Oд успешните примери сите учиме дека во социјалното претприемништво не е битен само бизнисот, туку каузата!

- Advertisement -

Македонска делегација предводена од ЦЕФЕ Македонија од 15ти до 19ти ноември 2021, учествуваше на Меѓународен Форум за Социјално Претприемништво во Баку, Азербејџан. Форумот се реализираше во рамки на Проектот “Start it Up, Keep It Up” кој има за цел да креира ментори кои ќе соработуваат со социјалните претприемачи во Македонија, Европа и Кавкаскиот регион. 

Делегацијата од Македонија беше составена од ментори, претприемачи, обучувачи, лидери, новинари, поддржувачи на социјални бизниси: Јован Сталевски и Благој Трајков (обучувачи од ЦЕФЕ Македонија), Нина Николич (стартап консултант и дел од СвисКонтакт), Нина Ангеловска (претприемач и лидер на асоцијацијата за етрговија во Македонија), Марјана Андрич (финансиски експерт и основач на Маранд Консултанти), Весна Иваноска (директорка на Сивус Едукативен Центар), Верица Јорданова (новинарка и претприемачка од Иновативност.мк), Славица Јовческа (граѓански активист и претприемач), Звонко Димоски (претприемач и лидер на културни настани во Прилеп) и Јасмина Пислевиќ (кокреатор на едукативни игри). 

- Advertisement -

Благодарнст до сите кои инвестираа свое време и енергија за вмрежување и претставување на своето исксутво и придонес кон социјалното претприемништво во Македонија, пред повеќе од 70 учесници од Азербејџан, Грција, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Грузија и Турција.

Има ли некои анализи или некакви сознанија за тоа на кое ниво е развојот на социјалното претприемништво во нашата земја? Или можеби има податоци за ниво на регион?

- Advertisement -

Иако прецизни податоци нема мојата перципција е дека екосистемот навистина се развива. Има организации и компании кои работат во оваа област и со самото тоа се промовира и развива свеста за социјалното претприемништво. Во моментов се работи на носење Закон за социјални претпријатија со кој социјалните претпријатија ќе добијат плус бенефити и ќе бидат препознати како активни чинители во македонската економија. Исто така се почесто се појавуваат странски донатори или поединци кои сакаат да реинвестираат во некоја социјална бизнис идеја, а веќе има и ментори, обучувачи, прирачници и слично. ЦЕФЕ Македонија, како организација која работи на развој и промоција на социјалното претприемништво, имаме креирано прирачник за водење и основање на социјален бизнис, програма за обука и развој на социјални бизниси, како и прирачник за ментори на социјални бизниси

Веќе има и многу играчи во екосистемот како што се АРНО, Public, Министерството за труд и социјална политика, Црвен крст, Mladi.info, Impact hub и ред други организации кои на еден или на друг начин веќе имаат некаква конекција со социјалното претприемништво. Сакам да кажам дека чинителите во граѓанскиот сектор повеќе или помалку се веќе запознаени со социјалното претприемништво. Во тој поглед, мислам дека клима има, само треба да почне да се развиваат социјалните бизниси до ниво на успешни приказни. Споре мене, „Air care“ е успешна приказна која ги промовира социјалните иновации. Понатаму, кафулето „Улаф Сте“ во Битола, кое е водено од глувонеми лица е успешна приказна. Преку овие успешни приказни заедницата учи дека во социјалното претприемништво не е битен само бизнисот, туку каузата. Тие велат дека мора да успеат не само заради нив, туку заради целата заедница која во нив гледа како пример кој треба да се следи.

- Advertisement -
Македонската делегација во Баку

Вие секојдневно се занимавате со јакнење на претприемништвото. Како КОВИД-19 кризата се одрази врз претприемништвото во Македонија во поглед на зголемување или намалување на интересот? Дали ги поттикна луѓето да бараат решенија за некои проблеми?

Сега можеме сега да направиме една дистинкција бидејќи кога почна кризата луѓето беа исплашени. Во состојба на страв не можеш да бидеш креативен, туку гледаш да се заштитиш. Токму затоа луѓето на почеток гледаа да се заштитат себеси, своето семејство, здравјето, односно она што го имаат како капитал за да можат да преживуваат. Сега, речиси две години откако започна, мислам дека многу луѓе ги гледаат и придобивките од кризата. Ако си претприемчив, се адаптираш на некоја криза или друга ситуација и гледаш што си научил или што си направил од таа криза. Имавме едно заедничко истражување со CEFЕ International и Економски факултет од Штип за тоа како се одразува КОВИД-кризата врз претприемачите во Македонија. Тоа беше во мај 2020 година, а учестуваа повеќе од 80 претприемачи од цела Македонија. Скоро сите кажаа дека им се намалиле приходите, им се намалила дејноста, морале да отпуштаат вработени. Многу мал дел, можеби 3%-4%, беа тие што имаа бенефит од почеток од кризата. Скоро сите очекуваа државата да им помогне во излезот од кризата, која никој не знаеше до кога и како ќе трае. Иста беше ситуацијата во цел свет, но тоа се должеше на стравот на луѓето да трошат пари и стравот за нивното здравје, како и на рестркциите во земјата. Речиси две години подоцна од разговорите со луѓето гледаме дека секој од нив или научил нешто или се адаптирал некако, па добил нешто. Можам да речам дека и ние како организација влеговме во дигитализацијата, научивме да работиме на далечина, да работиме онлајн, уште поактивно да соработуваме со цел свет, да бидеме поефикасни и да инвестираме во меѓучовечките односи на вработените и клиентите. Многу организации и фирми ни го кажуваат истото. Некои од нив сфатија дека може да прават и онлајн достава, многу луѓе видоа дека има потенцијал и во е-трговијата. На некој начин, тие се добивките. И како што е случај со секоја криза, некој добива, а некој губи. Тоа е многу нормално. Мислам дека и во оваа криза излегоа некои бизниси кои навистина се кренаа, навистина имаа бенефит и капитализираа од кризата. Такви се оние кои даваа услуги за одржување хигиена, маркетите, аптеките, градежништвото, производителите на бела техника, еко туризмот, производителите на вино и алкохол, произведувачите на спортска опрема, пекарите … односно она што луѓето можеа да го користат секојдневно. Тие сектори и комплементарните бизниси околу тие сектори отидоа нагоре. Некои коишто беа повеќе на социјална интеракција, како дискотеки, клубови, настани, уметници и сл видоа вистинска криза. Некои од нив се адаптираа онлајн.

Моја препорака е ако сме претприемчиви, мораме да учиме да се адаптираме, да се менуваме, да ги прифатиме предизвиците на секоја криза или промените да ги претвориме во можности, затоа што пазарот е жива материја и секој ден се менува. Ако не го правиме тоа, нема да имаме напредок и секоја криза ќе ни се гледа безнадежна и ќе не втурнува во состојба на страв, наместо на храброст и можност за решавање на проблем. Мојата порака за секој претприемач е да научи да ги предвидува и согледува ризиците и заканите и да знае да ги претвори во можности за себе и клиентите на кои им служи.

Вие како организација најмногу сте насочени кон млади кои допрва треба да се развиваат и да се реалзиираат во светот на претприемништвото. Ако се обраќаме на помладата публика, кои се можностите кои ЦЕФЕ Македонија ги нуди во моментот?

Како што реков претходно, имаме и проекти за економски развој, но имаме и комерцијален дел за градење на претприемачки вештини. Најмногу што јас би сакал да видам кај младите е некаква проактивност во стекнување на интернационално искуство и да ги „купуваат“ добрите карактеристики од претприемачите. Преку Еразмус+ програмата да ја искористат можноста за мобилност во некоја европска држава, да се запознаат со врсници или истомисленици од други држави и нормално, да си одберат теми коишто нив ги интересираат. Темите коишто ние вообичаено ги работиме се развој на едукација, развој на искуственото учење, така и развој на претприемништвото и вештини коишто ќе им требаат во секојдневната работа или во приватниот живот. Исто така, доколку на младите луѓе им треба консултација, менторство за да ја разработат нивната идеја или помош со некој дел од постоечки бизнис, имаме консултанти и ментори со коишто соработуваме кои можат да им помогнат во развивањето на нивниот бизнис или проект. Од друга страна ги поттикнуваме да  побаруваат обуки базирани на искуствено учење, бидејќи сите знаеме дека универзалното знаење и информации може да се најдат на Google. Се можам да најдам на Google, но искуството не може да се добие таму. Може да се добие само преку методи кои поттикнуваат искуствено учење, било да се тоа посети, решавање на проблеми, симулација, бизнис игри. Препораката е одите некаде каде што навистина ќе добиете искуство, а не само едукација.

Бидејќи нашата мисија е да градиме претприемачки општества, ние си го сработуваме она што е првенствено во нашиот двор, во Македонија. ЦЕФЕ Македонија и нашите членови креираа два нови центри во Штип и во Струмица коишто активно работат на внесување на претприемништвото во образовниот систем. Тие работат со наставници и професори во основни и средни школи и на универзитети. Зошто се важни да се изградат претприемачките капацитети на наставниците и на професорите? Просто, за тие да бидат попретприемчиви и тоа да го пренесуваат на нивните ученици – односно да градат претприемчиви генерации. 

Покрај тоа што го работиме тоа во нашиот двор одиме и на интернационално ниво. Имавме едно искуство пред три години каде што отворавме нови ЦЕФЕ центри во Јамајка и во Чиле и сега оваа година имаме проект преку ERASMUS+ програмата каде што се отвораат нови центри за претприемништво, се градат нови капацитети за правење претприемачки општества во Уганда, Бугарија, Турција, Венецуела, Филипини и во Македонија. Преку овој проект ги охрабрувам и ги поканувам другите организации да не размислуваат само локално, туку она што го имаат како добра пракса во локална смисла да го прошират и да го дадат и глобално. 

Со ова искуство кое ни се овозможи преку ERASMUS+ програмата, ние можеме да ги видиме проблемите со коишто се соочуваат претприемачите и младите луѓе и нивниот пристап кон проблемот и финансирањето на бизнисите не само во Македонија, туку и разбираме како е во Уганда, во Венецуела, на Филипините итн. Да видиме какви можности има во Бугарија, како е во Турција, како е во ЕУ и сл. Капацитетот на една организација која гледа од аспект на пет различни континенти е многу поинаков отколку ако имаш само локална перспектива. Ова го споменувам само за да ги охрабрам други организации и компании дека сега е достапно да ја шириш својата добра практика не само кај нас, туку и во светот и на тој начин да ја шириш својата мисија и да креираш нова вредност за младите и за луѓето во остатокот од светот.

Сподели!
- Advertisement -