Мистериозен пулсар со бавно вртење им пркоси на астрономските теории, го предизвикува нашето разбирање за овие ѕвезди и открива потенцијална нова класа – зомби ѕвездата.
Необична пропадната ѕвезда откриена на оддалеченост од 13.000 светлосни години ги натера астрономите да ги преиспитаат постоечките астрономски теории. Откриен во јануари 2024 година од радио телескопот ASKAP во Западна Австралија, ѕвездениот објект, наречен ASKAP J1839-0756, може да претставува дотогаш невиден тип на пулсар.
Пулсарите, остатоците од супермасивните ѕвезди, обично се вртат брзо, испуштајќи радио бранови од нивните магнетни полови со секоја ротација. Повеќето пулсари завршуваат повеќе од една ротација во секунда. Сепак, ASKAP J1839-0756 ротира со исклучително бавна брзина од 6,45 часа по ротација, што е рекорд меѓу познатите пулсари.
ASKAP J1839-0756, исто така, има интерпулс, послаб сигнал емитиран од неговиот спротивен магнетен пол, што означува уште една невидена нова карактеристика. Првичните анализи сугерираа дека тоа би можело да биде бело џуџе, но тим на научници го отфрли тоа во студијата објавена во списанието Nature Astronomy.
Никогаш не сме виделе изолирано бело џуџе што емитува радио пулсирања и нашата пресметка сугерира дека е премногу големо за да биде изолирано бело џуџе врз основа на својствата на пулсот, објасни Џошуа Ли, астроном од Универзитетот во Сиднеј и еден од авторите на новата студија.
Друга разгледувана хипотеза беше дека објектот може да биде магнетар, односно неутронска ѕвезда со екстремно магнетно поле. Иако досега е пронајден сличен магнетар со ротација од 6,67 часа, тој испушта само рендгенски зраци. Ако ѕвездата е изолиран магнетар, таа би била првата што емитува фреквенција на радио бранови со толку бавен период, рече Маниша Калеб, главен автор на студијата од Универзитетот во Сиднеј.
(Zimo,dnevnik.hr)
Фото – Flickr