1.8 C
Skopje
вторник, ноември 29, 2022

Како да кажете Sorry на оригинален начин? Одговорот го имаат Симона и Наташа со уникатните пралини на „Витаминка“

Kabtel desktop

Е па, отсега ги имате чоколадните пралини во форма на солза на Витаминка кои штотуку го здогледаа сонцето на пазарот, спакувани во една убава кутија со боја која се опишува како кога синото и зеленото ќе се сретнат некаде заедно …. со име Sorry.

И ова не е приказна за уште еден продукт кој онака ќе си најде место по рафтовите на маректите. Ова е прв пример кај нас модерниот маркетинг да се јави како иницијатор за нов бренд кој ќе биде во љубовна афера со купувачите.

Тренд кој во светот има светли примери, а кај нас ова е прв обид кој токму заради пионерскиот чекор добива уште поголема вредност.

Агенцијата НАВИГАТОРС се јавува како инспиратор, а ВИТАМИНКА го прифаќа проектот со кој потврдува дека ја краси проактивен дух и е играч на пазарот кој не се задоволува со играње на одбрана на брендовите и нивниот квалитет, туку играат континуирано офанзива.

Интервју со Симона Симоновска – шеф на маркетинг во Витаминка и Наташа Дукоска –  извршен директор во Навигаторс

Новинарка | Љубица Ангелкова

Фотограф • Наќе Батев

Локација • Гранап маркети

Како се роди идејата за новиот оригинален продукт SORRY?

Наташа: Ентони Хопкинс во едно интервју вели: јас грешам, јас сум стар грешник  (I am an old sinner…), кој како и сите ние впрочем, многу и постојано грешиме. И невозможно е да не грешиме. Сепак мостовите кои ги градиме одново, веројатно се состојат од признавање на таа грешка и извинување за истата. Јас лично често доцнам, друг заборава важни датуми, трет ненамерно кажува нешто неумесно. Така, еден ден влегувам на работа и викам: -„Добро како да се извинам, како да надополнам? Merci купувам кога сакам да се заблагодарам. Зошто нема бонбониера Sorry?” На колешката Нена веднаш и светнува и охрабрува:  „Па да направиме идејно решение и да предложиме…”. „На кого?” – прашувам, а одговорот стигнува: „На Витаминка, на најголемата компанија кај нас”. Останатото е историја …

Ова е прв производ на нашиот пазар на кондиторски производи каде се здружуваат различни креативни сили, па оттука SORRY по дизајн, форма, вкус, но и маркетинг кампања е различен од другите… Како одеше процесот на создавање?

Симона: Навистина SORRY е прв и уникатен по многу нешта, започнувајќи од идејата за соработка и концептот. Како компанија што под својот чадор има десетици силни брендови и се покажала како успешна во создавањето и градењето на моќен бренд и производ, создавањето на SORRY нè води во една друга констелација, каде што демонстрираме отвореност за соработка и партнерство. Во создавањето и концептот на овој бренд совршено се вкомпонирани оригиналната идеја, што Витаминка секогаш знае да ја препознае, големото искуство во создавање брендови коешто толку пати сме го докажале, современи трендови, потребата на пазарот и секако еден невообичаен и единствен вкус. Уникатноста на Сори доаѓаше од повеќе страни, аспекти што успеавме веднаш да ги претвориме во вистински вредности што му се потребни на секој еден производ за да биде успешен и да опстои на пазарот меѓу различна конкуренција. А останатото е само добро менаџирање на фазите и постапките.

Со компаниите треба да се знае да се управува, со стратегиите да се балансира, а со кампањите да се предвиди успехот. Како вие тука дозиравте во случајот со SORRY?

Симона: Витаминка има посебен пристап при создавањето брендови, за што најгласно зборуваат и самите Стоби Флипс, Атлантис, Цевитана, Витанез, Кечап на Витаминка, Брилијант, Дафинка, брендови што се присутни и по 40 години и поврзуваат различни генерации. Речиси и да нема дом каде што нема барем 2-3 од нашите брендови и производи, тие станале дел од навиките и од секојдневието. Тука е умешноста и знаењето на Витаминка во креирањето на своите брендови. Создаваме приказни преку кои се поврзуваат потрошувачите и брендовите и така стануваат нераскинлив дел животот, од сите ситуации, од сите среќни моменти, прослави, заеднички семејни средби. И тука ќе биде и SORRY како порака но многу повеќе како вкус, како единствен и уникатен производ што се истакнува и повикува, како вредност кон која сите тежнееме но не секогаш имаме начин и храброст да ја искажеме. И ова е само почеток, SORRY ќе покаже многу нови карактеристики и вредности, пред сè поседува глобален и космополитски призвук што отвора многу можности. Но, да не кажуваме се пред време, да оставиме SORRY да ја создаде својата приказна.

Брендовите се окосница на работењето на Витаминка. Како компанија која го чувствува светот во кој секој производ има стотини итерации, нивните брендови е една врска на гаранција за квалитет. Колку е тоа предизвик, а колку обврска?

Симона: Предизвик е да создадете квалитет што се истакнува и што живее со години и генерации. Навистина е потребно знаење, искуство и јасна цел да се постигне тоа. Предизвик е околу овој квалитет да се обединуваат различни генерации а уште поголем предизвик е истиот квалитет да излегува од локалните рамки и да се позиционира рамноправно на странски пазари покрај мноштво светски брендови. А откако ќе го постигнете тоа, одговорност и обврска е да го одржите квалитетот, да го надградите, самите да си поставите повисоки стандарди, да ги антиципирате движењата на пазарот и да излезете први со она што им е потребно на потрошувачите и што недостига на пазарот. И токму тука е SORRY и ги содржи сите овие вредности и затоа е бренд што започнува една приказна со многу продолженија.

