Капацитетот на батериите останува една од клучните работи при избор на нов телефон, а новите извештаи покажуваат дека Samsung развива значително поголеми батерии отколку што е случај денес. Според информациите,, компанијата тестира двојни ќелии базирани на силициум-јаглерод технологија, кои достигнуваат капацитет до 20.000 mAh, што е четири пати повеќе од 5.000 mAh на моделот Galaxy S25 Ultra.
Оваа технологија се разликува од стандардните литиум-јонски батерии по тоа што користи силициум-јаглерод анода, што овозможува поголем капацитет без големо зголемување на волуменот. Сепак, иако претходно имаше индикации дека вакви батерии би можеле да се појават на серијата Galaxy S26, најновите информации покажуваат дека тоа нема да биде случај.
Според прелиминарните информации, проблемите со подувување на батериите сè уште постојат и го спречуваат масовното производство. Samsung има болна историја со проблеми со батериите и нема да ризикува сè додека решението не биде целосно стабилно и безбедно.
Затоа, не се очекуваат поголеми подобрувања за моделот Galaxy S26 Ultra, кој треба да пристигне во февруари. Според претходните најави, можно е само скромно зголемување на околу 5.200 mAh, што е минимално подобрување во споредба со неговиот претходник.
Сепак, перспективите се оптимистички: ако развојот продолжи според планот, во следната година или две се очекуваат телефони со батерии што можат да издржат два или три дена употреба помеѓу полнењата, што би претставувало една од најголемите промени во индустријата за мобилни телефони во последната деценија.
(Tech Radar)



