Додека Данска и Гренланд ја отфрлаат идејата, администрацијата на Доналд Трамп размислува за купување или нова форма на сојуз како стратешки потег на Арктикот. Соединетите Американски Држави би можеле да платат до 700 милијарди долари доколку ја постигнат целта на претседателот Доналд Трамп за купување на Гренланд, објави NBC, повикувајќи се на три лица запознаени со проценката на трошоците.
Проценката е изработена од академици и поранешни американски функционери како дел од амбицијата на Трамп да го стекне островот од 2,16 милиони квадратни километри како стратешка тампон-зона во Арктикот против главните американски ривали.
Гренланд, полуавтономна територија на Кралството Данска, не е на продажба. Функционерите во Данска и Гренланд ги отфрлија тврдењата на Трамп дека САД ќе го добијат Гренланд „на еден или друг начин“. Сепак, висок функционер на Белата куќа изјави дека на државниот секретар Марко Рубио му е наложено да изготви предлог за купување на Гренланд во наредните недели, опишувајќи го планот како висок приоритет за Трамп. Рубио и потпретседателот Џ.Д. Венс се сретнаа со дански и гренландски претставници, кои отпатуваа во Вашингтон за да добијат појасна слика за намерите и предлозите на Трамп.
Сепак, состанокот не доведе до промена на ставот на Трамп за стекнувањето на Гренланд. Пораките на владата на Гренланд пред состаноците беа конзистентни.
„Гренланд не сака да биде во сопственост, администриран или дел од Соединетите Американски Држави. Ние го избираме Гренланд каков што го знаеме денес, како дел од Кралството Данска“, изјави министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, по пристигнувањето во Вашингтон.
Министерката за бизнис и минерални ресурси на Гренланд, Наја Натансен, изјави дека пораките од Соединетите Американски Држави предизвикуваат сериозна загриженост кај островјаните.
“Ова навистина доминира во секојдневните разговори во домаќинствата. Ова е огромен притисок под кој сме и луѓето ги чувствуваат ефектите“, рече Натансен на прес-конференција во Лондон.
И покрај нејзините загрижености, Натансен додаде:
- “Немаме намера да станеме Американци”.
Според американски функционер запознаен со ова прашање, САД веќе можат, според постојните договори, да распоредат повеќе војници во Гренланд и да ги прошират своите воени и безбедносни капацитети.
Додека некои членови на администрацијата на Трамп дури ја споменаа можноста за употреба на воена сила за преземање на островот со население од околу 57.000, други функционери и сојузници на Белата куќа веруваат дека купувањето или воспоставувањето нова форма на сојуз е многу пореално сценарио.
Една опција што се разгледува е таканаречен договор за слободна асоцијација со Гренланд, кој би вклучувал финансиска помош од САД во замена за дозволување на безбедносно присуство на САД, објави NBC News.
САД веќе имаат слични договори со Маршалските Острови, федералните д00ржави Микронезија и Република Палау. Вклучувањето на Гренланд во таков аранжман би можело да задоволи дел од пошироката визија на Трамп за американска хегемонија на Западната хемисфера и би било значително поевтино од проценетата цена на купување, која е помеѓу 500 и 700 милијарди долари.
За потсетување, САД се согласија да ги купат карипските острови од Данска во 1916 година, а за возврат признаа дека „нема да имаат забелешки“ данската влада да ги задржи политичките и економските интереси во целиот Гренланд, според договорот од тоа време.



























