идентичен број на поени сме во групата со Монголија и Панама.

- Advertisement -

За формирање на резултатот користени се податоците од 7 истражувања спроведени во последните две години. Станува збор за нови истражувања спроведени во 2019 и 2020 година, од релевантни организации и на основа на утврдена и проверена методологија. Притоа, не се забележани големи осцилaции во однос на бодувањето од минатата година.

„Позначителна осцилација во намалување на индексот од истражувањата се забележува кај индексот на World Justice Project Rule of Law Index, кој ја анализира состојбата во судството и владеење на правото, каде е забележан пад од 2 индексни поени, како и помала осцилација кај Freedom House, за 0,5 поени“, велат од Транспаренси Интернешнл.

- Advertisement -

Според Слаѓана Тасева, претседателка на ТИ-Македонија, ова укажува на тоа дека во земјава сè уште треба да се засилат и да се преземат поконкретни активности кои ќе дадат видливи резултати во намалување на корупцијата и зголемување на ефикасноста на судството, зајакнување на активностите за спроведување на ефикасна борба против корупцијата, а посебно високата корупција која останува недопирлива за органите за прогон и за правдата.

Истовремено, Тасева вели дека треба да се зајакнат постапките за конфискација и враќање на она што е украдено од граѓаните, како и да се обезбеди поголема транспарентност на институциите, кои во услови на КОВИД беа речиси недостапни за граѓаните. Во постапките за вработување, треба целосно напуштање на политичките влијанија и пазарења во постапките за вработувања и обезбедување на конкурентност и подеднакви услови за сите при вработувањата, а со цел да се обезбеди ефикасна администрација.

- Advertisement -

(Meta.mk)

(фото: Meta.mk)

Сподели!
- Advertisement -