Со цел зголемување на знаењето на финансиските инструменти и подобрување на инвестициската култура во Северна Македонија, на 13 септември вторпат се организира настанот „Инвеститорски ден“.
-Одржувањето на „Инвеститорскиот ден“ значи дека на тој ден на тргување на Берзата сите домашни физички лица можат да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без трансакциски трошоци што ги наплатуваат овластените пазарни институции и учесници. Поконкретно, на „Инвеститорскиот ден“ сите домашни физички лица ќе можат да купат или продадат кои било акции без да ги платат провизиите кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници, банки и брокерски куќи што се вклучени во оваа иницијатива, велат организаторите.
Исто така, потребно е да се исполнат и следните услови – Инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот, со посредство на некоја од подолу наведените членки на Берзата, износот на остварениот дневен промет по индивидуален инвеститор да не изнесува повеќе од 10.000 евра, независно од бројот на берзански трансакции преку кои истиот ќе биде остварен и трансакциите да бидат склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка.
Во оваа иницијатива активно учествуваат Централниот депозитар за хартии од вредност и осум членки на Берзата и ЦДХВ, а истата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.