Супстанција присутна во руколата и другите зеленчуци од родот на зелките, вклучувајќи брокула и прокељ, може да помогне во спречувањето на дебелината и ублажување на последиците од исхраната богата со масти, според ново истражување на италијански научници.
Студијата, објавена во научното списание Phytotherapy Research, е спроведена под водство на Универзитетот во Пиза, со учество на истражувачи од Болоња, Фиренца и Неапол. Научниците ги проучувале ефектите на глукоеруцинот, соединение кое природно се наоѓа во зеленчукот од семејството брасика, вклучувајќи рукола, брокула и зелка. Истражувањето е спроведено на глувци со дебелина предизвикана од исхрана богата со масти.
По 10 недели животните кои примиле глукоеруцин имале помало зголемување на телесната тежина во споредба со контролната група, како и пониски нивоа на шеќер во крвта и триглицериди, со помало акумулирање на масно ткиво во абдоминалната област. Истражувачите, исто така, забележале значителни промени во масното ткиво.
Масниte клетки биле помали, помалку воспалени и поактивни во трошењето на енергија.
Според студијата, глукоеруцинот го поттикнува процесот познат како „кафеавење“ на белото масно ткиво, при што ги добива карактеристиките на кафеавата маст, што троши повеќе енергија и придонесува за поефикасен метаболизам.
Авторите на студијата наведуваат дека оваа супстанција не само што го намалува акумулирањето на масти, туку и го прави масното ткиво метаболички поактивно, што му овозможува на телото поефикасно да согорува калории наместо да ги складира.
Студијата, исто така, покажа зголемени нивоа на хормонот иризин кај животните кои примале глукоеруцин. Иризинот го произведуваат мускулите и е познато дека го стимулира трошењето на енергија и согорувањето на калории.
Научниците нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се потврдат ефектите на глукоеруцинот кај луѓето.
(Euronews)
(фото: Raw Pixel)



























