15.8 C
Skopje
вторник, септември 28, 2021

Реткиот и скапоцен тартуф од македонските планини наскоро ќе биде достапен во малопродажба!

Kabtel desktop

Свеж тартуф или во најразлични комбинации со сирење, џемови, ајвар, масло, путер или зачини, се само дел од продуктите на македонската компанија ЕВАЛ. Тие, во рамките на проектот „Стартап херои“, што се спроведува во рамките на Програмата за корпоративна иновативност на Фондот за иновации и технолошки развој, до крајот на годината ќе се најдат на полиците на маркетите на „Тинекс“.

Тартуфите, кои се исклучително ретки печурки, растат на специфичен начин и на одредени места, изобилуваат со минерали како калиум, натриум и фосфор, го штитат здравјето на срцето и целокупниот кардиоваскуларен систем. Се верува дека со консумирањето тартуфи го подобруваат расположението, а на некои од нив им се препишуваат и афродизијачки својства.

Стефан Митров од компанијата ЕВАЛ вели дека тие ова црно богатство го откриле на македонските планини. Ги ископуваат со специјално дресирани кучиња, а рецептите по кои се подготвени продуктите се дел од нивната семејна традиција.

Разговараше – Сања Наумовска

Стефан, тартуфите на ЕВАЛ наскоро ќе се најдат на полиците на Тинекс маркетите. Што очекувате од можноста голем број купувачи да дојдат до вашите продукти?

Претпријатието ЕВАЛ е наменето за обработка на тартуфи и производство на најразличен тип на производи што содржат тартуф. На пазарот го пласираме нашиот бренд ТУФ, под кој ќе можат да се најдат свежи тартуфи, како и медитерански комбинации на маслинки со тартуф, масло за јадење со арома на тартуф, десерти со тартуф и многу останати. Со поддршката на Фондот за иновации и технолошки развој, преку повикот ,,Стартап Херои”, целиме највисокиот врв во кулинарството да го направиме достапен за секој купувач и за секое семејство. Наскоро производите на ТУФ ќе бидат пласирани во маркетите на „Тинекс“, а се надеваме во иднина и во сите останати поголеми синџири на маркети.

Преку нашите производи, тартуфот како ретка и исклучително скапа печурка го пласираме како накит во гастрономијата, и го правиме подостапен за регуларните купувачи. Користејќи ги и придобивките на тартуфот, кој изобилува со витамини, минерали, лековити и хранливи состојки во природната содржина на печурката, ги правиме лесно-употребливи во сечија кујна, преку веќе готовите производи кои ги нудиме.

Колку време се занимавате со производство на тартуф и продукти со тартуф?

Сонот за отворање на ваков тип компанија и занимање се роди пред осум години и оттогаш постепено вложувавме во него и верувавме дека ќе успееме овој сон да стане реалност. Ние сме првите што го пронајдовме македонскиот тартуф на падините на македонските планини со нашите седум врвно издресирани кучиња – ловци на тартуфи. Преку работата и постојан технолошки напредок, разввме необични рецепти, составени на таков начин што ги зачувуваат природните хранливи својства на тартуфите и истовремено обезбедуваат максимален вкус и арома.

Гастрономските комбинации со производи од тартуф од нашата понуда се безброј. Тартуфот е вистински деликатес и скапоцен камен за гурманите. Оваа карактеристична печурка со специфичен вкус и арома е совршено испреплетена со многу јадења, давајќи им посебен вкус. Во моментов компанијата работи како мал семеен бизнис со голем потенцијал за негово понатамошно развивање и проширување, како на нашето поднебје, така и на странскиот пазар.

Кој ги дресира кучињата за овој „занает“, која раса е најдобра занаоѓање тартуф?

Тартуф е редок вид на елитна печурка со специфична арома и врвен кулинарски вкус. Во европските и светските региони важи за таканаречено црно злато, токму поради неговата реткост и карактеристична арома. Одлично е тоа што овој производ се наоѓа и на македонското поднебје, а наша особена чест е што можеме токму тартуфот да го донесеме и на секоја трпеза кај секој љубител на нови и богати вкусови. Тартуфите се тешки за пронаоѓање бидејќи растат од десет до 30 сантриметри длабоко во почвата. До нив се стигнува со добро истренирани кучиња-трагачи, кои можат да ја намирисаат печурката, но секако и да ја откопаат на правилен начин без да ја оштетат.

