18.8 C
Skopje
петок, август 12, 2022

Македонската друштвена игра Living Globally стана дигитална! Пислевиќ: Целта ми е да влезе во училиштата!

Kabtel desktop

Климатските промени и нивните влијанија и последици е едно од наследствата кои оваа генерација ќе им ги остави на младите луѓе. Тоа е причина повеќе што едно од главните прашања со кои треба да се занимава образовниот систем во земјавата е како да ги научиме што повеќе за нив и за процесот на митигација и адаптација. Бидејќи знаењата за борбата за здрава животна средина ќе бидат нивната можеби најважна вештина за десетина или дваесет години.

Едукација и подготовка на младите за соочување со климатските промени и заштитата на животната средина надвор од класичните училници е целта на играта Living Globally, која ја креираше младата Јасмина Пислевиќ. Инспирирана од своето искуство во образовниот процес и недостатокот од едукација за прашањата за животната средина, Јасмина вели дека освен Living Globally, во иднина планира да креира повеќе друштвени игри со поспецифични теми, фокусирани на одржливо живеење и заштита на животна средина.

Новинар – Сања Наумовска

Јасмина, вашата игра Living Globally неодамна ја доби и својата дигитална верзија. Колку време ја развивате и кога ќе биде достапна за сите заинтересирани играчи?

Играта Living Globally, која од скоро ја доби своја дигитална верзија достапна за тестирање на овој линк  ја создадов во текот на 2018 година, на мојот истражувачки престој на Техничкиот институт Карлсруе, во Карлсруе, Германија. Идејата произлезе од потребата за образување и вклучување на младите на темата климатски промени и заштита на животна средина преку концептот на жива лабораторија, или образовна средина која не е класична училница и нуди интерактивен пристап на учење, како примерот на Фаб Лаб.

Првичната идеја беше да биде наменета само за жителите во градот и посетителите на живата лабораторија, па затоа беа направени само два прототипа. Но, интересот се прошири, со тоа и потребата играта да се преведе на англиски и македонски јазик, а исто така и нејзиниот изглед да се направи попривлечен за широката јавност. Идејата за да се испечати и како друштвена игра да биде достапна за користење во образовните институции беше спречена од пандемијата на Ковид 19 и физичките ограничувања кои ги наметна. Од таа причина се насочивме на дигитализирање на играта, но сепак го задржавме и концептот на друштвена игра за која е потребно четири играчи да бидат истовремено вклучени на платформата и да го доживеат истото искуство како играње со физичка верзија. Тоа им е овозможено преку платформата Tabletopia преку која играта во моментов се пристапува само преку обезбеден линк, а од септември ќе биде слободно достапна на самата платформа. Содржината на Living Globally е разбирлива за возрасно ниво од 12 години, па натаму. Тестирањето со над 100 играчи од различна возраст, покажа дека нема горна возрасна граница.

Споменавте дека планирате да ја внесете во образовниот систем. Кој е бенефитот за младите?

Во моментов играта Living Globally може да се применува како дополнителна активност или како дел од предметите во кои се изучуваат природни науки. Исто така, како алатка за исполнување на критериумите за покривање на активности поврзани со екологија и животна средина.  За да може играта да се внесе во формалниот образовен систем потребно е да биде прифатена од Бирото за развој на образование, кое досега не покажа интерес. Но, се надеваме дека со измените во образовниот систем ќе можеме повеќе да влијаеме и да биде земена предвид.

Што те инспирираше да направиш едукативна игра на тема климатски промени и екологија?

Уште како студентка на Машинскиот факултет во Скопје, на отсекот Енергетика и екологија, почнав со ангажмани како едукатор за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност во невладиниот сектор. Со тоа и добив можност да придонесам кон внесување на позитивни измени во образовниот процес, кои мене ми недостигаа како ученичка, од една страна, а од друга страна да ја спроведам мојата мисија за зголемување на свесноста за потребата од заштита на животна средина. Потоа и дипломската работа ја направив на тема енергетска ефикасност, па магистерската на тема за хидроенергија, кои беа и главна инспирација за содржината на играта. Кога се соочив со предизвикот дека треба да создадам алатка за ангажирање и образување на младите на темата животна средина, климатски промени и енергетска ефиксност, моето образование со мојот интерес добија природен спој кој резултираше со играта Living Globally.

