Цените на нафтата на светските пазари денес паднаа за повеќе од три проценти, на најниско ниво во последните неколку недели, објавува Политка. Ова дојде по извештаите дека САД и Иран би можеле да постигнат привремен мировен договор, со кој би се ставил крај на конфликтот што предизвика нарушувања на енергетските пазари во последните месеци, објави „Трејдинг економикс“.
Според податоците од „Оил Прајс“, референтната сурова нафта Брент се тргуваше по околу 87,5 долари за барел во саботата, а американската сурова нафта WTI беше 84,8 долари за барел.
Според иранската новинска агенција Мехр, нацрт-договорот меѓу Вашингтон и Техеран содржи 14 точки, вклучувајќи укинување на санкциите за извоз на иранска нафта и повторно отворање на Ормутскиот теснец во рок од 30 дена.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот би можел да биде потпишан уште овој викенд во Европа, додека медиумските извештаи наведуваат дека договорот би можел да вклучува и одмрзнување на иранските средства во странство, суспендирање на санкциите и повлекување на американските сили од регионот.
Падот на цените на нафтата ги одразува очекувањата на инвеститорите дека евентуалниот договор би овозможил поголем извоз на иранска нафта на светскиот пазар и би го намалил ризикот од прекини во снабдувањето со енергија.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека неизвесноста сè уште останува поради безбедносната состојба во Ормутскиот теснец, еден од најважните светски патишта за транспорт на нафта.
Во последните недели се регистрирани напади со беспилотни летала врз трговски бродови, додека Иран претходно се закани дека ќе продолжи со блокадата на овој воден пат.
Фото – Pixabay



























