Кои се најпопуларните дестинации за одмор во моментов? Глобалниот сајт за споредба на изнајмување автомобили DiscoverCars.com откри кои туристички дестинации биле најпосетувани во 2025 година,ж врз основа на односот на туристите и локалното население. На врвот на листата е Дубровник – градот со најголем број туристи на 100 жители.
Сепак, ако сакате да ги избегнете гужвите и да пронајдете потивки дестинации, постои и друга страна на листата. Истражувањето вклучува и градови со најнизок однос на туристите и локалното население – идеални за оние кои бараат скриени бисери или едноставно бараат промена.
Истражувањето користи податоци од извештајот Euromonitor Top 100 City Destinations 2025, како и дополнителни извори како што се туристички портали и официјални веб-страници на градовите за да се утврди бројот на жители.
Овие податоци потоа се споредени со бројот на меѓународни туристи кои ги посетиле градовите во текот на 2025 година. Градовите се рангирани според односот на туристите и жителите, а резултатите се поделени во три категории: глобални, европски градови и градови во САД. Исто така, земени се предвид и интерни податоци за цените на изнајмување автомобили од 13 до 19 април.
Градови со најмногу туристи во светот
Дубровник, Хрватска
Дубровник го освои првото место. Овој волшебен град минатата година го посетиле дури 6,5 милиони меѓународни туристи, додека има население од околу 40.000. Ова значи дека имало дури 16.250 туристи на 100 локални жители.
Овој резултат потврдува дека историскиот шарм и крајбрежната убавина на Дубровник се уште се високо на листата на желби на патниците ширум светот. Иако бројот на туристи постојано расте, градот ја спроведува иницијативата „Почитувај го градот“ за да го направи туризмот поодржлив и попријатен и за жителите и за посетителите.
Една од главните атракции е Стариот град, кој е на списокот на светско наследство на УНЕСКО. Неговата популарност порасна уште повеќе откако служеше како Кралско пристаниште во ТВ серијата “Игра на тронови”.
Доколку планирате посета, размислете за еднодневен излет на полуостровот Пељешац, каде што можете да посетите историски градови како Стон или села како Жуљана – далеку од толпите.
Венеција и Фиренца, Италија
Италија, исто така, се најде високо на листата. Венеција се најде на третото место, а Фиренца на седмото.
Венеција ја посетија 10,6 милиони туристи, додека градот има население од околу 250.000, што значи 4.240 туристи на 100 жители. Значајни знаменитости се базиликата Свети Марко и Дуждовата палата.
Фиренца ја посетија 7,3 милиони туристи, или 2.028 туристи на 100 жители. Како главен град на Тоскана, таа е позната по својата ренесансна уметност и архитектура, а меѓу главните атракции се Дуомо и галеријата Уфици со дела од големи мајстори како Ботичели и Караваџо.
На листата се наоѓаат и:
Рејкјавик, Исланд
Женева, Швајцарија
Порто, Португалија
Пукет, Тајланд
Лисабон, Португалија
Единбург, Обединето Кралство
Атина, Грција
Сите овие градови бележат огромен број посетители во однос на нивното население, што ги прави вистински туристички жаришта.
Градови со најмалку туристи
Од другата страна на листата се градовите каде што туристите сочинуваат значително помал дел од населението. На прво место е Каиро, со само 11 туристи на 100 жители, и покрај богатата историја и знаменитости како што се Пирамидите во Гиза. Следат Џакарта и Сао Паоло, додека Мексико Сити и Токио се исто така на листата. Иако се исклучително популарни, нивната голема популација значи дека туристите не доминираат во нив.
Европа и САД
Во Европа, иако градови како Истанбул, Лондон, Берлин и Рим се меѓу најпосетуваните, големата популација значи дека односот на туристите кон локалното население е помал.
Во САД, Орландо, познат по своите тематски паркови, го предводи патот, по што следат Њујорк, Лас Вегас, Лос Анџелес и Сан Франциско.






