Како се игра Living Globally?

Четири играчи одбираат улога по случаен избор, одбираат своја куќа и добиваат одредена сума на финансиски токени за почеток на играта.  Улогите претставуваат ликови со различен начин на живот кој го среќаваме во нашето секојдневие. Секоја од улогите има три нивоа на развој низ играта согласно текот на играта, и секој започнува со свој одреден начин на живот. Следствено, секој веќе има свој отпечаток од CO2 емисии и одредена финасиска заработка по круг. Играчите одредуваат кој ќе почне прв, и во следните кругови почетниот играч се менува во круг. Понатаму, се отваараат картичките т.н. – надградби кои содржат по три избори за материјална или нематеријална надградба на сопствениот начин на живот кои имаат различно краткорочно и долгорочно влијание како врз CO2 емисиите, така и врз финансиската состојба. Секој од играчите прави избор и избраната надградба ја поставува околу својата куќа, и согласно вредностите за направениот избор ги усогласува вредностите за глобални и лични CO2 емисии, заработката по круг и плаќа со финасиските токени. По завршување на тој процес, играчите влечат од картичките акции и настани и постапуваат по нив, по што одредуваат кој од играчите го има постигнато предизвикот поставен за тој круг и следствено добиваат награда. По завршување на кругот, збирот од лични CO2 емисии се додава на глобалниот бројач кој ја има централната улога во играта.

Планирате ли да ја надоградите оваа верзија на играта? Или пак да ја понудите и како board game?

Според интересот што се покажува и ефектот од самата игра, откако ќе ја заклучиме оваа верзија, ќе продолжиме со проширување на нејзината понуда. Па така, бидејќи сега е ограничена на четири играчи кои мораат да играат во исто време, во следната верзија таа ќе биде достапна за играње од два до шест играчи и ќе има повеќе типови на улоги.

Исто така, во процес сме на барање инвестиции како би можеле да испечатиме и физички копии и истите да ги дистрибуираме на комерцијалниот пазар. А во подалечна иднина, ќе следат и повеќе игри со поспецифични теми фокусирани на одржливо живеење и заштита на животна средина.

Што се однесува до целните пазари, првично сакаме Living Globally да ја пласираме на македонскиот пазар, а понатаму и во Германија и Соединети Американски Држави, како нации со силна култура на играње на друштвени игри. А паралелно ќе ја презентираме и понудиме и на Балканските држави.

Практикувате социјално претприемништво. Каква е вашата соработка со други слични организации?

Living Globally со своето влијание врз подобрување на животните услови на граѓаните и насочување на играчите кон практики за заштита на животна средина, покрива дел од целите на социјалното претприемништво. Оттука, имаме склучено иницијални соработки за можно взаемно делување со Treebanks, Fashion Revolution Македонија, ЦЕФЕ Македонија, ЛАГ Агро Лидер, Фондација за Агро-Едукација и ЛЕАД.

Следствено, како застапничка на концептите за одржливо живеење, климатски промени и социјалното претприемништво, а на основа на мојата специјалност, преку ЛЕАД сум менторка на UpShift програмата за животна средина на УНИЦЕФ Македонија, а преку Фондацијата за Агро-Едукација на Ерасмус+ проектот за социјално претприемништво – M.O.T.H.E.R

Кој е тимот што стои зад Living Globally?

Многу сум благодарна до моето најблиско опкружување без кое реализацијата, развојот и издржливоста за да се пробива патот на Living Globally не би била возможна. Повеќе членови имаа директно влијание врз целиот овој процес, но јадрото се состои од Звонко Димоски, кој е одговорен за покривање на концептот на социјално претприемништво и образовниот ефект на играта, Душица Мирковска за анализата на бизнис аспектите на концептот, Крунислав Мирковски за развојот на веб страната и корисничкото искуство, Кристијан Лазовски за содржината и динамиката на играта, Владимир Поповски за илустрацијата и Милош Ристоски за графичкиот дизајн.

Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!