Американската вселенска агенција НАСА објави дека мисијата PRIMA (PRobe far-Infrared Mission for Astrophysics – Мисија со сонда за далечно-инфрацрвена астрофизика), дизајнирана за проучување на историјата и еволуцијата на универзумот, преминува во следната фаза на развој. Мисијата опфаќа изградба на нов вселенски телескоп – прв од новата класа на астрофизички проекти на НАСА познати како Probe Explorer“ (сонди-истражувачи), кои функционираат во рамките на долгогодишната програма на агенцијата Explorers.
НАСА ја избра мисијата PRIMA за премин во Фазата Б. Во оваа фаза прелиминарниот дизајн и технологијата дополнително се усовршуваат. Пред да се премине кон реализација во Фазата Ц, проектот мора да помине низ преглед за потврда во однос на неговата техничка и програмска изводливост, како и изводливоста во поглед на трошоците. Доколку биде одобрен, трошоците за проектот ќе бидат ограничени на 1,2 милијарди долари, без да се вклучат трошоците за лансирање и други дополнителни расходи.
Лансирањето на опсерваторијата е предвидено за 2033 година, а планираното времетраење на мисијата е пет години.
Идниот вселенски телескоп со дијаметар од 1,8 метри ќе врши прецизни набљудувања на универзумот во опсегот на далечното инфрацрвено зрачење. Ова ќе го пополни јазот помеѓу постоечките инфрацрвени опсерватории – како што е вселенскиот телескоп James Webb (кој работи во блискиот и средниот инфрацрвен спектар) – и радиотелескопите. Преку проучување на зрачната енергија во спектарот на далечното инфрацрвено зрачење, PRIMA ќе може да даде одговори на прашањата за потеклото на планетите надвор од Сончевиот систем, развојот на галаксиите и црните дупки, како и за акумулацијата на прашина и тешки елементи низ космичката историја. Според планот, телескопот треба да биде „паркиран“ во Лагранжовата точка L2, како „сосед“ на телескопот Webb и неодамна лансираниот телескоп Roman.
Со мисијата PRIMA ќе управува Лабораторијата за млазен погон (JPL) на НАСА во Јужна Калифорнија, со учество на вселенските центри Годард и Маршал. Во проектот учествуваат и меѓународни партнери: агенции од Франција, Италија, Германија, Канада, Јужна Кореја и Јапонија, како и Вселенската агенција на Обединетото Кралство.
Програмата Explorers е најстарата активна програма на НАСА, започната со цел да се овозможат чести и достапни мисии во вселената предводени од главни истражувачи. Од лансирањето на сателитот Explorer 1 во јануари 1958 година, со кој беа откриени радијациските појаси на Земјата, во рамките на програмата се спроведени повеќе од 100 мисии. Меѓу нив се издвојуваат Uhuru и Cosmic Background Explorer, чии истражувања донесоа и Нобелови награди.
(Bug.hr)
(фото: Pexels/Scott Lord)




























