Официјално отворен Саемот за енергетика и технологија ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024

- Advertisement -

Меѓународниот саем за енергетика и технологија – ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024, денеска ги отвори вратите за посетителите во Арената „Борис Трајковски“. Саемот официјално го прогласи за отворен г-ѓа Сања Божиновска, Министер за енергетика, рударство и минерални суровини, а свои поздравни обраќања имаа и г-дин Изет Меџити, Прв заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање и Даниела Глигоровска, Генерален директор на Скопски саем.

„Со овогодинашниот слоган ‘Вклучи одржлиуви навики’, ставен е акцент на важноста на успешната енергетска транзиција кон зелена енергија, што всушност е наша долгорочна цел за енергетската иднина на Македонија. Настаните како Енерго Технома се исклучително важни на патот кон обезбедување енергетски одржлива и ефикасна држава. Потенцијалот за обновлива енергија во нашата земја е огромен, а една од задачите на Министерството за енергетика и рударство е создавање услови, кои поттикнуваат иновации и напредок во овој сектор“, истакна министерката Божиновска.

- Advertisement -

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити изрази задоволство што е дел од манифестација, која повторно се организира по подолг период.

„Се радувам што повторно се организира оваа манифетација, бидејќи ваквите средби се одлична можност за претставување на индустриското стопанство и најновите достигнувања во областа на технологијата кај нас и во регионот. Нашата определба како Министерство и како Влада за зелена трансформација, како една од важните цели од европскиот зелен договор бара зајакнување на ефикасната употреба на ресурсите, со преминување во чиста циркуларна економија, враќање на биодиверзитетот и намалување на загадувањето“, рече Првиот заменик претседател на Владата, Меџити.

- Advertisement -

Генералниот директор на Скопски саем, Даниела Глигоровска посочи дека Саемот Енерго Технома повторно се организира по шест години, овојпат со малку поинаков фокус кон енергетиката и технологијата, кои ја одразуваат динамиката на современите предизвици и можности во индустријата.

„Оваа саемска манифестација претставува клучен настан од областа на енергетиката и техничките иновации и претставува важна платформа за размена на знаења, искуства и технологии, кои го обликуваат нашиот регион и пошироко. Саемот Енерго Технома не е само изложбен простор за најновите производи и услуги, туку претставува место каде што се отвораат нови перспективи и се градат партнерства. Оваа манифестација е одраз на нашата заедничка заложба за иновативни решенија, одржливост и унапредување на енергетскиот сектор, кој е од суштинско значење за економскиот развој и квалитетот на животот во нашето општество“, истакна Глигоровска.

- Advertisement -

ЕНЕРГО ТЕХНОМА оваа година е посветен на зелени решенија и иновативни технологии, со цел да ги истакне најновите технолошки достигнувања и стратегии за справување со глобалните енергетски предизвици. За време на трите дена од саемот, ќе се претстават повеќе од 30 водечки компании од Македонија и од регионот, кои ќе ги претстават своите најсовремени производи, технологии и услуги, фокусирани на обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, автоматизација и модерни технолошки процеси.

Работно време на саемот е од 10.00 до 18.00 часот, во трите дена на саемот од 29ти до 31ви октомври, во Арена Борис Трајковски.

Сподели!
- Advertisement -