Светските дизајнери сонуваат за шанса да бидат вклучени во креирање на нов бренд, а маркетинг агенциите пак да создадат неверојатна приказна по која ќе станат познати. Па така сме сведоци на светски нови брендови на чоколада кои не ги прават ни чоколатери ни технолози, туку се производ на експерти во маркетинг и дизајн. Македонија го следи тој пример преку Вас? Кои се плановите со SORRY?

Наташа: Еднаш си кажав: сонуваме за шанса каде ние ќе предложиме нешто, а некој ќе нè послуша. Им благодариме на Витаминка, но најмногу на генералниот директор Сашо Наумоски што ја препозна идејата и како компанија што го прифатија ризикот да склучат партнерство со една мала маркетинг агенција на пазарот, а со тоа и да влезат во потфат кој пред сè значи огромна инвестиција: производство, пакување, дизајн, дистрибуција, позиционирање, маркетинг кампања. Им препорачувам на големите компании да го следат “фраерскиот” пример на Витаминка, кој верувам  десеткратно ќе им се врати, бидејќи покажаа слух за идеја, за концепт без притоа да имаат каква било предрасуда од кого и колкав доаѓа истата. Поклон! Инаку плановите за Sorry се регионални, а потоа стискаме палци за меѓународна приказна. Конечно сите го знаеме магичниот збор sorry, зар не?

На кој славен лик би сакале да му кажете SORRY  со вашите пралини?

Наташа: Да речеме на… Бредли Купер. Sorry што мислевме дека си само убаво лице, ти си прекрасен актер, пејач, продуцент па и режисер! Со тоа би сакале да се извиниме и на сите атрактивни луѓе кои веднаш се перципираат дека се површни ако се допадливи. Убавината, оригиналноста или успехот може да се проклетство во овој свет.

Симона, некаде прочитав дека Вашиот татко Ви бил идол, а Вашата мајка посебна инспирација. Но, скоро се му должите на својот дедо кој е еден од визионерите на Витаминка. Каков пример сакате Вие да оставите на вашите деца?

Пред да почнам со работа во Витаминка, еден извесен приод работев во фирма за сметководство и ревизија. Тоа беше желба на мојот татко, којашто со задоволство ја испочитував и ни еден ден не се покајав за истата. Неговата желба беше да научам и видам како доаѓаат и одат парите во многу различни мали и големи фирми, и водев нивно сметководство. Таму научив дека не доаѓа се така лесно и се може да замине во пропаст доколку парите не се трошат правилно и рационално. Сега во Витаминка работам маркетинг што е многу спротивно од она што мислев дека ќе работам кога се запишав на факултет. Како што и самата забележа мојот татко ми е идол. И да, се гордеам на неговата добрина, хуманост, на неговата способност да води компанија како Витаминка, и што и покрај сите обврски и грижата кон сите вработени, ние како семејство никогаш не почувствувавме недостиг од внимание и љубов. Мојата мајка е столбот, онаа која секогаш нè држи сите еден до друг, онаа која ме научи како јас во иднина да го држам моето семејство, сопругот и децата заедно и сплотени. Но тоа што сме денес, и тоа што сме го постигнале му го должиме на мојот дедо Симон, кој е сега среќен прадедо и сè уште не ја остава работата дури и на негови 81 година. Кога би се вратиле наназад и видиме од каде почнала оваа Витаминка што ја знаеме денес, би останале без зборови. Кога ја слушаме историјата за Витаминка од 1974 година, сфаќаме што изградил и направил Симон, и за тоа сме му бескрајно благодарни него и на неговата поддршка сите овие години, неговата сопруга а мојата баба. Денешниот гигант Витаминка некогаш била само една зграда каде се произведувал црвен пипер а денес нашето портфолио е околу 500 производи каде не се вклучени голем број private label производи за купувачи ширум европските земји, но тоа е долга приказна која би ја оставила за некој следен пат.

И овде е содржан примерот што сакам и јас да го пренесам и што во голема мера е внесен како вредност во секој бренд на Витаминка. Јас сум личност која од дете сака да ги слуша мудростите од моите баби и дедовци и се водам во животот често од тоа што сум го научила од нив, како и се што ме научиле моите родители. На моите деца од се срце би се трудела да им пренесам – да бидат сложни и да останат големо и сложно семејство. Семејството е богатството на животот, да бидат сложни браќа и сестри – како јас со мојот брат, да имаат меѓусебна почит и кон секого, разбирање и да бидат хумани. Мојот татко ме научи дека „раката која дава не се суши!” И токму врз овие вредности, дедо ми и татко ми ја изградија Витаминка, како едно големо и единствено семејство, пред кое не постојат непремостливи пречки. Семејство повеќе од систем каде што инспиративно се создаваат вредностите кои понатаму се внесуваат во брендовите како Стоби флипс, Цевитана и сега Sorry.

ПР Агенцијата Навигаторс, отсекогаш го имала тој хипстерски пристап на креирање и возење кампањи на клиенти. Тоа беше видливо со креативните индустрии и настани за кои работевте, но успеавте да го наметнете и на компанија која силни стратегии за маркетинг ја определуваат. Која е магичната формула да се биде свој?

Наташа: Ти благодарам за опсервацијата, ништо не ти поминува незабележано како и секогаш! Формулата е токму тоа – да се биде свој! Нема компании со силни и слаби стратегии, има лидери кои се визионери. А ако наидете на таков кој и дополнително има и моќ  – НЕБОТО Е ГРАНИЦА!

Секако ние ќе продолжиме да мечтаеме без да ни биде sorry што можеби пропуштаме некоја “конфекција”!

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!