Нена Јоновска, дипломирана економистка и магистер по односи со јавност, чија животна страст и моментален бизнис е јогата за лице позната како face yoga. Во разговор за Иновативност таа вели дека одговорите на разни прашања таа ги барала преку различни интереси и едукации низ Европа, патувања и запознавање различни луѓе. На тој пат во студентските денови таа првпат се заљубува во Јога како филозофија и дисциплина, испробува разни стилови за вежбање, а пред четири години дознава за Face yoga. Ја завршува првата едукација под водство на Даниел Колинс, а понатаму своето знаење од областа на лицето го доусовршува на Face Yoga Academia by Ivana во Загреб, Gua sha Teacher Training кај Кејти Блејк.
Денес Нена има свое студио во Скопје и ја шири мисијата за Face yoga, и на тој пат стекнува многу следбеници. На тема FACE YOGA детално со Нена Јоновска.
Разговараше – Верица Јорданова
За почеток, објаснете ни што всушност е face yoga и кои се придобивките од практикување face yoga?
Face Yoga иницијално е метод којшто покрај класични вежби за речиси 60 мускули на нашето лице вклучува и самомасажни техники, Gua sha и акупресурни техники и таа комбинација на свесна активација на мускулите допринесува за подобра циркулација, подобра работа на лимфниот систем, го смалува стресот и тензијата и во целина го подига имунитетот и благососотојбата на организмот. На долг рок ни овозможува да ја задоволуваме нашата потреба да изгледаме добро и негувано која не води напред.
Пред се, јогата за лице ни го подобрува расположението, а потоа чувствуваме дека се подобрува тонусот на мускулите, лицето природно се подига и измазнува (со стимулација на мускулите се активираат клетките кои го стимулираат производство на структурните протеини Колаген и Еластин), се намалуваат болките во вратот, виличниот зглоб и главата, подобро се спие, лицето подобро се исхранува и прочистува од вишокот течности и токсини.
Oд каде и како ви дојде инспирацијата да се занимавате со ова и подоцна да отворите студио во Скопје?
Во моментот кога Face yoga ја препознав како решение кое ќе ми помогне во природната нега, купив литература која ме инспирираше сите вежби да ги испробам уште веднаш и тогаш почувствував дека нешто се случува, дека лицето се буди и освестува. Потоа истражував кои се експертите во областа и се запишав на едукација.
Отсекогаш сум сметала дека знаењето треба да се дели, а благодетите што ми ги носи мене Face yoga верував ќе им донесе убави промен и на другите кои ќе започнат да ја практикуваат. Така дојде идејата веќе постоечкиот простор да го пренаменам за оваа цел.
Како одеше патот на пробивање до клиентите? За што најмногу се интересираат тие? Запознаени ли се со придобивките од овој тип на јога?
Јавноста можеше за првпат да слушне за мене преку мојот instargram профил _mi.mi.ka_ кој органски го градам и преку кој споделувам информации со кои сакам да ги мотивирам оние кои ме следат да ги користат своите способности и неискористени потенцијални за нега, здравје и убавина.
На почетокот довербата ми ја даваа главно жени кои беа запознаени со придобивките, но не знаеја како да ги применуваат техниките, сакаа да се релаксираат и да го избришат уморот од лицето. По еден месец тие почнуваа да забележуваат и други промени на лицето. Тие многу ми помогнаа да се рашири приказната.
Во меѓувреме ја запознав Јана Цветковска Лазаревска, сопственичка на македонскиот козметички бренд Игнеа со која ги споивме страстите за нега на лице и заедно нудиме пакет за нега на лице “fit face“ кој прави спој на природна арома еко козметика и face yoga и со заеднички сили ја подигаме свеста за природната нега која полека расте и тоа многу ме радува.
Најчести слаби точки за кои ми се обраќаат луѓето, а произлегуваат од стресниот начин на живот и долгиот престој пред електирчни уреди во седечка и свиткана позиција се т.н. tech neck, односно проблеми со виличен зглоб, подбрадок и ретренирање на мимичките обрасци кои настануваат помеѓу веѓите и челото.
Кој е профилот на клиенти во вашето Face Yoga Studio?
Главно тоа се вработени жени над 30 години кои сакаат да се негуваат природно и да уживаат во процесот на промени со фокус на одредени регии. Но, можам да кажам дека и мажите покажуваат освестеност и потреба од оваа практика.
Се зголемува интересот од организации кои се грижат за благосотојбата на своите вработени и се одлучуваат да им ја овозможат оваа пракса во текот или по работниот ден зашто на тој начин се подобрува нивната продуктивност.
Раскажете ни малку за придобивките од овој тип на јога кои претспоставувам не се само од естетска природа?
Вашата претпоставка е точна. Но за да донесеме убави промени на лицето, освен грижата за лицето мора да се грижиме за целиот систем, односно да имаме тенденција да живееме во поголем склад со себе си и да го оптимизираме здравјето одвнатре. Тоа значи да ги препознаваме и елиминираме животните навики кои го исфрлаат телото од рамнотежа и да градиме pro age пристап кон стареењето што не дозволува хронолошката возраст и стереотипите околу стареењето да не ограничуваат во изборите кои ги правиме.
Лицето е мапа на нашето физичко и нефизичко тело (од емотивни и ментални сосотојби) и преку него може да прочитаме одредена нерамнотежа која настанала одвнатре и да ја менуваме преку лицето.
Со face yoga ја менуваме емотивната состојба преку релаксација на тензиите кои настанале со одредени мимики кои задржуваат негативни емоции како на пример загриженост, тага или лутина во кои не сакаме да останеме заробени.
Брчките се нашите внатрешни состојби изразени преку мимки кои се повторувале, а со намалување на еластичноста кожата не може да се врати во првобитната состојба. Нашиот мозок овие мимики ги препознава како опасност и соодветно лачи хормони и го припрема телото за flight & fight. Обратно, кога се отпуштаат тензиите од лицето се релаксира и телото и почнуваат да циркулираат пријатни емоции и се враќаме во состојба на rest & digest.
Истo така, со face yoga самодовербата расте зашто знаеме дека правиме нешто добро за себе си и за лицето и превземаме одговорност во свои раце за тоа како старееме. Најчесто ни се прикажува дека сме немоќни во процесот на стареење и ни треба помош од различни индустрии, а тоа не е точно. Ќе остареме сите, но како, тоа зависи исклучиво од нас.
Дали овие вежби треба да се комбинираат со некој посебен режим на исхрана или со други промени во животниот стил?
Она што внесуваме тоа стануваме и она што повторливо го правиме тоа сме ние.
Лично сметам дека треба да го слушаме телото, да препознаваме што му треба и посебно во моменти кога поради филозофски убедувања исклучуваме одредена храна. Важно е да се храниме што поразновидно, да не се прејадуваме и да имаме подолги паузи помеѓу последниот и првиот оброк.
За убава кожа треба да се избегнува премногу преработувана и препржена храна. Премногу алкохол и цигари истотака не се добредојдени. Суплементацијата е дискутабилна и добро е да биде со препорака, а не на своја рака. Omega 3 влијае на еластичноста на кожата и aко не можеме да го внесеме од природен извор тогаш може да се зема како додаток. За цврстината на кожата и синтеза на колагенот помага Vitamin C. Козметиката која содржи Витамин Ц се препорачува да се комбинираат со SPF ако остануваме подолго на сонце. За кожата важна е козметиката и заштита од UVA/UVB, а од друга страна пожелно е да се внесе Vitamin D природно да се синтетизира од UV.
Хидратацијата треба да е постојана и засолена, за да не дојде до целосно перење на органзимот. Многу е важно да се движиме, зашто кога нема движење настанува стагнација.
Важно е навремено препознавање и управување со стресот, додека повремени шокови терапии со ладна вода или сауна колку и да се стресни се добри за имунитетот (ова не е за секој).
Релаксирање на разни начини и регуларен сон или Beauty sleep поради можноста за користење на придобивките од мелатонинот кој се лачи во целосен мрак и е најмоќниот антиоксиданс кој помага за регенерација на целото тело.
Ништо не е апсолутно лошо ни апсолутно добро, потребно е да не се преминуваат граници на добар вкус во однесувањето кон телото.
Клучни препораки до сите кои сакаат да го задржат младешкиот изглед што подолго?
Од моето досегашно работење и она што го имам како сознание генетиката е важна, но уште поважно е како живееме, тоа е епигенетика. Со добропознати навики за здрав животен стил може да си помогнеме подолго да траеме на планетава. A Face Yoga е поддршка на здравиот начин на живот.
Ако на стареењето гледаме како неизбежен процес во кој се менуваме и стануваме наша најдобра верзија во секоја смисла тоа значи постојано себеоткривање, љубопитност и храброст да правиме што повеќе работи кои не радуваат и носат задоволство кои се исцртуваат на лицето наспроти идеалот за вечна младост.
Колку во светски рамки е популарна јогата за лице?
Во последните 20-на години во западниот светот се знае за оваа практика, а моментално е светски тренд за разлика од источните традиции кои илјадници години наназад ја користат електричната компонента на дланките и Gua sha во своите ритуали за убавина.
Во кој правец планирате да се развивате понатаму? Каде лично се гледате вие и вашето студио?
Моментално сум посветена на месечните циклуси кои ги држам во моето студио. Со драги соработници подготвуваме Beauty retreats на почетокот на есента и ги поканувам читателите да ме заследат, да бидат во тек и ако се во можност да ни се приклучат.
Перспективно студиото го гледам на on line платформа за практикантите да можат кога сакаат и од каде сaкаат да вежбаат Face Yoga. Лично јас многу ја засакав кинеската традиционална медицина и инспирацијата за работа најмногу ми доаѓа оттаму.