15.8 C
Skopje
вторник, септември 28, 2021

Ви го претставуваме INSTITUTE, нов македонски, бренд на медицинска козметика кој истовремено ја лекува и негува кожата!

Kabtel desktop

INSTITUTE е нов, македонски, бренд медицинска козметика, што во рамките на проектот Стартап херои, до крајот на годината ќе се пласира во маркетите на „Тинекс“. Производите, кои ги создава тим на фармацевти во соработка со лекари дерматолози и педијатри во компанијата „Фила Козметик“, содржат креми за лице и раце и беби крема за пеленска регија. Направени по иновативен рецепт, продуктите под брендот INSTITUTE нудат решенија за дерматолошки патологии, но се препорачуваат и за секојдневна употреба, особено сега, во време на пандемија, кога зачестеното миење и дезинфекција на рацете остава последици и ја иритира кожата.

Според фармацевтот Бојана Филиповска, управител на „Фила козметик“, производите на INSTITUTE се едноставни, природни, без бои и без мириси, со природни конзерванси. Таа вели дека иновативноста е во нивниот состав, со докажани концентрации на состојките, што најуспешно влијаат на негата и заштитата на кожата.

Новинар – Сања Наумовска

Ѓ-ѓа Филиповска, во рамките на проектот Стартап херои продукти на вашата компанија ќе  се најдат пред купувачите во маркетите на Тинекс. Може ли да ни појасните што точно ќе пласирате?

Компанијата „Фила Козметик“, со новокреираниот козметички бренд INSTITUTE на повикот Стартап херои аплицираше и доби можност за пласман на три свои иновативни производи –креми за нега на раце, лице и пеленска регија. Овие производи ги формулиравме како одговор на потребата за заштита и нега на кожата на рацете и лицето во период на пандемија во услови на зачестено миење, дезинфекција и контактна иритација од носење маска како и за нега на пеленската регија и другите делови на кожата подложни на иритација. Овие производи првично почнаа да се користат во клиничката болница „Жан Митрев“ од страна на здравствените работници и пациентите и моментално може да се најдат само во аптеката која се наоѓа во рамки на болницата.

Што е уникатно и иновативно во вашите производи, со што би ги привлекле вашите идни купувачи?

Компанијата се формираше со идеја на македонскиот пазар да понуди едноставни, висококвалитетни и безбедни козметички решенија кои би таргетирале дерматолошки патологии врз база на докажани клинички студии. Иницијацијата, секако, дојде од страна на пациентите кои во аптека често бараа решенија за своите дерматолошки проблеми. Првиот козметички производ „Филагрин протект“ даде извонредни резултати кај пациенти со атопичен дерматит и како производ е веќе присутен во аптеките на територијата на цела држава. Потоа настапи периодот на пандемија во кој сите, а особено здравствените работници беа подложени на строги правила на заштита, хигиена и дезинфекција на рацете и непрекинато носење на заштитни маски кои неминовно ја наметнаа потреба од интензивна нега на кожата на рацете и лицето. Така во краток временски период и скоро истовремено ги формулиравме двете креми за нега на раце и лице и веднаш најдоа примена кај засегнатите од овој проблем. Водејќи се според основните принципи на едноставни, а делотворни решенија т.е ,,едноставното е подобро“, и двете креми содржат состојки докажани по своето дејство и традиционална употреба.

Каква е разликата меѓу кремите на INSTITUTE и слични продукти кои веќе постојат и се продаваат во аптеките?

Кремата за раце содржи висока концентрација на глицерол, неспоредливо повисока количински од останатите производи од овој тип, но и делотворна концентрација на ксилитол како иновативна состојка која докажано игра улога на навлажнувач, ја омекнува кожата и влијае на регенерација на кожната бариера. Кремата за лице, од друга страна, содржи бадемово масло кое со векови се користи во третман на сува кожа, холестерол кој е природно основна градивна состојка на површинскиот слој на кожата и истиот игра улога во одржување на нејзината нормална бариера. Глицеролот и ксилитолот пак, влијаат на подобрување на хидратацијата и омекнување на кожата. Оваа едноставна комбинација на природни состојки, докажани како безбедни за употреба во високи концентрации, е клучот на нашата иновација, а позитивниот одговор од корисниците нејзина афирмација.

Следејќи ја линијата на козметички производи за нега на кожа, нашиот трет производ кој се изроди беше маста за нега и заштита на пеленска регија и останатите иритирани зони на кожата. Формулацијата, иако наликува на веќе достапните препарати од овој тип, неспоредлива е во балансирање на своите состојки кои даваат фина структура и конзистенција на маста, а истовремено обезбедуваат максимална нега и заштита на нежната бебешка кожа. Истата може да се користи за смирување на било која кожна иритација, бидејќи формира заштитен слој, обезбедува нега и смирување на иритираната кожа. Покрај докажаните компоненти во овој тип на масти како цинк, бадемово масло, глицерол, ланолин и вазелин, маста содржи и каприлични и капрични триглицериди кои на маста и даваат посебно фина конзистенција, обезбедуваат полесно нанесување, заштита и навлажнување на кожата, а се од природно потекло. Сите овие производи од идеја до финален прототип се развија во рамките на Фила Козметик, во соработка со колеги фармацевти од клиничка пракса и пракса во подготовка на козметички производи.

Сите употребени суровини се со висок фармацевтски квалитет, природно потекло и долгогодишна традиција на употреба. Производите содржат природни конзерванси, немаат бои и мириси и се безбедни за употреба кај сите возрасти. Производството ќе биде реализирано од нашиот партнер Бионика Фармацеутикалс, фабрика со високи стандарди за добра производна пракса, што ќе обезбеди сертификати за пласман на производите во и надвор од нашата земја.

Освен што се наменети за луѓе кои имаат одредени дерматолошки проблеми, дали кремите може да се користат и во секојдневна употреба?

Производите дел од овој проект се производи за нега кои имаат мошне широка целна група, може да ги користи целата популација. Предноста која ја имавме при формулирањето и потврдата на самото нивно дејство беше всушност можноста да ја направиме во клинички услови. Тоа даде поттик и сигурност за реализација на идејата да ги понудиме на полиците надвор од аптеките за да станат достапни за општа употреба.

Кремата за нега на раце со ксилитол може да ја користи секој, особено оние со сува и иритирана кожа на рацете. Хидратантната регенеративна крема за лице, без мириси и бои наменета е за лица со осетлива, до сува кожа, едновремено за дневна и ноќна употреба, како и за заштита од надворешни влијанија и контакти иритации.

Маста за нега на пеленска регија наменета е за заштита и смирување на нежната бебешка кожа, а може да се употреби кај било која кожна иритација или црвенило. Лесно се нанесува, има смирувачки ефект и е безбедна за сите возрасти.

Кои се главните придобивки од користењето на производите на INSTITUTE брендот, за купувачите да се одлучат да ги купат токму нив?

Секако, основна придобивка е првенствено тоа што овие висококвалитетни, домашни производи нудат веќе докажано решение за конкретен проблем на кожата. Производите кои претходно ги користеа само здравствените работници во екстремни услови, сега ќе бидат достапни и ефектите од користење ќе можат да ги почувстуваат сите и во секојдневни околности. Производите се едноставни, природни, без бои и без мириси, со природни конзерванси. Иновативни по својот состав и со докажани концентрации на состојки во нега и заштита на кожната бариера.

Сите производи подлежат на законски пропишани анализи кои се вршат на секоја произведена серија, а пред пласман на пазарот. Дополнително производите се пратени на дерматолошко тестирање во претставништво на француска лабораторија за клиничи испитувања, со што ќе се здобијат со сертификат за безбедни креми со потврдена безбедност за употреба. Така ќе се здобиеме со знакот „дерматолошки тестирани“ што е од клучна важност при избор на козметички производи.

Дали планирате да го проширите асортиманот и пласманот можеби и на пазари надвор од земјата?

Асортиманот веќе има десетина формулации како прототип кои се подготвени во вистинскиот момент да влезат во масовно производство. Воглавно, станува збор за производи кои се наменети за дерматолошки патологии како егземи, себороичен дерматит, псоријаза, чешање итн.. Освојувањето на странски пазари, поточно развој и пласман во регионални рамки за почеток е секако дел од нашиот план за следниот период.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •