Отворен првиот Центар за поправки во Скопје-„Ништо ново“

- Advertisement -

Здружението АРНО свечено го отвори првиот Центар за поправки во Скопје – „Ништо Ново“, лоциран во општина Кисела Вода. Ова е прв ваков простор во градот каде граѓаните ќе можат самите да прават поправки,  да учат нови вештини, да се разменуваат со предмети кои не им се потребни, да изнајмат алат и да дадат поддршка на зеленото социјално претприемништво. Центарот е иницијатива на АРНО, финансиран преку ЕУ проектот ЕИЦЕЕ, во соработка со општина Кисела Вода која дава поддршка преку обезбеден простор и режиски трошоци.

Настанот го отвори Ирина Јаневска, претседателка на АРНО, која ја раскажа инспиративната приказна зад концептот. „Сѐ почна пред осум години, кога за првпат го видовме Риперај во Ријека. Веднаш знаевме дека и Скопје заслужува вакво место. По години упорност, со средства од ЕУ и многу предизвици – конечно сме тука. ‘Ништо Ново’ не е само име, туку филозофија:да не фрламе, да поправаме, да придонесеме кон помалку отпад, зошто токму превенцијата на отпад е клучна во циркуларната економија. Рециклирањето е скапо и неисплатливо. А конзумеризмот мораме да го освестиме. Центарот го посветувам на татко ми – инженер кој од три расипани тостери правеше еден што работи. Од него научив дека поправките не се само вештина – тоа е начин на живеење, кој на Македонците, балканците  не им е нов.“

- Advertisement -

Санда Ракочевиќ, регионалната координаторка на ЕИЦЕЕ проектот (АДП Ѕид) ја пренесе регионалната перспектива: „Овој центар е дел од пошироко движење кое се случува во Западен Балкан. Ние сме прегорди што во рамки на овој проект се отворија  места за иновација, таканаречени „makerspaces“ во Подгорица, Ниш, Сараево, Печ – и со ова Скопје станува дел од мрежата што го поттикнува циркуларниот економски модел. Во Подгорица се прават лампи од стари винил плочи, прототипи на соларни панели од рециклирани елементи, со помош на 3д печатачи, ЦНЦ машини. Во Скопје ќе имате можност да поправате.“

Антоно Даниловски од АРНО ги презентираше содржините на Центарот: „Во ’Ништо Ново‘ граѓаните ќе можат да острaт ножеви, поправат тротинети, сменат кабли, зашијат облека, исчистат тастатура, наполнат батерии – самостојно, користејќи ја опремата што ја обезбедивме. Центарот има лемилици, шивачки машини, алати – и секако, ќе има организирани работилници, како онаа со дизајнерката Ирина Тошева за која пријавувањето е веќе во тек.“

- Advertisement -

Ирина Јаневска  упати апел за поддршка: „Центарот е бесплатен за користење за граѓаните на Кисела Вода, и за останатите граѓани кои пак доколку сакаат и се во можност, можат да оставаат донации, тие секако ќе се наменети за ситни набавки. Искрено, бараме поддршка од компании и донатори за неговата одржливост. Ќе имаме библиотека на предмети – на пример, машини за чистење со вода под висок притисок, вертикална пегла на пареа, бормашини, и други алати и предмети кои ќе може да се изнајмат по симболична цена. Планираме и точење на  средства без амбалажа (течен сапун, детергнет и сл) затоа што веруваме во живот со помалку пластика. Имаме и мини, концептуална, продавничка со зелени производи од социјални претпријатија – ова е само почеток.“

„Ништо Ново“ е центар од граѓанска организација– за граѓаните. Простор за учење, поправки, разменотеки и солидарност. Приказна што штотуку почнува, со визија да се шири и расте, за поодржливо и позелено Скопје.

Сподели!
- Advertisement -