Што може македонскиот бизнис да научи од Кина за AI и дигиталната трансформација?

- Advertisement -

Вештачката интелигенција, автоматизацијата и дигиталните платформи сè почесто се во фокусот на компаниите и кај нас. Но искуството од една од најдинамичните дигитални економии во светот покажува дека технологијата сама по себе не е доволна за трансформација на бизнисот.

Токму тоа е една од главните теми во новата е-книга „21 ден во Кина: 21 лекција за AI, дигиталната економија и иднината на бизнисот“ на Марјан Вучковиќ, создадена по неговата 21-дневна студиска и професионална посета на Кина во 2026 година.

- Advertisement -

Наместо класичен патопис, книгата ги претвора искуствата од Кина во 21 практична лекција за компании и лидери – од вештачка интелигенција и податоци, до е-трговија, логистика, дигитални екосистеми, организациски промени и брзината со која компаниите ги тестираат и надградуваат своите модели.

AI не е почетната точка

- Advertisement -

Едно од позначајните согледувања на Вучковиќ е дека во Кина AI сè помалку се третира како издвоена технолошка тема, а сè повеќе како алатка интегрирана во постојните системи и процеси.

Во производството, логистиката, е-трговијата, финансиите и јавните услуги, прашањето не е само која AI технологија да се воведе, туку кој конкретен проблем треба да се реши и каков резултат треба да се постигне.

- Advertisement -

Оттука произлегува и една од централните пораки во книгата:

„AI не може да ги поправи хаотичните процеси. Тој само ги забрзува. Ако процесот е добар, AI ќе го направи уште подобар. Ако е лош — AI само ќе ја забрза грешката.“

За компаниите кои денес размислуваат за воведување AI, пораката е едноставна: пред алгоритмите доаѓаат процесите, податоците и луѓето.

Податоците пред технологијата

Втората лекција е поврзана со начинот на кој компаниите гледаат на дигитализацијата.

Често првиот чекор е набавка на нов софтвер, платформа или систем. Но технологијата сама по себе не создава вредност доколку организацијата не знае како да ги користи информациите што ги генерира.

Во книгата ова е сумирано со една кратка теза:

„Дигиталната економија не започнува со AI. Таа започнува со доверба во податоците.“

Податоците стануваат вистински капитал дури кога се претвораат во подобри одлуки – за клиентите, продажбата, производите, цените, операциите или инвестициите.

Токму тука можеби се наоѓа една од најприменливите лекции и за македонските компании: дигитализацијата не треба да се мери според бројот на воведени системи, туку според тоа дали тие овозможуваат подобро функционирање и подобри деловни одлуки.

Брзината не значи импровизација

За време на патувањето низ Пекинг, Шиџијажуанг, Хангжу и Иву, авторот забележува уште една карактеристика на кинескиот пристап – брзината со која идеите се претвораат во практични решенија.

Нови модели се започнуваат, тестираат и мерат. Ако функционираат, се прошируваат. Ако не функционираат, се менуваат.

Но тоа не значи дека брзината е резултат на импровизација. Напротив, една од лекциите во книгата е дека брзината бара систем.

Компаниите кои побрзо учат од пазарот, ги мерат резултатите и го подобруваат она што веќе го имаат, можат побрзо да се приспособат од оние што чекаат совршено решение пред да започнат.

Дигиталната трансформација никогаш не е целосно завршена

Искуството од Кина во книгата не е претставено како приказна за земја во која дигиталната трансформација е завршена.

Напротив.

Технологијата се менува, пазарите се менуваат, а со нив мора да се менуваат и компаниите. Затоа дигиталната трансформација не е проект со почетен и краен датум, туку континуирано прилагодување на луѓето и процесите кон пазарните промени.

Тоа подразбира и постојано развивање на вештините на вработените. Најсовремениот систем има ограничена вредност доколку луѓето што треба да го користат не се развиваат паралелно со него.

21 ден, 21 лекција

Книгата е резултат на учеството на Марјан Вучковиќ на меѓународната програма „Seminar on Digital Economy Development and Capacity Building for SME“, како претставник на Минт Група, организирано од Министерството за трговија на Кина и Универзитетот за економија и бизнис Хебеј, во соработка со Амбасадата на НР Кина во Скопје.

Во рамките на програмата биле посетени компании, универзитети, индустриски и логистички центри и дигитални екосистеми, со теми од AI и роботика до е-трговија, паметни градови, финтек и индустриска дигитализација.

Наместо обид кинескиот модел едноставно да се преслика во македонски услови, книгата ги издвојува принципите што можат да бидат применливи и во други средини.

Можеби најважниот меѓу нив е и наједноставниот: технологијата не е целта. Таа има вредност само кога решава конкретен проблем и создава подобар систем.

„21 ден во Кина: 21 лекција за AI, дигиталната економија и иднината на бизнисот“ е авторско издание на Марјан Вучковиќ, објавено во 2026 година и бесплатно достапно на македонски и англиски јазик.

Преземете ја бесплатно книгата „21 ден во Кина“, регистрирано со ISBN 978-608-67638-0-0 и COBISS.MK-ID 69604357.

- Advertisement -