Митко Апостолов креираше иновативна триделна сложувалка, дизајнот може бесплатeно да се симнува за 3Д печатење

- Advertisement -

Иновативната коцка-сложувалка „Passtrough Cube Puzzle“, која секој може да ја симне и да ја испечати на 3Д печатач, е најновиот дизајн на македонскиот дизајнер Митко Апостолов. Уникатноста на триделната сложувалка е што сите делови се идентични што овозможува да се добијат комбинации во различни бои.

Апостолов вели дека дизајнот е бесплатен, може да се најде и да се  симне и испечати на популарната платформа MakerWorld. За неполни два месеци има околу 6.000 симнувања, а коментарите на љубителите на ваков тип на рекреација се позитивни.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Митко, еден од вашите најнови дизајни е интересна сложувалка „Passtrough Cube Puzzle“. Кажете ни како изгледа и што е уникатно за неа?

- Advertisement -

Passtrough Cube Puzzle – Или во превод разминувачка коцка-сложувалка е всушност коцка која што е поделена со три осносиметрични и циклични спирални површини, чија оска на ротација поминува низ големата дијагонала на оската. Овој дизајн е наменет за FDM (Fused Deposition Modeling) 3D печатење иако може да се изработи и со традиционални методи како инјектирање или обработки со отстранување на материјал. Сепак предноста на 3Д печатењето е во тоа да се изработи само тоа што треба, без да се инвестира во скапи алати. Друга работа што ја прави оваа коцка уникатна е тоа што трите дела се печатат одеднаш и склопено (Print in place) овозможувајќи скратено време на печатање и помалку користење на материјал. Сите три дела се идентични меѓу себе што овозможува да се добијат комбинации во различни бои во зависност од материјалот (филамент). Дизајнот е објавен бесплатно да се симне и испечати на популарната платформа MakerWorld каде што дизајнери од целиот свет ги објавуваат своите креации.

Што ве инспирираше да дизајнирате ваква сложувалка?

- Advertisement -

Обожавам геометриски предизвици а овој тип на „разминувачки“ дизајни се доста популарни во светот на 3Д печатењето, па и јас сакав да направам нешто ново и нешто што се разликува од постоечките.

Каков е интересот за симнување досега и какви се коментарите на оние кои ја испечатиле?

Оваа коцка е наменета за сите љубители на сложувалки и играчки кои може да се произведат на 3Д печатач. Посебно зошто самиот начин на кој што 3Д печатачите работат овозможува да се се создадат нови уникатни дизајни кои досега биле невозможни со традиционалните методи. Досега, за неполни два месеци има околу 6000 симнувања и околу 500 позитивни коментари. Корисниците на Makerworld во своите коментари низ фотографии ги објавуваат и нивните печатења на коцката и на кој начин ги искомбинирале материјалите од кои е направена. Можам да кажам дека се фасцинирани од самиот дизајн и лесниот начин на кој се печати.

Раскажете ни го процесот на креирање, колку време траеше и што беа најголемите предизвици?

Најпрво идејата беше коцката да биде поделена на два симетрични дела. Иако ова е сосем можно, дизајнот не беше симетричен на начинот на кој што е со триделна поделба. Еден месец и шест прототипи подоцна успеав да испечатам коцка на начин кој што е повторлив и со мала шанса за неуспех. Најголем предизвик беше „floating regions“ – тоа се региони од геометријата кои лебдат над основата за печатање па беше потребно ивиците да се заоблат за да се овозможи таканаречно „tree support“ односно потпирање во облик на дрво. Ова само допринесе за уште поубава форма на коцката.

Со дизајн се занимавате подолго време. Кажете ни нешто повеќе за вашата работа, какви дизајни сте креирале досега?

Со дизајн и конструкција се занимавам целиот работен век. По вокација сум машински инженер и специјалист за алати за калапирање и леење.
Во рамките на моите работни ангажмани имам конструирано алати за леење на улични капаци, шахти, вентили, хидранти и урбана опрема. Од неодамна на македонскиот пазар може да се пронајдат и уникатните паркинг блокатор и дворскиот камин/огниште FireFly кој не создава чад при горењето.

Какви се вашите планови за во иднина?

Во иднина целосно ќе се посветам на креирање на 3D печатени сложувалки и играчки. Со последните исчекори направени во технологијата на 3D печатење се отвора нова ера на начинот на кој што ги дизајнираме производите, како и колку ги употребуваме материјалите, како ги планираме процесите на производство и секако начинот на кој тие стигаат до крајните корисници.

Сподели!
- Advertisement -