За пронаоѓање на тартуфите се користат професионално обучени кучиња од расата Lagotto Romagnolo, но секако би можело да се користат и останати раси на кучиња со исклучително добро сетило за мирис, како на пример Springer Spaniel, Beagle, Labrador retriever, и други. ЕВАЛ располага со легло на професионално обучени кучиња од расата ,,lagotto romagnolo” и кокер-шпаниел. За нивната обука и тренинг е одговорен Тони Митров, кој важи лиценциран тартуфар и пронаоѓач на ваков тип печурки со повеќегодишно искуство. Тој ја почнал својата мисија како хоби, кога со Берта, куче од раса lagotto romagnolo, заеднички почнуваат да истражуваат низ падините на македонските планини. Берта е куче со италијанско потекло, со врвно педигре која има освојувано многу пехари и национални изложби на кучиња. Со парењето на Берта со исто расно италијанско куче, се зголемува бројот на нејзините наследници, кои уште од малечки се подготвуваат и тренираат за откопувањето на црното злато – тартуфот.

Колкав број на продукти произведувате и што се ќе понудите во за македонските купувачи?

Тартуфите, иако важат за многу скапи во светски рамки, а и за еден просечен семеен буџет во нашата земја, ние преку специфичните комбинации од вкусови ќе можеме да направиме оваа печурка и нејзините својства да бидат достапни за сечиј џеб. Првенствено ќе се продаваат свежи тартуфи согласно сезоната, додека останатите производи се повеќе наменети за секој кој би сакал да експериментира со најразлични медитерански, француски, италијански и останати европски вкусови.

Нашите уникатни производи се направени по домашни рецепти. Тоа се маслото за јадење со арома и свежи тартуфи, сол и црн бибер со сув тартуф, сецкан тартуф во ладно цедено сончогледово масло, мелен тартуф во ладно цедено сончогледово масло, намаз од тартуф и маслинки, цветен органски мед со тартуф, биено овчо сирење со тартуф, намаз со тартуф, буковка и маслинки, џем од тартуф со јагоди, џем од тартуф со шумско овошје, ајвар со тартуф, путер со тартуф и многу останати иновативни рецепти од нашиот асортиман. Комбинациите на солено и слатко, но и богато, го прават совршениот спој на здравје и гурманско уживање, достапни за секој купувач.

Каде можеа досега да се најдат овие продукти?

Производите со тартуфи се произведуваат во рамки на нашата компанија ЕВАЛ, а досега се купуваа исклучиво онлајн, на нашата веб страница tuf.mk , како и на нашата Фејсбук страница. Освен онлајн продажбата, производите на ТУФ беа експонирани и на многу саеми за кулинарство и здрава храна, како на Третиот меѓународен саем на органски и традиционални производи „ОРГАНСКА ТРПЕЗА“ во Куманово, Slow Food Салон 2019, Skopje Wine Salon- Vinodonia 2019, Vinodonia 2018 и преку активна соработка и кулинарски предизвици со Slow Food Macedonia.

Кои се вашите планови врзани за производството на тартуфите?

ЕВАЛ во моментот работи со мал тим на луѓе, кои се организирани за пронаоѓањето на тартуфите, подготовката на производите, пакувањето, маркетингот и останато. Во моментов компанијата работи како мал семеен бизнис го голем потенцијал за негово понатамошно развивање и проширување, како на нашето поднебје, така и на странскиот пазар. Постои одлична можност овие производи да се достапни во поголемите и подобро снабдени маркети низ целата држава, бидејќи истите би имале мошне достапна цена. Таргет групата на купувачи е голема,  побарувањата и уникатноста се во наша полза при самиот пласман на производот. Понатаму, секако ќе се прават и активни истражувања на пазарот и би се прилагодувале кон побарувачката и подобрување на иновативноста на асортиманот.

Со понатамошното проширување на компанијата во иднина, се очекува и отворање на повеќе работни места во производствениот процес. Тоа би помогнало да го задржиме квалитетот и професионалниот бренд на тартуфите, а секако и постепено би се зголемувал и квантитетот. Токму овие фактори помагаат за да се отворат и нови опции за проширување и развој на целата компанија на долгорочен план.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •