Само неколку месеци откако Русија успешно го тестираше својот хиперсоничен проектил-крстосувач, истото го направи и американската војска. Американската војска е чекор поблиску до комплетирање на развојот на проектилот кој се лансира од воздух откако агенцијата DARPA успешно го заврши тестирањето на проектилот HAWC (Hypersonic Air-breathing Weapon Concept) во соработка со Американските воздушни сили.
Хиперсоничните проектили се ново бојно поле за Америка и за нејзините соработници. Во јули годинава Русија успешно го тестираше својот хиперсоничен проектил наречен Tsirkon. Американската војска, пак, работи на развојот на неколку такви проектили откако беа отфрлени плановите за оружје на електричен погон. Хиперсоничниот проектил-крсотсувач се базира на мотор кој го користи воздухот и овозможува брзина поголема од 5 маха, односно 5 пати побрзо од брзината на звукот.
DARPA го тестираше проектилот, кој го направи компанијата Raytheon Technologies, но не е откриено кој авион е користен. Проектилот достигнал брзина од 5 маха со својот ракетен погон, а потоа се активирал scramjet мотор, кој дополнително го забрзал. Scramjet моторот го компресира воздухот и го меша со хидрокарбонско гориво, а потоа смесата се пали, што резултира со поголема брзина на проектилот.
DARPA направи неколку тестирања кои вклучуваат интеграција со летало, испуштање, безбедно одвојување од летало, активирање на моторот и крстарење. HWAC има најдобри перформанси во атмосфера богата со кислород, каде што поради големата брзина практично не може да се открие. Хиперсоничната брзина го прави ефикасно кинетичко оружје дури и без голема количина експлозив.
(Klix.ba)
(фото: Picryl)