Најново од Прилепска Пиварница, еден од водечките производители на пиво во земјава, е Златен Даб Амбер. Ова премиум лагер пиво создадено од врвни состојки, е најнова екстензија на Златен Даб и се карактеризира со килибарна боја ,густа пена и уникатен вкус. Од Пиварницата објаснуваат дека Амбер е резултат на најсовремена технологија на производство, која гарантира врвно уживање. Токму за технологијата која стои зад најновиот Златен Даб разговаравме со заменик-генералниот директор на Прилепска Пиварница, Панде Самарџиоска
Разговараше – Верица Јорданова
Како се роди идејата за создавање на ново Amber пиво во Прилепска Пиварница?
Идејата за ново Амбер пиво тлееше подолго време, инспирирана од сплет на повеќе компоненти од кои се разбира, примарно беше да се одговори на барањата на конзументите од неколкукратните истражувања на пазарот направени во последниве години. Понатаму еднакво инспиративна беше и желбата на компанијата да го заокружи стогодишното етаблирано постоење со воведување на еден нов производ кој ќе ги обедини новите современи технологии и спомените на карамелните мириси и вкусови од едни времиња.
Дали креирањето на ова пиво беше одговор на некој конкретен тренд или барање на потрошувачите?
Како што веќе спомнав, во неколкуте обемни и детални истражувања на пазарот, потрошувачите нагласуваа потреба од дополнителен вид на пиво со подоминантно буке и изразен вкус и боја, избалансирана јачина и свежина, за разлика од доминантно присутните пива на пазарот окарактеризирани како лесни, светли, освежителни лагер пива. Нашиот одговор на овие е барања се преточи во Златен Даб Амбер пивото.
Што го прави Amber пивото различно од останатите пива во вашето портфолио?
Фината и избалансирана комбинација на различни видови слад, без додатоци на несладувани житарици како пченкарен гриз и ориз, во согласност со соодветната технологија во процесите ги овозможуваат специфичните погореспоменати карактеристики на пивото Амбер, со кои тоа се издвојува од останатите пива во нашето портфолио, а и воопшто на нашиот пазар.
Кои состојки се користат и дали има некоја посебна компонента или технологија што го прави уникатно?
Сите состојки од кои се прави пивото се природни, што дава посебна вредност на пивото во денешни времиња. Станува збор само за неколку состојки: вода, јачменов слад, несладувани житарици (не неопходно), хмељ и пивски квасец кој ја извршува ферментацијата. Во составот на Амбер има избалансирана комбинација на сладови, од кои еден е карамелен (light caramel malt) што му дава посебна автентичност и нема додатоци на несладувани житарици кои би замениле одреден процент од основниот јачменов слад. Во еден сегмент од производните процеси воведена е поинаква технологија.

Каков профил на вкус има ова пиво? Кој тип на пивопијци го сакаат најмногу?
Амбер е пиво од 100% јачменов слад со богат вкус и нежна карамелна арома, килибарна боја, фина рамнотежа меѓу горчината и сладоста, стабилна густа пена и освежителна аура. Наменето е за пивопијците кои стремат кон различности и вариетети, бараат побогат вкус и јачина и боја, и такви кои воглавно своите искуства и навики ги стекнувале во земјите посеверно од нас, во земјите од централна Европа.
Дали во производството на Amber пивото е применета нова или поинаква технологија во споредба со досегашните?
Да, во еден сегмент од долготрајниот и комплексен процес на производство на пиво, воведена е поинаква технологија, а се однесува на постапката на деградација на високомолекуларните шеќери во ферментабилни шеќери, преку инфузиона постапка, наместо декокциона.

Кои се најзначајните предизвици во технолошкиот процес при создавање на ваков тип на пиво?
Процесот на производство на секое пиво, па така и на конкретново, е комплексен и долготраен и бара исклучително внимание и навремено активно проследување на секоја фаза до финален производ. Особено работата со жив организам каков што е пивскиот квасец, бара постојан надзор, исклучителна хигиена и добро планирање. За пиварците тоа е постојан предизвик, но истовремено и задоволство.
Колку време траеше развојот, од идеја до финален производ? Кој е тимот кој стои потпишан зад Amber?
Идејата сама по себе како што веќе нагласив, се обликуваше подолго време, но од моментот кога презедовме активности за нејзина реализација, па се до појавата на финален производ поминаа 7-8 месеци. Тимот кој посветено и одговорно се вложи во реализација не само на овој производ, но и на овој проект е мултидисциплинарен! Зад него стојат исправено поединци од сите области во процесите на компанијата, кои ревносно, сложно и координирано се посветија во реализацијата. Тоа се луѓе од областа на производство, лабораторија, одржување, маркетинг, логистика, продажба. Сите се значајна алка во ланецот на процесите за успешно лансирање на новиот производ.
Какви се првичните реакции од пазарот и потрошувачите на Amber пивото?
Златен Даб Амбер штотуку се појави на пазарот, пред само неколку недели и се уште е рано да сумираме некакви заклучоци, но првичните реакции се пријатно изненадувачки. Потрошувачите кои го конзумирале имаат позитивни реакции и испраќаат пријатни сигнали, на наше големо задоволство.
Какви се моменталните глобални трендови во пивската индустрија, особено во однос на вкусовите и навиките на потрошувачите?
Пивската индустрија е многу динамична и предизвикувачка. Пивото и неговите суровини, кои имаат безброј вариетети, се податни за таквите динамики. Еден подолг период од десетици години, глобалните трендови водеа кон развој на така наречените крафт пивари кои имаа тенденција да се доближуваат до потрошувачите преку енормен број вариетети на вкусови, понекогаш и чудни, форсирајќи ја персоналната релација со поединецот, но не секогаш успеваа да го одржат стандардниот вкус и квалитет. Последниве години овој тренд е во стагнација, па дури и благ пад. Наспроти тоа во голем раст, гледално глобално, е производството на безалкохолни пива, кои пробиваат и во останатите сегменти на пазарот на безалкохолни пијалаци. Значаен процент од потрошувачите на глобално ниво го прифаќаат овој тренд.
Во кој правец се движат вкусовите на домашниот и интернационалниот пазар?
За интернационалниот пазар веќе спомнав погоре, а на домашниот пазар воглавно доминираат вкусовите на освежителни, високо преврели, без голем заостаток на екстракт и хранливост, полесни лагер пива, што соодветствува на климата на регионот во кој што се наоѓаме. Се разбира, потребата од разноликост во вкусовите, поголем избор за различни прилики и потребата од инвативност, се се понагласени особено кај младите, во последниве години.
Кои се следните чекори на Прилепска Пиварница – дали се планираат нови вкусови, експанзија или нови производни линии?
Развојните планови на Прилепска пиварница се движат во сите три насоки од вашето прашање. Набрзо пиварницата ќе се појави на пазарот и со нов вкус во доменот на безалкохолните освежителни пијалоци. Својот пазарен простор и понатаму, но поинтензивно ќе го насочува кон извоз особено во соседните земји, се разбира одржувајќи го фокусот постојано на домашниот пазар. Инвестицискиот циклус во постојано модернизирање на своите технологии и зголемување на капацитетите за пиварницата не е прекинат. И оваа година работиме на проект за модернизација на еден од производните погони во пиварницата, чија реализација ќе се заклучи следната година.