Во мисија за подобра и почиста животна средина граѓанската организација од Гевгелија „Еко лајф“ во партнерство со „Еко тим исток“ од Кочани изработува иновативни еко плочки од отпадна пластика и песок за надворешна употреба кои се погодни за поплочување дворови, игралишта, тротоари и други надворешни површини.
„Оваа идеја произлезе како пресликување на проект кој е веќе направен и завршен во Ерменија. Таму е направен истиот процес, набавени се истите машини и направен е ваков иновативен еко-производ – плочки од отпадна пластика и песок. Ние заедно како две здуженија ‘Еко лајф’ и ‘Еко тим исток’ видовме дека нашите региони и цела држава имаат потреба од ваков производ и со цел за намалување на отпадната пластика креиравме проект кој произлезе од два паралелни проекти. Едниот проект е во Гевгелија, а другиот во Кочани“, вели за Мета.мк Драгица Чобанова од „Еко лајф“.
Таа додава дека не располагаат со точна статистика колку пластика завршува во депониите во овие региони, затоа што податоците се застарени, но генерално се собираат огромни количини пластика, па затоа изработката на овие плочки значи и намалување на загадувањето на животната средина.
„Користиме повеќе видови на отпадна пластика. ПЕТ, полипропилен, полиетилен, ХДП. Значи сите овие се кратенки од пластиките, народски да кажам, за да биде поразбиливо – тврда пластика. Претежно станува збор за пластика која е дефицит и која не се реупотребува. Тоа е всушност нашата цел. Да можеме пластиката која реално не се рециклира да ја реупотребиме токму во нашиот производ, бидејќи е возможно на тој начин да се намали присуството оваа пластика во депоните“, објаснува Чобанова.
Таа потенцира дека процесот на изработка на овие плочки воопшто не е едноставен и бара секојдневно истражување, бидејќи станува збор за полуавтоматски процес.
„Самиот процес започнува со селекција и дробење на отпадната пластика, а потоа отпадната пластика се меша во сооднос 50-50 со сепариран ситен песок. Потоа, таа смеса се става во електричен диструдер, истата се топи и потоа излегува како стопена смеса, како мастика и се мери на вага, значи околу 750 до 800 грама тежи една плочка кога се пресува на електрична преса. Плочките така пресувани се ставаат во ладилник или калибратот со цел да не ја изгубат нивната форма и така добиваме конечен производ“, објаснува таа.
Во моментов, плочките ги прават тројца вработени кои можат да направат од пет до осум метри квадратни во еден ден. Затоа, таа смета дека имаат потреба од зголемување на бројот на вработени.
„Имаме потреба од повеќе луѓе. Самиот процес бара двосменско работење, да не речам и тросменско работење, поради тоа што екструдерот е печка која треба да биде вклучена цело време и да не се гаси. Поради тоа што сме социјално претпријатие ги опфаќаме лицата кои се од ранливи категории. Во моментов имаме вработени лица кои долго време не биле вработени, а се повозрасни од 29 години. Исто така планираме во иднина да вработиме и лица како што се самохрани родители и лица со лесна попреченост. Не можеме да ги опфатиме луѓето со потешка попреченост затоа што станува збор за управување со машина. Ромите исто така ни се таргет група на вработени, со тоа што би сакале да им дадеме можност да имаат трајна егзистенција. Како што тие ни се потребни на нас, сметам дека и ние сме им потребни ним со цел да се оствари кружна економија“, нагласи Драгица.
Во однос на тоа колку се издржливи овие плочки во сподерба со, на пример, бекатон плочките кои се изработуваат од бетон, испитувањата покажале дека се многу поиздржливи на временски услови и надворешни влијанија.
„Поради тоа што самиот процес е иновативен, не постои одреден стандард според кој треба да се тестираат овие плочки. Затоа овие плочки се тестирани по стандардот на бекатон плочките во СИМ, во Заводот за испитување во Скопје. И согласно податоците што ги добивме од самиот институт и според податоците што се направени за бекатон плочките, драстична е разликата колку се поиздржливи и колку не впиваат влага. Не реагираат на надворешни влијанија, не се кршливи. Значи многу, многу е мал на процентот на кршливост. Многу се поиздржливи од бекатон плочките“, објаснува Драгица за Мета.мк.
Еко плочките се изработуваат во рамки на проектот „Вработување на ранливи групи граѓани во производство на еко плочки за надворешна употреба и воспоставување на систем за правилно управување со отпадна пластика и негово одржување“, финансиран од страна на „Центар за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој” (ЦеПроСАРД), а е регрантиран од Европската Унија преку проектот „Поддршка на социјалните претпријатија следејќи го принципот – Не оставај никој зад себе”.
(Meta.mk)