19.8 C
Skopje
сабота, јуни 12, 2021

Македонија годишно губи шест милиони евра од пожари. Иновативен македонски адитив е решение за пожарите на отворено!

Kabtel desktop

Македонската компанија VT Production, чија основна дејност е производство на адитиви за бетон, го произведе и првиот адитив за гаснење на пожари на отворено, кој е единствен ваков производ во Европа. Се работи за иновативен продукт кој се додава во водата за гаснење во пожарникарските возила и кој со својата уникатна способност делува како ретардер и да ја зголемува вискозноста и лепливоста на водата која останува на вегетацијата. Тоа го прави процесот на гаснење и контрола на шумските пожари многу поефикасен.

Влатко Тасевски, сопственик на „VT Production“ вели дека развојот на адитивот за гаснење пожар за оваа мала компанија бил исчекор во непознатото, но кој на големо задоволство успеал да прерасне во успешен и иновативен производ. Тој е убеден дека „VT Production“ нема да застане својата работа на иновациите и дека „Fireless VT“ е само почеток.

Разговараше – Сања Наумовска

Г-дин Тасевски, кажете ни нешто повеќе за вашиот продукт „Fireless VT“.

„Fireless VT“ e иновативен адитив за гаснење пожари. Тоа е прашкаста супстанца со чие растворање во вода се добива готов раствор подготвен за употреба. Предноста на „Fireless VT“ е што со овој раствор може да се делува на активни пожари на отворено, кои се најтешките за гаснење. Може да се користи за гаснење на сите пожари на отворено вклучувајќи шумски и ниско стеблести пожари. Исто така нашиот продукт има и уште поголема улога со тоа што може да делува превентивно и таму каде што сакаме да спречиме ширење на пожари на отворено.

Во која фаза е развојот на oвој иновативен производ и кои се бенефитите од неговата употреба?

Нашата работа и развој на „Fireless VT“ траеше повеќе од една година. Во моментов тоа е целосно развиен продукт кој е подготвен за комерцијална употреба. Во процесот на развој на „Fireless VT“ повеќепати е направено испитување на ефикасноста производот, а обезбедени се и неопходните сертификати за животна средина со цел безбедна употреба. Најголемиот бенефит е што овој производ пред се спасува човечки животи и ја заштитува и животната средина. Покрај тоа, доколку земеме предвид дека штетите од пожари ја чинат нашата држава околу шест милиони евра годишно, може да се претпостави дека и економскиот бенифит од користење на нашиот производ ќе биде голем.

Штетите од пожари ја чинат нашата држава околу шест милиони евра годишно, па економскиот бенифит од користење на овој производ ќе биде голем

Како функционира адитивот „Fireless VT“?

„Fireless VT“ има двоен механизам на дејство. Делува како ретардер и ја зголемува вискозноста и лепливоста на водата која останува на вегетацијата како зголемена хидратација. На тој начин го подобрува процесот на гаснење и пожарот поуспешно и побрзо може да биде совладан. Уникатноста на овој производ е во неговиот концепт. Заради тоа поднесовме патент преку IPO Intellectual Property Office во Англија, со кој меѓународно ќе го заштитиме концептот на „Fireless VT“. Очекуваме дека меѓународното патентирање ќе ја потврди уникатноста на нашето решение и ќе ни ги зголеми шансите за настап на извозните пазари.

Како дојдовте до идеја да работите на продукт поврзан со гаснење на пожари?

Ова е релативно стара идеја на еден од главните истражувачи во проектот.  Знаевме дека не е лесно да се продава ваков тип на продукт, затоа што во принцип постои само еден купувач, а тоа е државата. Сепак, како фирма се одлучивме да инвестираме во развојот на овој уникатен производ и на наше задоволство, таа инвестиција беше поддржана од ФИТР. Колку што знаеме, слични производи на нашиот постојат во САД и во Австралија, но немаме податоци дека нешто вакво е направено во Европа.

Најавивте дека производот ќе биде дониран и на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Дали се реализираше оваа соработка и какво е искуството на пожарникарите?

Да, планираме во текот на овој месец да донираме од нашиот продукт на Противпожарната бригада со цел тие да можат да го користат во реални ситуации во текот на летото. Нашата соработка со пожарникарите трае подолго време, уште додека траеше развојот на производот. Имавме неколку успешни проби на неговата употреба на полигон и очекуваме дека и во следните ситуации ќе се покаже успешен и ќе прерасне во стандард при гаснење пожари на отворено. 

Споменавте дека производот се развиваше во соработка со ФИТР. Како дојде до соработката со Фондот?

Кога почнувавме со развој на „Fireless VT“ донесовме одлука да аплицираме на повик за кофинансирање и бевме поддржани. ФИТР ја препозна нашата визија и потенцијалот на производот, за што сме бескрајно благодарни. Веруваме дека донацијата која ќе ја направиме кон Противпожаната бригада ќе биде на општо задоволство и дека производот ќе ја докаже својата ефикасност. Ова е само мал гест на благодарност од наша страна за укажаната поддршка од страна на ФИТР.

Кои се вашите планови за во иднина, поврзани со „Fireless VT“?

Логично, очекуваме дека после тест периодот кој ние ќе го финансираме, првиот клиент ќе биде Република Северна Македонија која би го купувала „Fireless VT“ за да го користат сите противпожарни бригади во државата. Од друга страна, ние планираме континуирано да враќаме дел од приходот кој би го правеле, преку доопремување на бригадите со тековна опрема како прскалки и лична заштитна опрема за пожарникарите.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •