Овој дводневен настан вклучи над 35 врвни експерти од земјата и од странство, кои споделија најдобри практики и стратегии за подобрување на среќата и благосостојбата на работното место и постави темел за позитивни промени во корпоративната култура во земјата.
Во рамки на настанот организиран од М6 Едукативниот центар, се одржаа 4 панел дискусии и 12 работилници, чија главна тема беше креирањето здрава работна средина, која вклучува отворена комуникација, политики за рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот, култура на почит и инклузивност, како и континуирано учење и развој. Дискусиите ги охрабрија учесниците да размислуваат не само за улогата на компаниите, туку и за личната одговорност на секој вработен во создавањето на таква работна средина.
Овој настан е дел од платформата Чекор Наред кој М6 го спроведува минатите години. Оваа година преку внесување на свежина кај македонските компании и вработени со темата за здрава работна средина. М6 се приклучи кон глобалната иницијатива за среќа на работното место и ја претставува Македонија во оваа иницијатива – „Интернационална недела за среќа на работно место“.
„Овој потег не само што ја нагласува нашата посветеност кон развојот на компаниите, туку и кон создавање општество во кое среќата, благосостојбата и продуктивноста се клучните двигатели на развојот и успехот. Креирање на организациона култура која промовира здрава работна средина и соработка води кон мотивиран тим, кој е основа за постигнување резултати, извор на иновации, соработка и трајна лојалност“, изјави г-ѓа Елена Младеновска Јеленковиќ, директор на М6 Едукативен центар.
Истражувањето кое М6 го спроведе, а чии резултати беа презентирани на настанот, покажа дека компаниите често се фокусираат на помалку битни сегменти, што создава јаз помеѓу реалноста и потребите на вработените. Како резултат, многу компании се соочуваат со предизвикот на одлив на работници, што доведува до уште поголеми проблеми за компаниите.
Покрај 4 панел дискусии кои обработуваа теми поврзани со растот на компаниите и индивидуите, учесниците можеа да учествуваат и практично да искусат различни методологии и пракси за личен раст и развој.
Настанот придонесе учесниците да ја зголемат свесноста и да добијат нови идеи и инспирација да ги применат научените стратегии во своите компании, што ќе доведе до поголема продуктивност, зголемен ангажман и, конечно, создавање на задоволни и мотивирани тимови.
Настанот го поддржаа Винарија Тиквеш, Македонски Телеком, Комерцијална Банка АД Скопје, Би Милк, Импала, Виталиа, Ватердроп, Специјал, Кожувчанка, Пелинковац Антик и ТБМ Груп.
М6 Едукативен центар постои веќе 17 години и во својата мисија за позитивна трансформација на индивидуите, компаниите и општеството преку платформата ЧЕКОР НАПРЕД, редовно иницира и разработува теми и нуди решенија за важни прашања кои ги засегаат граѓаните и организациите во државата.